×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Преиспитување на позициите

    Дејан Ристов

    Изминатиот период помина речиси и без некоја посериозна промена на домашната политичка сцена. Позициите поставени на почетокот на ова лето останаa исти, непроменети.

    СДСМ не отстапува од барањето за техничка влада, како услов да се врати во Собранието, што секако претставува ултиматум кој ниту една легитимна демократска власт нема право да го прифати, бидејќи со самиот чин се девалвира волјата на граѓаните која, јасно и недвосмислено беше демонстрирана на предвремените парламентарни избори.

    Забелешките кои доаѓаат од сите страни дека, формирање на техничка влада е неприфатливо и дека, СДСМ нужно мора да ретерира од почетните ставови и да се врати во Собранието, за да се овозможи нормално фунционирање на највисокиот законодавен дом ,до денеска не резултираа со некакви суштински промени. Единствено нешто, што може да се оквалификува како ново е, прес-кофенференцијата на Хари Локвенец, кој на крајот од своето излагање даде нов импулс на нивните намери за блокада на политичкиот дијалог во земјата со една модифицирана  позиција на СДСМ  изразена со  тезата  “Нашето барање е шест месеци пред првите следни избори да се формира техничка влада, која ќе го спроведе сето она за кое сме се договориле заеднички, а нема да биде тоалетна хартија”, порака со која се допрецизира барањето за техничка влада.

    Ова покажува дека, СДСМ се уште не е подготвена за сериозни отстапки, што уште повеќе го усложнува процесот кој се води за враќање во Собранието, и нормализирање на политичката состојба во државата. Имаше некои обиди од страна  на проопозициските новинари и интелектулаци да ја оправдаат оваа политика на СДСМ, со тоа што се наведуваше примерот на Бугарија каде пред некое време се формира техничка влада предводена од Георги Близнашки, со единствена  цел да се организираат избори во октомври, но секако дека таквата паралела е несоодветна ако се земат во предвид политичките прилики кои моментално владеат кај нашиот источен сосед.

    Во Бугарија владејачката коалиција се распадна и моментално на сите анкети опозициската ГЕРБ има најголема поддршка од граѓаните, додека пак рејтингот на владејачките социјалисти, има тренд на намалување. Кога ќе се земат во предвид и поранешните коалиционите партнери на социјалистите,ултрадесничарската Атака и партијата на Турците,  кои за некои проблеми имаа дијаметрално спротивни гледишта, повеќе од  јасно е, зошто  се пристапи кон формирање на преодна техничка влада, која ќе раководи со државата се до  формирањето на мнозинтво од новиот состав на  Бугарскиот парламент. Во Македонија ситуацијата е многу поразлична.

    Владејачаката коалиција предводна од ВМРО-ДПМНЕ победи убедливо  на последните парламентарни избори и заедно со ДУИ формира стабилно мнозинство во Собранието. Во сличен контекст беа спомнувани и други примери како оној во Италија кога пред некоја година, поточно во 2011, беше формирана техничка влада предводена од Марио Монти, со цел да ја извади земјата од тешката економска криза, за да може да се организираат избори и новото мнозинство да формира политичка влада. Но секако контрааргументите на оваа се дека Македонија ни од далеку не се наоѓа во ситуација каква што беше Италија со јавен долг кој во 2011 година изнесуваше над 120 проценти од бруто домашниот производ, драстичен пораст на невработеноста, неможноста да се сервисира долгот , опасноста од прогласување на банкрот и ургентната потреба од непопуларни реформи и мерки кои долгорочно требаше да  ја решат кризата.

    Се спомнуваа и други примери, што ниту во еден момент не ги одвратија многуте коментари и сугестии на преставниците на  европските институции, домашните интелектуалци и од странство, кои сиот овој период ја повикуваат опозицијата да  прекине со бојкотот и да се врати во собранието.

    СДСМ треба сериозно да размисли за своето поведение во наредниот период се со цел, да се  создадат услови за прекинување на бојкотот и  за  вклучување на опозицијата во работата на  највисокиот законодавен дом, затоа што на државата и следат многу предизвици, кои не можат да се решат доколку опозицијата не е вклучена во политичките институции.Потребни се понатамошни реформи на системот, кои секако ќе бидат квалитетни и целосно легитимни, само ако се резултат на една сеопфатна и квалитетна јавна расправа, во која ќе бидат вклучени сите политички фактори.

    Ова е многу важно и за Куманово и за пратеникот од СДСМ ,на когo местото му е во законодавниот дом ,каде ќе ги застапува интересите на граѓаните и ќе биде гласен заедно со своите колеги-сограѓани, во напорите дa  ја реафирмираат важноста на нашата општина и да укажат на многуте проблеми што ги има и за чие решавање, за жал, ќе биде неопходно поголемо инволвирање на централната власт.

    Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*