×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Празнични изговори

    Дејан Ристов

    Сведоци сме на многу примери во животот, како некои луѓе своето неетичко поведение или пак несфатливата неодговорност ја оправдуваат со разни квазиаргументи, разбирливи само за нив самите. Така е и во политиката, многу политичари соочени со суровата реалност, која јасно ја прикажува нивната неспособност, во немоќ и крајно безобразно, своите неуспеси се обидувааат да ги оправдаат со префрлување на вината кон други политички субјекти. Многу “добар” пример за такви политичари се градоначалнкот на Куманово Зоран Дамјановски и претседателот на Советот на општина Куманово Максим Димитриевски. Тие за период од еден месец, поточно градоначалникотво интервјуто за неделникот Плоштад, што воедно беше и честитка за 11-ти Октомври и претседателот на Советот во интервју за истиот медиум во празничниот број, кој му претходеше на 11-ти Ноември Денот на ослободувањето на Куманово ги злоупотребија двата големи празника да пратат одредени пораки, кои јасно го илустрираат нивниот ментален склоп, дизајниран по примерот на најголемите демагози и неодговорни политичари. И двајцата во текот на целото интервју не покажаа ниту еднаш одговорност за проблемите, кои ги имаат граѓаните на Куманово, туку, како што е пракса на СДСМ, за себеше обвинета централната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Имено,она што најпрвин се обиде да го наметне градоначалникот во серијата контроверзни ставови е дека, доколку Република Македонија не влезе во Европската унија и НАТО, тогаш ќе настапило разногласие меѓу Македонците и Албанците. Толку од граѓанскиот концепт кој сакаше да ни продаде во последен час на локалните избори 2013 година. Уште една апсурдност е и неговото мислење дека идентитет се формирал исклучиво со формирање на државата и следствено на тоа и македонскиот народ се формирал на 2-ри август 1944 на АСНОМ, “мудрост” што еве решил на 73 годишнината од почетокот на антифашистичката борба да ja сподели со нас, а што директно ги поткопува нашите државни позиции во однос на проблемите што ги имаме со Бугарија. Тој бил приврзаник на модерната историја и најважно било да се гледа во перспектива, а не во минатото, и секако користејќи го опозициското клише зборува за антиквизација во Македонија и за тоа какви последици носела со себе. Од ова може да се види дека тој дрско избира која историја му одговара а која не, периодите кои не му се допаѓаат исто како и да не постојат.

    Она што може да се забележи дека за него не се толку важни конкретните проекти на локално ниво, туку креирање на генерален политички процес, кој води кон интеграција. По оваа негова теза, која не е спорна доколку ја кажеше некој друг, почнувам да верувам во тоа дека пред неколку години нашиот градоначалник навистина имал амбиција да стане претседател на СДСМ, да зборува за државни работи, откако нели ги среди локалните во Куманово. Да го потсетам дека тој е градоначалник, а не премиер, дека во Куманово се уште има семејства во центарот на градот, а пред се во периферијата, кои немаат приклучок кон канализациона мрежа, улици кои треба се асфалтираат и реконструираат, сериозни аномалии во сообраќајот и многу други проблеми. Тој очигледно обожава да зборува за државни теми, и да ја рецитира, по кој знае кој пат, познатата опозициска мантра со револуционерен призвук. Избегнува да зборува локално, бидејќи нема што да каже, во Куманово со години во ништо не се вложува. Зборува за некаква финансиска опсада е не собра храброст да се извини за корупцискиот скандал во кој беше вклучен еден од неговите најголеми соработници последните десет години, што не тера да помислиме дека не е и единствениот, дека има можеби и други слични, но и многу поголеми криминали.

    Неговиот сопартиец Максим Димитриевски, пак, во интервјуто кое претходеше на 70 годишниот јубилеј на денот на ослободувањето на Куманово, ќе заклучи, дека главен индикатор, за тоа, дека локалната власт си ја врши својата работа е се помалиот број на комунални барања, за разлика од барањата за вработување од страна на граѓаните. Според него овој податок јасно укажувал дека во Куманово има огромна невработеност (над 30 000 ) за што нормално виновна е Владата. Очигледно дека претседателот на Советот, не сака да види дека намалувањата на комуналните барања е затоа што граѓаните веќе не веруваат во локалните власти, се сомневаат дека, кога тогаш, ќе се отпочне со сериозно решавање на комуналните проблеми во градот. Тој на крајот од своето интервју, ќе заклучи дека решение за актуелната политичка криза помеѓу власта и опозицијата е арбитража од меѓународната заедница.

    Од овие две интервјуа може да се потврди дека локалната власт предводена од СДСМ, има други приоритети, друга агенда наметната од раководството на нивната партија, во која нема место за локални прашања туку само за глобални идеи за слобода и просперитет, кои изговорени од политичари како Зоран Дамјановски и Максим Димитриевски звучат прилично демагошки. Ништо не слушнавме за нивната визија за Куманово, а премногу се наслушавме на патетичната реторика пресликана од партиската централа. Уште еднаш разочараа со неразбирливата паушалност и недостигот на чувство за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните на општина Куманово.

    Ако, како што кажа Зоран Дамјановски, нашите предци го запалиле факелот на слободата на 11 Октомври 1941, тогаш, тој и неговиот сопартиец одамна го изгасија, со нив изгореа многу шанси за Куманово, шанси прокоцкани сите овие години како резултат на дилетантското, неодговорното и криминално управување на општина Куманово.

    Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*