×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • РЕФОРМА И РЕОРГАНИЗАЦИЈА

    Виктор Божиновски

    Беа потребни десетина дена после изборите за да се “приберат“ мислите и да “слегнат“ емоциите, за да може да се направи првична анализа зошто на 8 мај се случи онаков изборен декабл на СДСМ и толку убедлива победа на ДПМНЕ, која секако им ја честитам, бидејќи како што еднаш кажа Бранко Црвенковски, “народот е во право дури и кога греши“. Имено, СДСМ никогаш не доживеал ваков изборен пораз, иако ДПМНЕ имала и поголеми изборни победи. Разликата, веројатно е во појавувањето на Левица и Знам, и нивните 2 по 6 или вкупно 12 пратеници, иако мене лично не ми е јасно што граѓаните видоа во Знам, бидејќи се работи за “франкенштајн“ партија, чии гласачи и поддржувачи се главно незадоволници од СДСМ и тоа нема многу да трае.

    Но да тргнам со ред, прво од Претседателските избори.

    Иако цело време беше јасно дека Стево Пендаровски, како кандидат подржан од СДСМ ќе го носи бремето на лошиот рејтинг на партијата, но реално, човекот 5 години сосема коректно ја извршуваше функцијата Претседател на Македонија, навистина, како и самиот кажа во една прилика, немаше ниту една афера, ниту еден скандал, ниту едно погрешно кадровско решение, а народот реши да ја избере Силјановска-Давкова само како “пркос“ кон СДСМ, жена која има несомнено исклучителна кариера како правник, но за жал, никакво политичко искуство, кое е потребно и нужно за да се извршува функцијата Претседател. Сепак, таа жена утре ќе треба да седне до Бајден, Макрон, Шолц и останатите “главни фаци“ од политичкиот свет, а таму се потребни познавања од реал-политиката, а не правни филозофии и политики од типот “како мали Ѓокица замишља свет“, затоа што реално Македонија е мала земја и не може да им го наметнува својот став на големите светски сили. Но, тоа е тоа, за жал, што би рекли браќа Срби, “тражили сте-гледајте“.

    Второ, и поболно се Парламентарните избори.

    Како што реков и претходно, ДПМНЕ извојува убедлива победа, но поважно е прашањето на што се должи катастрофалниот пораз на СДСМ. Сметам дека е прерано за анализа, но некои работи се сосема јасни и кога ќе седнете да се возите со такси, првиот таксист ќе ви раскаже во што беа главните проблеми.

    Прво, сметам, исто како и мнозинството на граѓани, е факторот што реално СДСМ не го слушаше народот и кои се потребите на граѓаните на Македонија, а не се престана со зборување за Европа, европскиот пат, францускиот предлог и уставните измени, работи кои просечниот Македонец, ниту сака да ги чуе ниту ги разбира. Фокусот на делувањето на СДСМ мораше да биде јасна агенда за борба против криминалот и корупцијата, јасна економска политика која не преку бројки, туку преку едноставни примери мораше да им се објасни на граѓаните. Не може да се води држава, а во изборен период и кампања и да го смените мислењето на граѓаните доколку не го знаете нивното мислење.

    Второ, факторот ДУИ, односно однесувањето на дел од врвното раководство на оваа партија, кое се толерира без никакви последици. Имено, не можете да ја очекувате поддршката од граѓаните ако неказнето поминува купување на трговски центри во сред Скопје, играње фудбал во службени кацеларии во Владата, купување на автомобили од 70-80 илјади евра и никој да не сноси одговорност. Како водечка партија во владината коалиција, СДСМ мораше преку механизмите на правната држава да се справи со овие случувања, јавно да ги осуди и да се поведат соодветни постапки пред надлежните органи, а не, Славица Грковска како вице-премиер му дала опомена на Артан Груби, како вице-премиер да се однесува пристојно. Ајде де...

    Трето, секако тука е и Бугарија. Мислам дека со своето однесување во изминатиот период, сите бугарски влади како да сакаа да се дојде до ситуација во која после изборите новата Влада во Македонија да ја предводи ДПМНЕ, затоа што нивното вето за членството на Македонија во ЕУ уште повеќе ќе зајакне и ќе добие на тежина од причина што приказните на ДПМНЕ дека ќе го “репреговараат“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка се “приказни за мали деца“, зошто тоа е предлог на ЕУ и никој не може да го промени без согласност на Бугарија. Тоа им е јасно и на ДПМНЕ, меѓутоа успеаја на народот да му “продадат ефтина приказна“ убава за уво, но неизводлива во реалност.

    Четврто, очајна кадровска политика, како на државно, а посебно на локално ниво.

    Како Влада, не можам да кажам дека министрите, особено оние од СДСМ беа лоши. Напротив, лоши беа оние од коалицините партнери, кои реално не можете да ги бирате, ама најголема штета ви прават токму тие. Погледнете ја ситуацијата во здравството и во образованието каде што има најмногу вработени во државната администрација. Вработените таму, барем оние со кои сум разговарал, не плачат туку “пиштат“ од ситуацијата во овие ресори. А кои се таму министри? Појма немам ни како се викаат!

    Ситуацијата со вториот и третиот ешалон е уште полоша. Освен во 2-3 ресори, јас кој сум член на СДСМ од 1994 година не познавам ниту еден, а во претходните Влади сум ги знаел скоро сите затоа што биле луѓе со име и презиме и кои си ја знаеле својата работа. Што се однесува до кадровската политика на локално ниво е уште полошо... на места каде треба да се раководители правници се поставуваа економисти, на места каде треба економисти се поставуваа правници, и во 90 проценти од случаите никој не беше “од внатре“, некој кадар што ја познава работата туку беа “увезувани“ од надвор луѓе, кои првпат се соочуваат со работата која ја работат. Да бидам искрен, успеаа во тоа неколку низ Куманово и Македонија. И толку... И што е тоа 20 години директор?! Па во Америка може да си Претседател само 8 години! Некој мислеше дека народот тоа не го гледа?

    На локално ниво исто така, СДСМ го преживеа најголемиот пораз во историјата. Се сеќавам на првата кампања во која учествував, тоа беа локалните избори во 1996 година кога кандидатот за градоначалник на СДСМ, сега покојниот поранешен градоначалник Борис Протиќ во првиот круг освои 8.848 гласови и тогаш резултатот го третиравме како “катастрофа“, иако имаше повеќе гласови од другите кандидати. Сега на парламентарните избори СДСМ освои 7.144 гласови што е не катастрофа туку “Армагедон“, според Библијата “крај на светот“! Никој не ни е крив, самите сме си криви. Зошто? Затоа што има луѓе кои во периодот на владеење на СДСМ од 2017-2024 година, за 7 години променија и по 3 работни места во администрацијата, а има семејства кои сеуште немаат ниту 1 вработен дома. И повторно ќе прашам... мислите дека народот не го гледа тоа? Имаше луѓе на раководни позиции кои земаа плата од 70-170 илјади денари, а обичниот граѓанин земаше минимална плата 18-22 илјади денари. И... сакаме победа... Е како?

    Бидејќи веќе зборувам за Куманово не може а да не го споменам Знам. Имено, Претседателот на оваа партија на локалните избори во Куманово во 2021 година освои над 27 илјади гласови и убедливо победи. ОК. Ама што се случува сега... во првиот круг, тој лично, како кандидат за Претседател на државата освои нешто над 14 илјади гласови во Куманово, додека неговата листа, онаа на Знам во Куманово, само 2 недели подоцна освои едвај нешто над 10 илјади гласа. Ова укажува јасно на фактот дека во континуитет оваа, како што погоре ја нареков “франкенштајн“ партија се повеќе и повеќе губи на кредибилитетот на граѓаните на Куманово, бидејќи истите го “прочитаа“ и лидерот и членството, и ќе се претвори веројатно во “Демократска алтернатива“ на Васил
    Тупурковски за која мислам дека веќе воопшто и не постои.

    Каде е одговорноста?

    Сметам дека од сите најмалку е одговорен актуелниот Претседател на партијата Димитар Ковачевски, а ако треба да кажам со име и презиме каде е најголемата одговорност, нема проблем, ќе кажам, се вика Зоран Заев.

    Покрај храброста на Заев за објавувањето на “бомбите“ за криминалите на ДПМНЕ од тој период и приемот на Македонија во НАТО ништо друго не видовме. Видовме катастрофални економски политики, видовме лошо справување со КОВИД - кризата, ужасни кадровски решенија како на централно, а особено на локално ниво, сервилната политика спрема Грција, а особено спрема Бугарија и сето тоа резултираше со оној огромен пораз на СДСМ на локалните избори 2021 година, кога самиот разбра дека тој е главниот виновник за колапсот и си поднесе оставка.

    Што можеше Ковачевски да смени?

    Според мене, во периодот од малку повеќе од 2 години, не многу.

    Можеше да смени 2-3 министри во Владата, 9-10 директори по државни јавни претпријатија и установи и да наложи смена на веројатно 50-100 директори по локални институции, кои се под “државна капа“ за да го “ублажи“ лошото влијание на катастрофалната кадровска политика на Заев од претходниот периот. Меѓутоа, знам дека кога си лидер на таква огромна “трома машинерија“ како што е СДСМ тоа не нималку лесно.

    Можеше да предложи и смена на некои од функционерите на ДУИ кои му направија проблем на СДСМ, па дури и по цена на пад на Владата.

    Можеше и да намали со реториката околу Европа и Уставните измени а поедноставно и појасно, наместо преку бројки, да им објасни на граѓаните што СДСМ направило до сега во изминатите 7 години, а што ќе направи во следниот период многу порано од изборната кампања. Но, сеедно, не му замерувам ништо од причина што имаше премалку време да се занимава со внатрешните прашања кои требаше да ги решаваат неговите први соработници, но тие тоа не го сторија. Премногу се занимаваше со надворешна политика.

    Каде е излезот?

    Кога зборувам за реорганизација на партијата, мислам дека на овие избори навистина беше лоша. Постоеја нелогични организациони единици, нелогични реони кои ни самите шефови не можеа да се снајдат во нив. Не се сеќавам како беше во 2021 година, но ако било исто тогаш поразите, во организациона смисла се логични. СДСМ ќе мора да се врати на организационата шема која постоеше од 2002-2006 и од 2015-2020 година ако сака да се врати на победничките патеки. Оние кои биле дел од ваквата организација ќе разберат за што зборувам.

    Кога зборувам за реформа во партијата мислам на кадровска реформа, и тоа од врвот, а посебно по општинските организации. Можеби најдобра дефиниција за она што му треба на СДСМ ја даде вчера поранешниот потпретседател Јани Макрадули. Тој рече дека “сега на СДСМ му требаат и младите и ние со бели коси, имено му требаат сите“! И тоа е сосема точно, иако низ годините наназад јас со Макрадули во малку работи сме се сложиле, но секогаш сме мислеле на позитивната иднина на партијата.

    Мене веројатно, доколку си замине Ковачевски во што се уште не сум сигурен дека треба, тоа што треба да се случи е мојот пријател Јован Деспотовски, кој уште сега важи за еден од главните фаворити. Доколку дојде до тоа, единствено што треба да прави Деспотовски е да ја следи мислата на Макрадули.

    Да сме живи и здрави и нека им е со среќа на новата Претседателка на РСМ и на новата Влада на РСМ.

    Виктор Божиновски адвокат

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*