Нема бегање од дупчењето нови дупки на ременот. Ако е за утеха, мечката на рецесијата (читај криза) не игра само на нашата врата туку ја тресе економијата на светско ниво. Барем така не' убедуваат експертите и аналитичарите на кои, сакале-несакале мораме да им веруваме. А ќе сме излезеле од кризата оваа година велат тие сезнајни експерти, особено тие од владината провиниенција. Ако не држи сеќавањето така велеа и лани ова време и преклани. Туку, што ќе биде на локално ниво? Годинава, сполај му, започна мирно и спокојно со оглед на тоа што се случува во поширокото опкружување на ниво на државава, а особено во регионот. Во државава толпи од стотици незадовлни граѓани (тутунари, лозари, сточари) ѕемнат по блокади на патиштата и бараат да им се плати тешко заработениот денар. Во поширокиот регион пак (Грција, Албанија) скраја да е, во хаотични немири против политиките на нивните влади паѓаат и глави. Нашава, кумановска влада, може да си биде спокојна. Куманово оддамна не е тутунарски град, ниту градинарски, ниту сточарски. А да не говориме индустриски. Се' е урнисано и јабана отидено. Да не е стечајните работници со своите протестни драмолетки по улиците и плоштадите - ќе не' нема како Куманово на телевизиите. Кого го боли уво што сме најголема општина во државата? Шие му го Ѓуро што би се рекло. Тутку, со што ќе се ашкаат нашиве, кумановски гратски татковци на нивните седници годинава? Кога нема силна економија и производство каде, за волја на вистината локалната самоуправа нема ни уставни и законски ингеренции, и натаму комуналното уредување останува главен ресор за дејствување, за расправи(и) на седниците, за подеми и за падови на рејтингот на актуелната владеачка гарнитура на Куманово. Комунално уредување како редовно и квалитетно водоснабдување, средување на гратскиот сообраќај, расчистување на дивите гратски депонии, натамошно осмислување и ,,шминкање'' на двата плоштади и почесто загледување по ќошињата надвор од центарот. Таму има многу за метење: Средорек, населбата ,,Зад стадионот'', Пуковско, ,,Пчињски пат'' Реката (од Лопате до Проевце) по која и натаму се трупаат ислужени јоргани, душеци, кревети, шпорети пластични канти и буриња и пцовисани животни. Во таа насока советниците како гратски татковци треба годинава доббро да си ги засукаат и ракавите и ногавиците а потоа, во времето што ќе им преостане, нека си пресипуваат од шупливо во празно колку што сакаат со реплики и контрареплики како што тоа го прават нивните хиерарсиски постари колеги во националниот Парламент.
Столе Божиновски Столе Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*