Мени

А, КАДЕ СЕ ПАРИТЕ?

05.07.2026 13:16 | Виктор Божиновски
Виктор Божиновски

Еве, почитувани мои сограѓани кумановци, полека привршува и оваа “пеколна“ недела на кумановската политичка сцена. Велам пеколна затоа што само во еден ден, на само една седница на Совет успеавме да го видиме најгрдото лице на кумановскиот политички естаблишмент. Пред неколку дена и на Фејсбук објавив, на што ме потсеќа сегашната ситуација во Куманово... Големиот Меша Селимовиќ во една од своите книги имаше една прекрасна мисла: “Бој се овна, бој се говна... А кад ќу да живим?“.

Нормално, се работи за онаа сега веќе “историска“ седница на Советот на Општина Куманово на која се донесоа две штетни одлуки,  какви не се донесени од одлуките кои паднаа на Уставниот суд, кои директно ќе влијаат на влошувањето на животот на кумановци.

Секако, првата одлука е онаа за покачувањето на цените на услугите на „Чистота и зеленило“, или кумановски кажано, “колко поскупо ќе не кошта ѓубре у Куманово“? Јас знам дека како и сите јавни претпријатија во Куманово, но и во целата држава, и “Чистоќа“ поради енергетската криза, натрупаните долгови кон вработените, долгови кон добавувачи, проблеми кои не се само во Куманово ниту пак само во Македонија, туку се проблем во целиот свет, и ова претпријатие се соочува со проблеми. Меѓутоа, зарем граѓаните на Куманово, кои имаат проблем да врзат крај со крај, сега треба да го спасуваат претпријатието плаќајки, на пример во делот на сопствениците на станови сметки поголеми за 30% ?! Зарем нема друг начин ?! Секако дека има, ама ако градското раководство се откаже од својата комоција и наместо во време на најголема криза да планира да прави некакви си скверови (ваљда ќе им текне да направи уште некој кружен ток), истите тие пари да ги насочи во зголемувањето на средствата во програмата на „Чистота и зеленило“ и така да го реши проблемот. Ееееее, ама зашто да се трошив паре на јавно предузеќе кд може да се трошив на непотребни глупости. Нормално, за сето тоа на крајот ќе плаќаат граѓаните преку своите сметки. И може да ви се кладу што ќе биде следеќи потез: пошто смо популисти какви што смо, прво ќе се качив плате на општинари и вработени у јавни претпријатија а граѓани поново ќе гу добивав потпуно исту услугу, ама сга малко поскупу.

Втората одлука е уште поскандалозна. Од девет години мандат на актуелното градско раководство, барем пет последни години слушаме како “ЦИЦ оставија дугови“, “ми све смо платиле и вратиле“, “на сметку имамо милиони и милиони“ итн. Арно ама изгледа не било така. Другарчињата решиле да си играат и право и економија онака “како мали Ѓокица замишља свет“! Донесоа одлука да земат кредит од ни помалку ни повеќе 100 МИЛИОНИ ДЕНАРИ или нешто над 1,6 МИЛИОНИ ЕВРА! Зошто? За да купеле за “Чистота и зеленило“ нови машини и камиони а за Филтер-станицата на “Водовод“ фотоволтаици. БРАВО! Епа другари, куде су паре? Куде су ви тија милиони на сметку за да мора сга да не задужуете сви кумановци? И уште нешто, што викаше еден покоен пратеник од Куманово, “туј има една беља“. Одлуката ја донеле без да направат јавна дебата.

Оопппп, кочи мајсторе! Во Уставот на Македонија (и не само во нашиот, во сите устави на светот) постои едно правно начело кое вика дека“секој закон мора да биде во согласност со Уставот а секој подзаконски акт (како оваа одлука) да биде во согласност со Уставот и законите“! Да ви кажам нешто... оваа Одлука нема да ви падне на Уставен суд, ќе ви падне на пат до Уставниот суд, некаде кај Романовце отприлика! Имено, сте заборавиле дека во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа е предвидено дека Одлука за задолжување на единица на локална самоуправа (општина) се донесува по претходно одржана јавна расправа на која се објаснува описот на проектот и условите за негово финансирање. Тоа сте заборавиле да направите, нели? Ако.

Се додека се однесувате вака арогантно и тврдоглаво, само ќе тонете надолу, верувајте ми.

Фала лепо, поздрав до следеќи пут!

 

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*