Сагата за една сложувалка
Многу време размислував, острејќи ја тастатурата, која да биде темата на моето писание, а да подразбере реален, верен отслик на состојбите. Да биде пресек на настаните, муабет за причини и последици, поводи и мотиви - како да се раскаже здивот на атмосферата во која сите ние битисуваме и како реални набљудувачи, и како необјасниви апологети, и како замолкнати по личен избор и убедување... Како чекачи кои никако да сфатат дека делат иста судбина и дека го чекаат истото: Подобрите времиња кои никако не доаѓаат.
Ќе се обидам да ја составам македонската сложувалка, која ја редиме така што дозволуваме друг да ни ја реди, дури и по цена на делчињата кои треба да придонесат кон еден поубав животен пејзаж, свесно да им ги толерираме местата, онаму каде што и знаеме, и гледаме дека не им се. Дозволуваме несовпаѓања во сликата, затоа што со време, се повеќе забораваме дека вистинските делчиња се кај нас и од нас зависи кога ќе се вметнат онаму каде што ќе и овозможат на сликата да стане она што сите го заслужуваме.
Нејсе.
Што гледаме, што редиме, составуваме, растураме и одново редиме, без идеја, здрава мисла, силен ум и се чини, комплетно незаинтересирани да ја видиме конечната слика во сиот нејзин сјај и убост, веќе со децении?
Пред се, ќе речам дека редачите на сложувалката гледаат сосема поинаква слика, знаејќи дека е лажна и искривоколчена. Впрочем, самите ја составуваат. Но да, знаејќи и дека е многу употреблива и корисна. За нив, секако. Народецов е неважен статист, навикнат да аплаудира и тогаш кога сликата не ја разбира. Но да, и тогаш и кога ја разбира. Знае дека му тежи, го чувствува и живее тој баласт на погрешниот сликовен конструкт, ама секој од своја причина, ете, си се восхитува на сопствената немоќ. Убаво личи, што. А и мене не ми е лошо во сложувалкава. Баш сум убав.
Големите редачи, нормално, го рефлектираат тој одраз надолу и ете, ако врвот вели дека ова се делчињата и оваа слика треба да се создаде и одржува, на истото тоа ќе се инсистира и на локално ниво. Затоа при редењето на делчињата кои прават слика во која како граѓани немо зјапаме, слушаме за "никаде на друго место попрекрасна животна убавина, освен овде нема", за ете, "се враќаат" оние што заминале, за тоа дека “се е транспарентно, отчетно и одговорно” и “виновен е некој друг”, секако (термини кои секогаш ми предизвикаат насмевка, оти редачите здушно, како наизузст научена лекција ги исфрлаат кога ќе фатат да објаснуваат каде живееме).
Слушаме и за тоа дека сме трети, втори, море па и први, за тоа дека сметот е оптичка илузија и не корне никаде. Дека саде умни, соодветни и многу на место луѓе се овде и онде и таму, заседнати по фотелјите и дека токму тие најдобро знаат кое делче каде треба да се вметне. И успеваат. Гледаме комплетно замелушени во сликата, на која и Пикасо може да ни позавиди - очите ни се зад ушите. Уста, се чини немаме. Грлото и гласните жици не се гледаат, може па понавнатре ни се.
Атрофирани галиба.
Секако, за мене како учител по ум, душа и срце засекогаш (иако сум вон мојата училница веќе една година) најважниот дел од целата сложувалка е образованието, секако. За него денес најмногу ќе пишувам. Секогаш за него и од него почнувам.
Се уште, и се чини безнадежно засекогаш, оптоварено со зафати кои не водат никаде. Предолго талкање. Смена на главните редачи, застанати во одбрана на погрешните делчиња, делегирани до редачите по општините со насоки кои слепо се прифаќаат. Се редат без отворен простор да се процени, дефинира и протолкува тежината и придонесот на секое делче во целосната воспитно-образовна слика, особено од оние кои знаат што значи сложувалка и што носи како последица.
За почеток, редењето стартува при избор на локалните и директните редачи, од кои најмногу зависи здивот, квалитетот, смислата на училницата. Оние кои редат делчиња затоа што им се кажува кое каде треба да биде, без оглед на тоа што, со чест на исклучоци, немаат осет дека креираат слика од која детето учи, сфаќа, креира светоглед за тоа како една сложувалка треба да изгледа. Што треба да им се понуди, за да утре можат да бидат способни тоа што го гледаат, да го дефинираат како погрешен состав на делчиња кои едноставно мора да се разместат - само и само од една причина: не се за во сложувалката. Затоа што која е смислата на училницата, ако не сфаќаат дека живот не е молк, не е немост, не е глувост? Дека треба да се глас, а не ехо? Дека ќе знаат, само ако разберат?
Но ете, нашите делчиња не се такви. Составуваме слика во која нашите деца се последни по знаења, по разбирање на наученото. За нашите деца, 8 Септември, денот на кој нивните родители закачуваат знамиња на балконите е денот на мајката. Нашите деца не знаат кој е Блаже Конески. Нашите деца не сфаќаат дека не е најстрашното што некоја си инфлуенсерка не знае кој е Достоевски. Најстрашното е што тие знаат која е инфлуенсерката. По погрешно делче, здравје.
Нашите деца не умеат да читаат ниту кога ќе дојдат во средно училиште. Нашите деца се неемпатични, незадоени со потребата да читаат, за да раснат и зреат во умот и погледот на свет. Нашите деца сфатиле дека да учиш е еднакво на "смотан си", да си мирен и културен е еднакво на "ќе јадеш ќотек". Сфатиле дека живеат во амбиент во кој нормалноста подразбира да немаш поим што си учел денес, да можеш да фрлиш смет кај ќе ти текне, да викаш до глуво доба пред нечии порти, оти родителите сметаат дека тоа е слобода и кому му смета, нека си оди на село, што мајка бара во град.
И ете - делче по делче, добиваме сложувалка која дава тажна слика на една сфера која продуцира идни луѓе, заседнати ваму и таму и онде по фотелјите, со задача да препознаваат кое делче каде навистина припаѓа. Она што го сфатиле од редењето додека растеле и зрееле, тоа и ќе можат да го состават, особено кога свесно прифаќаат улога на послушни редачи, поставени по вертикала - што има врска, да редам јас додека ми е дадено. Кога, ако не сега? После мене, друг нека реди од почеток. Или па и не.
Ќе завршам, оти инаку писаниево роман ќе се стори, нели, со тоа што ќе речам вака: Тукушто завршивме со чествувањето на празникот, тежок 35 години. Плоштад. Спортски сали. Каравани на родољубието. Стававме знамиња низ социјалните мрежи. Држевме рака на срцето дур се пее химната. Цвеќиња клававме, како што е редот. Говоревме за еднаквост, за место за сите. Од патриотизмот направивме декорација, конечно. Празнувањето заврши со неотчетни трошоци, со ветувања за јавна транспарентност колку сме платиле за да заборавиме дека немаме. Со горчливиот филинг на "panem et circenses".
Со свесноста дека нашата сложувалка утре пак ќе подразбере делче од типот "Знаеш некого во општина? Да ми заврши работа нешто". Со свесноста дека сметот од неиспразнетите контејнери и понатаму е декор во нашата тажна пиеса. Со свесноста дека ќе скокаме преку дупките низ улиците, кои колку вчера се крпеа и останаа крпеници. Со свесноста дека.........
И да, конечно, државата и секоја општина во неа, па и нашето мило Куманово, ќе бидат среќни, здрави, умни, учени, културни, пристојни, силни, имуни на тапост, со енергија за создавање, а не за деструкција и чисти по сите основи, само ако луѓето кои живеат во неа се такви. Сите. Секако, и ако се свесни дека големата слика зависи од нив, а делчињата се во нивни раце. Се дотогаш, градот ќе го сакаме само како идеја - чист, пристоен, чесен, зона на животниот спокој во која не се преживува. Се живее.
Елизабета Секирарска, Наставник во пензија
Други колумни од Елизабета Секирарска
Паралелни корона светови
28.05.2020
Приказна за една воспитно-образовна деценија
28.05.2017
Сликичкa родена од мисла
13.12.2016
Поглед во огледало
17.10.2016
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*