×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Учење и развој или учење за диплома

    Александар Арсиќ

    Куманово важи за чевларски град, а во чевларската идустрија работат над 1500 работници, но за чевларската насока учениците многу слабо се интересираат. Дали на едно развиено општество веќе не му требаат пекари, преработувачи на храна, изработувачи на облека, електичари, оние кои ги бара секојдневниот живот?

    Секогаш некаде брзаме, секогаш времето брзо ни минува, а важните работи во животот остануваат незабележително да чекаат подобри времиња. Некако сме навикнати работите да се решаваат сами по себе, некој друг да ги реши, решението само да се наметне. Образованието е само еден сегмент од општествениот живот, а во исто време и негова основа, кое бара постојано менување и постојан развој. Затоа и проблемите со кои се соочува образованието заслужуваат место во моево размислување со цел да не бидеме неми набљудувачи на процесите кои се повторуваат од година во година.

    Советот на Општина Куманово секоја година носи одлука за давање согласност за формирање паралеки со помалку од 25 ученика во средните општински училишта. Во средно образование спаѓа гимназиско и стручно образование. Но, проблемот со формирање на паралелки во гимназиското образование не се чувствува, па секоја година одлуката се донесува за средно стручно образование, каде се формираат паралелки со помалку од 25 ученика. Овој податок беше и важна причина за мојава колумна баш на оваа тема-Средно образование.

    Во Општина Куманово има три средни стручни училишта: СОУ „Перо Наков„, ОСТУ „Наце Буѓони„ и ССОУ „Киро Бурназ„, попознати меѓу граѓаните како економско, техничко и земјоделско училиште. Во сите училишта постојат струки и профили каде секој ученик може да си го одбере своето образование според своите афинитети, според своите визии и според своите желби. Секое училиште дава соодветно образование за одредени сегменти од општественото живеење. Исто така со комплетирање на средното образование било да е тоа гимназиско или стручно, учениците имаат можност и за запишување на некоја од висообразовните институции во државата или пак според можностите и на престижните светски факултети.

    Во последните години сведоци сме на се поголем број завршени ученици кои запишуваат високо образование, се поголем број на постдипмломски студии. Според податоците кои ги следиме дури 98,9% од учениците кои завршуваат средно училиште се запишуваат на факултет.Тоа значи дека скоро сите ученици ако учат и дипломираат на запишаниот факултет ќе станат академски граѓани на овој град, а еден дел и магистири и доктори на наука. Оваа вака напишано дава голема надеж за учениците, за градот, за државата. Тоа значи дека ќе бидеме најписмената, најпросперитетна и технолошки најнапредна нација на светот.

    До тука се е јасно. Сите добиваат високо образование, сите стануваат стручни лица, но на високообразованите луѓе треба да им се обезбеди и работа спрема својата стручност. Секој треба да добие вработување според своето образование. Тука е и првата пречка на која треба добро да се размисли. Брзо поминуваат четирите односно трите години поминати на студии. Што понатаму???

    Сега да видиме зошто секоја година Советот на Општина Куманово ја донесува одлуката за формирање паралелки со помал број на ученици од 25. Од досега кажаното се гледа дека повеќето ученици имаат желба за запишување во гимназиското образование, со цел и да бидат меѓу 98,9 проценти кои ќе го продолжат своето образование. Така полека и бројот на паралелките и бројот на учениците во гимназиското образование дојде до едно високо ниво, а обратнопропорционално од стручното образование каде се намалува бројот на учениците. Стручните училишта доаѓаат во една несигурна и подредена положба.

    Секоја година Министерството за образование и наука распишува конкурс за уписи на ученици во средно образование каде предвидува за 50 проценти повеќе места отколку што има ученици. Аналогно на тоа и понеатрактивните струки во училиштата неможат да го пополнат бројот на учениците. Исто така бројот на струките и профилите во училиштата се зголемува скоро секоја година, а бројот на учениците кои се запишуваат останува ист или се намалува, односно бројот на ученици кои завршуваат осмо одделение е се помал. Така остануваат се поголем број на паралелки со непотполн број на ученици. Што понатаму???

    Од извештаите кои ги изготвува Секторот за образование, многу од струките кои се важни за општественото живеење имаат проблем со својот развој. Сакам да наведам само некои примери за да може сите да процениме важноста на опстојување на истите. Сите знаеме дека Куманово важи за чевларски град, а во чевларската идустрија работат над 1500 работници, но за чевларската насока учениците многу слабо се интересираат. Друг пример кој сам се наметнува со увоз на стари возила од западноевропските дестинации многу актуелен последниве години. Кога имаме стари возила мора да спремиме стручен кадар кој ќе врши поправка на истите, но за жал истотака заинтересираноста е се помала. Во услови пак кога државата дава стотици милиони евра субвенции за земјоделците и државата се декларира со услови погодни за развој на земјоделието се потешко паѓа одлуката за упис во овие струки, па штетата од неправилно произведената храна по здравјето на луѓето сите ја чуствуваме. Дали на едно развиено општество веќе не му требаат пекари, преработувачи на храна, изработувачи на облека, електичари, сите оние струки кои ги бара секојдневниот живот? Голем е бројот на струките кои се помалку се атрактивни. На крајот на краиштата дали сакаме некој стручно да ги работи набројаниве професии или истите ќе ги оставиме на луѓето кои животот ги приморал и принаучил да ги работат истите? Дали учиме за да научиме или само за да се стекнеме диплома? Што понатаму???

    Одговорот на што понатаму мора да го дадат некои натамошни испитувања на состојбите во образованието, правење добри издржани анализи, подобрување на уписната политика, стимулирање на одржливи струки, овозможување на демократија при упишувањето во средно училиште но, истовремено внимавајќи, воспоставувајќи и почитувајќи ги критериумите на уписите. Со пристапот на правилното насочување на желбите но, истовремено водејќи голема сметка на исполнување и на можностите на ученикот сигурно ќе дојдеме до правилни и одржливи уписи со исполнувања на барањата на општеството.

    Развојот на едно општество почива на развојот на целокупното образование. Само добрите лекари, добрите професори, добрите инжинери неможат да бидат независни во нивниот општествен живот. Општественото живеење може да биде само симбиоза на различни струки, профили и степен на образование. Само така секој чинител на општеството ќе може да го даде својот максимум во неговиот развој, а притоа водејќи се спрема своите квалитети и можности.

    Александар Арсиќ Александар Арсиќ, координатор на советничка групана СДСМ и коалицијата Сојуз за иднината

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*