×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сценаријата на младоста

    Елизабета Секирарска

    Добро. Знам дека денес, во време кога е тешко да си млад и да си ја живееш таа прекрасна животна фаза во систем со асполутно деформирани вредности и сервиран квази чесен светоглед, тешко дека е можно да останеш доследен на некои аспекти кои носат квалификатив на култура, пристојност, убаво однесување, џентлменство, почит кон постар, уважување на родителот, став кон парите  и избор на исправни репери за мерење на моралноста.

    Ризикувам можеби да зазвучам како средовечна, носталгична припадничка на минатиот милениум, која речениците ги составува по принципот “Ејјј, јас кога бев млада, како беше.....” ама навистина ме збунува фактот дека она што тогаш, кога мојата генерација грабаше низ животот беше подразбирливо како вредно и така се користеше – како составен, подрабирлив дел од животното однесување, денес добива етикета на смешно, демоде и ретард, а оној редок млад човек, кој се обидува да биде доследен на себеси и на она што го учеле, добива сериозна лепка на смотаница која не се вклопува во лигата на ИН фраерите и фраерките на новото време.

    Полека, но сигурно, се етаблира правилото кое младите го прифаќаат и го живеат: “Така прават сите. Ако така прават сите, значи дека тоа е ин. Зошто јас да бидам исклучок?”

    Сценарио 1:

    Верувам дека е секојдневие на секој  родител на тинејџер, па и на малку постар млад човек: спиење до после пладне, ноќно висење на компјутер во ниедно време, виртуелна дружба со френд преку монитор. Класичен одговор на детето на класичното прашање на родителот: “Мислиш ли ти да спиеш, гледај колку е часот?” е секако: “Па дојди да видиш колку ми се на чат, не можам сега да се исклучам.” И навистина, 168 вклулчени. Што имаат да си кажат во глуво доба така не гледајќи се, не ми е јасно. Ама ако не си na чат или ако не се утепуваш во мрежна игра, смотан си, а богами и сериозен кандидат да добиеш лепка на тапчо кој не е во тренд.

    Сценарио 2:

    Кафуле или парк. Помината полноќ. Млад свет безидејно дреме и мисли дека се забавува. Во ненајавена визита им доаѓа другарот Орган и височеството Родителот за да видат дали нивните деца имаат пороци. Муабет во здраво-живо варијанта, пијалокот затскриен зад грбот и после секој по дома. Родителството е преселено на улица, во варијанта на заканувачка проверка каде се движат децата и што прават. Таму, наместо дома, на своето, каде во сериозна, стабилна родителска дружба со нив ќе им се укаже како да си ја живеат младоста. Се  нема време за тоа. Но ете: “Добро е, моето дете не беше таму” – си рече родителот и спокојно си легна.

    Сценарио 3:

    Училница. Професорката патролира низ неа и зазема позиција на авторитетен носител на правилата на однесување. Почнува со предавање и се врти за да напише на таблата. Зад нејзиниот грб, едно момче снима со мобилен и паѓа од тивко смеење, речиси поклопен на клупа за да не ескплодира, додека другарот до него излегува низ прозорецот, мафтајќи со двете раце. Во класот општо смеење без да се чуе глас. Наставничката и натаму пишува.

    После некој час, клипот осамнува на youtube. Мислам дека бројот на like-вите и коментарите кои ја воздигнуваат храброста на детето во варијанта “Браво бе брат, сила си, мрак си, херој си”, а го деградираат ликот на наставничката во стилот “Оваа цел клас да излезе, нема да сети, глуварка, дебилка, скубана кокошка” - не треба да ги коментирам. Болат сами по себе.

    Сценарио 4:

    Се возев со автобус пред некој ден во обид да стасам до местото кое си го викам Слободна територија, малку на воздух. Зона за детоксикација од секојдневието и полигон за слободно дишење.

    Полн автобус, воочи празник. Измешани мириси на накиснати, изморени луѓе со корпи, врзулци и канти, но и млад свет со ранци, бучен и нападен.

    Автобусот застанува на постојката и влегува постар пар, натоварен со торби. Нема слободни места. Ги набљудувам лицата на младите и наеднаш ми текна за еден facebook статус на мој ученик, кој имаше собрано енормно многу like – ови: “Сите ние кои гледаме низ прозорецот кога ќе влезе баба во автобус” - и ми стана јасно. Тоа не e facebook фикција, тоа е реалност, стварен модел на однесување кој се повеќе се практикува и кој колку и да  е минорен сам по себе, покажува дека имаме сериозни воспитни утки кои тешко ќе ги санираме. Луѓето си останаа да стојат, децата некое време се правеа наудрени  гледајќи низ прозорецот, а потоа си продолжија со гласното смеење, шегите и викањето. Без ронка потреба макар да погледнат во старите луѓе кои се преместуваа од нога на нога.

    Сценарио 5:

    Слушам муабет на двајца постари луѓе, пензионери, пријатели на моите родители кои ги сретнав кај нив на гости. Пензионерски муабети за политика, за лекови, за реума, за бањи, за бајпас кој, фала му на Бога, поминал добро. Едниот, со нијанса во гласот која открива дека знае оти нешто не е во ред, го прашува другиот: “Како ти е синот?”  Човекот си молчеше малку, па кусо, тажно и со нијанса на скршена чаша во гласот, со напор рече: “Оној на кого не му дозволив да умре кога беше бебе, сега не ми дава мене да живеам.” Се наежив од тежината на реченицата – што друго да кажам освен дека семејствата се повеќе стануваат арени за пресметка меѓу генерациите, кои во недостаток на можност за самостоен живот на помладите се осудени да живеат заедно, под еден кров и најчесто во немање. А кога се нема, многу лесно има се друго, само не љубов, слога и разбирање.

    Има уште многу сценарија. Навистина се бројни и умеат на нас постарите да ни отворат  низа прашања, на кои мора да почнеме да одговараме: Зошто како родители, учители и професори им го дозволуваме ова? Зошто станавме соучесници во снимањето на ваквите сценарија, со самото тоа што  живееме во филмот “Времињата не се како што беа?”

    Точно е. Не се. И не треба да бидат. Тие се менуваат, но вредностите кои се мерливи со онаа вистинска и исправна мерна единица, на кои ние мора да им укажеме и да ги научиме да ги прифаќаат, треба да се постојани. Не им помагаме со тоа што дефинираме какво им е однесувањето. Такво им е затоа што така сме ги научиле – им дозволуваме да го губат од вид патот по кој треба да се движат и со тоа им го нудиме покусиот и секако погрешниот. Така стануваат последица, а не причина.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*