Звукот на студениот есенски дожд, проткаен со детскиот училишен џагор и скратениот ден најдобро нé потсетуваат дека уште едно лето полека изминува. Идилата од измешаните мириси на започнатите зимници, овојпат разбиена со неподосливата смрдеа од неисфрленото ѓубре во градот, отсекогаш претставувала инспирација да ги запишеме сеќавањата од летото, барем во задолжителните Писмени задачи по македонски јазик. Мислам дека и после ова лето, листовите на учениците кои останаа поголемиот дел од распустот во градот, ќе останат празни. Гледајќи од аспект на културното живеење, Куманово веќе некое време не ни „живурка“. Се повеќе се етаблира во мртов град, во кој секој културен настан е сензација, и што е најстрашно, полека се навикнавме на тоа.
Кога зборувам за градската култура, не ни помислувам да зборувам за тоа како заколнатите носталгичари за „Старо Куманово“ (како што сакаат да се прикажат локалните властодршци) не направија ништо за да се зачува ликот на тоа Куманово од минатото. Како урбанистички го „масакрираа“ старото градско јадро, особено околу црквата Св. Никола, правејќи најимпозантниот споменик на градот кој некогаш доминираше со околината, да се изгуби покрај околните бетонски згради, за кои не знам дали се уште се нелегализирани. Ниту пак сакам да зборувам за отсуството на волја за да се помогне барем на неколкуте сочувани староградски куќи да се здобијат со нови фасади и да блеснат со некогашната убавина. Знам дека новоградбите убаво се исплатени, и знам дека ќе се најдат милиони изговори за фасадите.
Исто како што се наоѓаат изговори за очајната состојба во која се наоѓаат спомениците од НОБ. Најлесно е да се каже дека дел од нив биле под Министерството за култура, и дека само тие се должни да реагираат за нив. Па, затоа, кога следниот пат градските власти ќе се прикријат под називот „почитувачи на делото на борците“ и сл., и кога ќе дојдат кај борците да молат за гласови за следните избори, имајте на ум дека Министерството дава само строга правна заштита на спомениците. Секоја иницијатива за нивна измена или сериозна интервенција може да ја изврши само надлежниот конзерваторски центар, на кого финансии може да му обезбеди и општината. А за чистењето ѓубре од Менкова Колиба и бришењето на графитите од Спомен-костурницата не треба никаква дозвола, напротив, тоа е и должност на одговорните градски служби.
И ако вешто се наоѓаат изговори за овие болни точки, ме интересира каков изговор ќе се најде за летото во кое единствени културни настани беа фестивалите на тамбури и труби? Зошто повторно Куманово е единствената општина која не аплицираше да стане дел од „Топол културен бран“? Каде се ветените алтернативни театри, толку ли е тешко да се направи и некаков музички фестивал за младите, какви што се правеа секаде во Македонија? Знам, финансиската состојба во општината е лоша – само околу 30 % реализираност на желботеката наречена „Развоен буџет на општина Куманово“ зборува многу. Но, сепак, се ми се чини дека состојбата во која запаѓа Куманово на културен план повеќе е резултат на лошо менаџирање и отсуство на иницијативи, отколку немање на финансии.
Затоа што се сеќавам на времето кога „пријателите на градот“ плаќаа неверојатни суми за да ја донесат Северина и останатите екс-ју ѕвезди кај нас – колку бев против тоа и велев дека за тие пари може да донесат вистински уметници. Еве - сега го повлекувам сето тоа! Донесете било кого, направете било што, само нешто нека се случува! Затоа што не можам веќе да стојам со наведната глава пред пријателите од Берово, Паланка или Македонска Каменица. Сите нé поминаа, дали забележувате? Кај сите има некакви настани, а дел од местата ни на карта не можеме да ги најдеме!
А јас сум горд на градот од кој потекнувам. Ние сме единствениот град кој имаше свој крал во турското средновековие, и со свое знаме испративме сограѓани да се борат на Илинден во Крушево! Бевме најхрабри со прилепчаните во НОБ, и оттука излезе еден од најголемите борци за независна Македонија во титовата Југославија – Драган Богдановски. Отсекогаш бевме авангардни во културен поглед, имавме музички групи од кои останатите во Македонија сé уште учат. Да не ги заборавам и неколкуте млади кумановски ликовни уметници, кои со своите идеји се децении пред нивната генерација. Имавме музички фестивали, и публика која ги посетуваше фестивалите. Имавме модерен град, барем во културен поглед...
Ваква колумна можев да напишам и кон крајот на годината, и да речам – еве, ништо не направивте! Но, не ја пишувам со таа цел, сосема спротивно од тоа – јас сакам ова да биде поттик нешто да се направи. Оти, независно од партиската припадност, ако нешто убаво се направи за градот, за сите ќе е убаво. И обратно, лошото за сите е лошо. И ѓубрето кое се понередовно се исфрла од мојата улица, ја шири истата непријатна миризба и за мене, и за мојот сосед кој е симпатизер на СДСМ. И исто се нервираме секое утро, и исто коментираме. Но, кои сме пак ние да коментираме?
Дејан Ѓорѓиевски Дејан Ѓорѓиевски, Претседател на Комисија за култура на ОК на ВМРО-ДПМНЕ - Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*