×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • На здравје!

    Др.Снежана Захариева

    Со месеци наназад, како никогаш порано здравството е топ тема во медиумите и тоа за жал во негативна конотација. Се случија многу промени во приватното здравство и тоа стана сериозен конкурент на јавното. И тоа не само по просторните услови, комфорот што им се нуди на пациентите, техничката опременост со најсовремена апаратура, туку и со квалитетната кадровска екипираност. За воља на вистината Министерството за здравство вложи напори за реновирање на болниците, и набавка на опрема и апаратура во јавните здравствени установи, но факт е дека се поголем број пациенти бараат лекарска помош во приватните здравствени организации и приватните болници. За квалитетна здравствена услуга е потребен пред се квалитетен кадар, здравствени работници кои ќе бидат насочени кон постојано надградување на своето знаење за да можат да пружат поквалитетна здравствена услуга, а не лекари со солидно образование кои по цел живот учење и надградување на своето знаењето имаат платата со која не можат ни приближно да живеат, како оние кои се занимаваат со разноразни ,,бизниси”, за кои најмалку е важно колку школо имаат. Згора на се, се прават проекти по урнек на здравствениот систем во Турција, каде платите се десет пати поголеми од нашите. Со нив, лекарите би земале 70%  загарантирана плата, а останатото до 100 %, по учинок. Што и колку треба да се сработи да се земе цела плата не знаеја да ни објаснат ни претставниците на Лекарската комора. Здравствената каса ја полнат лекарите и останатиот медицински персонал, а се крена прашина само кога беше предложено и менаџерите на здравствените установи да земаат помали плати ако не работат успешно и домаќински. Затоа се поголем број лекари бараат парче леб во приватните здравствени установи. Во кумановската болница може да ви се случи на интерното одделение да нема специјалист-интернист, на педијатрија-дежурен педијатар, а на неонатологија кај новородените да нема дежурен неонатолог. Недостиг од специјалисти има и на другите одделенија, а треба да бидеме регионален центар кој ќе згрижува пациенти и од соседните општини: Кратово, Крива Паланка, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково. Добро е што се прават напори за просторно И техничко надградување на болницата, но на добар дел од објектите се направени технички пропусти заради непочитување на стандардите прописа за изградба и доградба на објектите од ваков тип. На пример и покрај барањето за изградба на централен довод на гасови истиот го немаме, па иако имаме модерн респиратор неговата употреба е ограничена, затоа што на секои 60 минути  се троши една боца кислород од 10 литри. До неодамна граѓаните се мачеа и со ноќните дежурства за итните случаи, но проблемот се надмина. Сега најнов проблем ни е укинувањето на ноќните дежурства на службата за трансфузиологија, која не е во владение на ЈЗУ Општа болница Куманово, туку во надлежност на Републичкиот завод за трансфузиологија. Така секоја вечер од 22 до 8 часот наутро, Куманово нема дежурен техничар и трансфузиолог, а итните случаи не прашуваат за време, ниту има место за импровизации. За жал, најчесто итните случаи се родилки за царски рез, раѓања што започнале со крварења па во недостиг од крв И крвни деривати на конец висат животите на мајката и на детето, кое го чека 9 месеци. Да не зборуваме за повредените во сообраќајни незгоди, хируршки интервенции и слични повреди. За да се добие крв треба од дома да се повикаат дежурниот техничар и трансфузиолог, а добар дел од нив живеат во приградските населби, а некои и во селата. При тоа треба да се пополни формулар во кој ќе се внесат резултати од крвна слика, ехо наод и дијагноза на пациентот,  и да се стави потпис и печат. Кога ќе пресметате колку време ќе ви треба да дојде екипа да одреди крвна група, и да види има ли крв од потребната крвна група ќе излезе дека со пациентот ќе стигнете побрзу до Скопје, особено ако случајот е од друга општина. Наредбата важи и за викендите и празниците, па со ваквата мерка цела ноќ се малтретираат и оние што се на повик, а заштедата на пари за дежурства е многу мала. Испаѓа дека е најлесно да се заштеди од платите на здравствените работници, цитостати, лекарства од позитивна листа. Треба ли да се случи нешто лошо, па тогаш да се реагира, како што обично правиме? Некој ќе одговара (лекарите се разбира) и така ќе се реши проблемот.Но, и ние сме некогаш пациенти, крводарителите исто така. Никогаш не знаеме кому што ќе му затреба. Наши пациенти биле и функционери, луѓе во полно здравје кои немале време да стигнат до приватна болница, но и сиромашни луѓе чиј стандард дозволува лекување само во јавна здравствена установа. Затоа, наместо за луксузни барокни објекти И споменици, нека Владата ги троши парите да го подобри животниот стандард на населението.Здравјето на уста влегува, а сиромаштијата во Македонија е дојдена до тој степен, што основните животни намирници станаа луксуз. Колку луѓе починаа од грип годинава, и колкав беше бројот на заболени со компликации? Оние со низок социо-економски статус немаат со што да си го поткрепат имунолоскиот систем, анемијата во Македонија е со загрижувачки размери, но истата треба да се превенира со квалитетна исхрана, а не да се третира со ставање на препарати на железо во лебот. Но, кај нас со страв јавно се кажуваат проблемите, а ако некој протестира, веднаш се организираат контрапротести, макар и на погрешна врата (наместо пред стоматологија се протестираше пред гинекологија).Кај нас постои закон за заштита на правата на пациентите, но не и закон за заштита на правата на здравствените работници.Лекарската комора молчи. Битно и е да си ја наполни касата со пари за членарина, за обновување на лиценци, полагање на државен испит и сл., а што добиваме од нив како помош? Семинарите, конгресите, стручните состаноци кои се задолжителни заради добивање на бодови за обнова на лиценците станаа луксуз, бидејки ги плаќаме од сопствени средства, а континуираната едукација за секој лекар е „condition sine qua non„ (неотуѓиво право). Но, здравјето не е луксуз тоа е најголемото богатство што можете да го имате, сите без разлика на националната, верска или партиска припадност. Затоа нека ова моја колумна биде сфатена како апел до сите разумни луѓе И релевантни фактори за посериозен однос кон здравството, како витален сегмент од опстештвото во кое живееме. Многу побогати држави имаат државно здравство и не го деградираат, бидејќи со тоа се уништува сопствениот народ. Ако и ние го следиме нивниот пример ќе бидеме богата земја. Финансиски можеби не, но богата со здрав И среќен народ.

    Анестезиолог во Општата болница Куманово и претседател на ОО СДСМ Куманово

    Др.Снежана Захариева

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*