Па, можеби и би било така, кога како народ би поседувале основна политичка култура и пред се би не интересирало колку плаќаме данок, колку тој данок е низок-висок, што прави власта со наши пари, колку од животните проблеми ни се решени, колку странски инвестиции се влезени оваа година, колку власта е транспарентна кога се работи за нашите народни пари, колку ни се високи платите, каков ни е стандардот, колкава е стапката на невработеност итн.
Политичка култура не значи да знаеме се за приватниот живот на политичарите, нивните имиња и родители, туку дали тој се збогатил на наша сметка, политичка култура не значи што нашиот премиер кажал туку што направил. Политичка култура значи да ги знаеме основните законски обврски кои ги имаме кон државата, но и обратното, треба и мораме да знаеме кои се обврските на државата кон нас, бидејќи таа неможе да функционира без НАРОД.
Претпоставувам дека како народ ќе мора да се образуваме на оваа тема ама, не на факултетите отворени во секое село, не ни треба факултетска диплома за да видиме што се случува во здравството, образованието, социјалата, полицијата и Парламентот.
Драги мои сограѓани, поминаа две години од предвремените парламентарни избори на кои Вие избравте три пратеника на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово да ги застапуваат вашите интереси во Парламентот на Македонија. Па ве прашувам, дали ве вработија, донесоа капитални инвестиции во градот, изградија ли училишта, патишта, мостови... Дали подобро живеете Вие или ТИЕ?
Сите сме сведоци на проектот „Скопје 2014“ кој се гради со парите на граѓаните од целата држава, па и нашите. Дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово ве прашаа дали сакате вашите пари да ги дадете за изградба на Скопје или да ги вложите во нашиот град?
Гледам се почесто одржуваат трибини со теми од здравството, па се прашувам дали мислат дека навистина сме нездрави кога дозволуваме да прават со наши пари споменици, божем сме земја на мртви души. Или пак толку многу се грижат за нашето здравје, па не подучуваат кога ќе појдеме на лекар да си понесеме, чарсафи, лекови, пари, отров за бубашваби, чадор и сино картонче.
Веќе три години не залажуваат со проблемот со името ама не затоа што сакаат да го решат, туку заради тоа што власта им се слади. Нема во оваа држава предавници и патриоти, има луѓе кои знаат да водат политика и оние што незнаат.
Нашата свест за сопствената држава не е во бумбарите, гласовите на народот и буреците. Таа е во нашите корени и во нашето битие. Ние сме МАКЕДОНЦИ сега и овде, на оваа место, и во оваа време. Ние сме синови, ќерки, родители, баби и дедовци. Ние имаме потомци на кои мораме да им дадеме можност да останат на нашите огништа и да ја продолжат нашата традиција, култура и јазик.
Нашата совест не е во молчењето, не е во Трпе и Трпана, не е во Трајан и Трајанка. Нашата совест е во нашите деца, нашите внуци и нашата вера.
Нашиот опстанок зависи само и единствено од нас самите.
Ние сме НАРОДОТ!
Советник на СДСМ во Советот на Општината
Марина Манојловска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*