×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ПАЛАМУД И ТРТОМУД

    Виктор Божиновски

    Ние Македонците генерално како нација, а особено ние кумановците, отсекогаш сме имале проблем во меѓусебната комуникација, особено кога во разговор со вас учествува одредено лице кое нема баш особени познавања од муабетот што се прави, ама сепак сака активно да биде дел од “сериозната“ расправа, па многу луѓе, меѓу кои и јас сме дошле до заклучок дека нешто што е најдобро за вашето здравје е воопшто и да не правите муабет со вакви луѓе бидејки со нив едноставно нема разбирачка.

    Се сеќавам на една случка уште кога бев студент, некаде во далечната 1997-1998 година кога бифето на Правниот факултет во Скопје седевме на кафе со професорот Фрчковски јас и еден колега од Скопје. Е сега, колегата од Скопје, кој и самиот подоцна стана функционер, за жал, како по оваа претходна дефиниција од погоре, само за да започне некаков “сериозен“ муабет, го праша Фрчковски, кој тогаш веќе беше поранешен министер за надворешни работи “добро бе професоре, што е толку тешко па не можевте да го решите проблемот со Грција... Еве затворете им ги границите на Грците, наредете на фирмите повеќе да не прават бизнис со грчки фирми и проблемот решен“. Професорот Фрчковски, кој секогаш беше расположен за добра шега, само благо се насмеа, ја повика келнерката од бифето и и кажа “девојче, ај ако сакаш пушти ја музиката погласно, овде зборуваме за сериозни теми, не треба секој да не слуша“.

    Пресликано на наше “кумановско тло“, куде нас “врие“ од овија типови што све знаев и у све се мешав. Мој професор по физику у средњу школу, покојни Чевла, кд некој од нас не знаеше да одговори на прашање, имаше едну омиљену реченицу: “Ти много паламудиш, ама малко кажуеш“! Или, како ми кумановци би кажале, “само магаре без питање одговара“! Има една дефиниција за овија типови, кои ги викав паламуд и тртомуд, коју ја би сакаја да гу поделу овде сас сви вас.

    Еве на пример, кои се оние “паламуди“? Секој човек којшто нема што да каже а има потреба да зборува се вика “паламуд“ а неговото зборување е “паламудење“. Кој може да препознае “паламуд“ треба да се спасува како знае и умее. Значи сега знаеме што е “паламудење“.

    Многу поопасна варијанта од “паламудењето“ е “тртомудење“. Има разика... “паламудот“ додека “паламуди“ дозволува жртвата, односно вие како негов слушател, од време на време да гледате на страна, да не го слушате, да си размислувате и на други работи освен неговиот муабет, односно неговото “паламудење“. “Тртомудот“ од друга страна, тој те гледа право во очи, проверува дали го слушаш, ако случајно примети дека не си внимателен и концентриран, “тргомудот“ ќе ви обрне внимание на своето “тртомудење“, ви се внесува во лице, ве “удира“ во рамињата за да бидете внимателни додека тој зборува. Сепак, има луѓе кои имаат искуство со овие “тртомуди“ и кои од време на време ќе погледнат во него, ќе почнат да климаат со глава, демек го слушаат што зборува во стил “да, да, да“, демек одобруваат она што зборува, ама сепак си размислуваат за нешто сосема друго.

    Е сега, најопасна варијанта, која се јавува на овие наши кумановски простори е комбинацијата од “паламудот“ и “тртомудот“. Ваквите ликови немаат што да кажат паметно, имаат ужасна потреба да зборуваат и тоа главно глупости, да одговараат на прашања за кои никој ништо не ги прашува, исто како она магарето од погоре во текстот, и никако не дозволуваат никој друг да каже нешто што е различно од нивното “паламудење“ и “тртомудење“, па дури и да делат лекции на луѓе кои се интелектуално супериорни во однос на нив.

    Трагедијата во нашето опшество, а и во нашиот град, секако како дел од тоа општество, е што обичните луѓе тешко ги препознаваат ваквите ликови, па некој како мене, од време на време, со колумна како оваа мора да ги мотивира обичните луѓе внимателно да слушаат кој што им зборува и дали тоа е вистината или само манипулација со која овие ликови, кои како што реков, врска немаат од ништо сериозно, сакаат да им се наметнат, зашто тоа што го зборуваат “убаво звучи“ за увото на обичниот човек, арно ама нема врска со реалноста!

    П.С. Морам да признам дека погоренаведените дефиниции за “паламуд“ и “тртомуд“ не се моја “интелектуална сопственост“ туку на покојната актерска легенда Милан Лане Гутовиќ, попознат како “Шоиќ“ од “Тесна кожа“ и “Бела Лаѓа“.

    П.П.С. СЕКОЈА СЛИЧНОСТ СО ОДРЕДЕН ЛИК ОД КУМАНОВО Е НАМЕРНА!

    Виктор Божиновски адвокат

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*