Еден вид ментална хигиена, за да во наредната година бидеме подготвени за сите предизвици и стресови кои не очекуваат. Јас се подготвувам за Вевчани на славниот „Вевчански карневал„, настан кој последниве години редовно го посетувам, и на сите топло ви го препорачувам, бидејки иако се работи за традиција од многу стотици години, актерите на карневалот секогаш се свежи со идеи и маски. Во духот на традицијата јас ќе се обидам за нашите читатели да стокмам една Василичарска приказна. Таа е од нашето секојдневие, потикната од „артилериското„ дејствување на политичките противници СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ, што започна веднаш по „договореното примирје„ на први и втори јануари, а кое повеќе беше од празнична природа од колку од вистинска потреба за прекин на огнот. Дека и едните и другите страшно се намерачени доказ е константната борба на централно, и се почесто на локално ниво. Ако централната војна беше софистицирана, со теледиригирани проектили кои понекогаш и не се знаеше кој и од каде ги лансира, полека се префрламе на класичен начин на војување во кое главните рољи ги играат пешадијата подржана од коњицата.
Од „доверливи„ извори кои контактираат и со двата генерал-штаба дознаваме дека ниту една од завојуваните страни не сака ни да слушне за воспоставување на мир, туку напротив пожелно е да се регрутираат и што повеќе неутрални сили, кои по желба би облекле сина или портокалова униформа, и би помогнале една од страните да создаде предност пред противникот. Доколку истите неутралци одбиваат да се вклучат во оваа војна тогаш зачудувачки но вистинито, и двете страни имаат иста тактика:- Преку субверзивни активности неутралните да се прикажат како јатаци или петоколонаши кои работат за една од страните.Впрочем кои се тие што се замислуваат, овдека имаш право да избираш меѓу повеќе од двајца? Неможеме ние да прескокаме цели циклуси! На овој народ му е доста од демократија! Зар не е доволно што од едноумие влеговме во ера на двоумие.За нивните војници оваа претставува добар тренинг за финалната пресметка наречена избори. Впрочем најдобро се напредува во војна, па така оваа е одлична шанса да се напредува и да се заработи некој повисок чин, обичниот војник да стане каплар, капларот наредник, наредникот поручник и така се до генералски еполети.Логистиката и извидниците(анкетарите) велат дека сега за сега портокаловите се во предност добро се фортифицирани навреме ги зазеле стратешките точки со тешки орудија, сеуште добро ги контролираат комуникациските врски, платените разузнавачи од спротивниот табор сеуште си ја вршат работата, иако повеќе или помалку се чувствува замор на матријалот.
Се на се тврдината наречена Македонија успешно се брани.Но од извори блиски до Портокаловиот генерал-штаб дознаваме дека одредени генерали, нормално во кулоарите, никако пред Маршалот веќе гласно поставуват прашања:Дали ќе се издржи на веќе зацртаната стратегија позната во војната наука како 100 чекори со подстратегии проширени,надградени? Гласниците јавуваат и дека од бојното поле се чувствува недостаток на трпение, средства, моралот е на се пониско ниво, се послабо се синхронизираат активностите. Еве неколку забележани случаи на една катастрофална организација и слабости во сопствените редови: -На свечената лопата за поставување на камен темелник недостасувала панделка што само по себе зборува дека влегол некој СДСМ-овец во нашите редови (се мисли на оние неевидентирани кои сеуште не поминале во ДПМНЕ) и ја одврзал се со цел да го намали значенито на тој светол настан.-Брмчачите (тоа се луѓе кои стојат позади говорникот кој дава изјава за пријателските телевизии добро распоредени и наместени како во жив зид на фудбалски натпревар со сценографска задача да симболизираат монолитност и единство преку климање на глава во знак на одобрување, иако ни теоретски не можат да слушнат што дотичниот изјавува) се с`е помалубројни и по проретчени.-Замислете на едно отварање на спортска сала забележан е случај како голманот го одбранил пеналот и со тоа излегол вон славеничкото сценарио. Потребни се дополните истраги да се утврди дали голманот е врбуван се со цел да ја упропасти манифестацијата.Поради ваквите пропусти издадена е најнова Наредба: Мора да се збијат редовите и комитетите да поработат на овие слабости, во спротивно сите направени списоци за приоритетни вработувања ќе бидат поништени и ќе се направи ново рангирање.Од друга страна, непријателот успејал да уфрли диверзантски групации кои се претставуваат како : стечајци, тутунари, млекари, лица кои се доживотно привремено вработени, социјалци и.т.н, кои ги запоседнуваат патиштата и институциите вооружени со свирчиња, низи тутун, кофи со млеко и со тоа директно ја загадуваат околината, преку создавање на бучава, палење на тутун, истурање на млеко по улици и сл.
Тоа се всушност лица кои не барат права и средства за својот вложен труд туку специјално обучени формации во непријателските тренинг кампови, со единствена задача: намалување на нашиот висок рејтинг, минимизирање на постигнатата благосостојба и убавиот живот.Таквите формации потребно е да се неутрализираат на следниот начин: Да им се изнајде на водачите некаква закачка, во стилот украл чоколадо во маалското дуќанче во второ оделение и сл. Веднаш да се мобилизираат нашите антидиверзантски единици да им се даде распоред, и да се упатат до најблиските штабови на опозицијата како би можеле да воспоставиме рамнотежа на силите. Односите со сојузниците како да заостануваат, да се поработи на тоа поле, да се прикаже во позитивна смисла дијалогот на Ферд-Маршалот, Млатко Фром Сент Николас, со Ербап Фурија-Темпо. За да се добие битката потребна ни е и авионска логистичка подршка. Парите од кредитите неможат да се фрлаат со падобран може да завршат во противничките редови.Под итно да се испита ситуацијата со затварање на аеродромите. Да се утврди „кој го тоа направи во Македонија“ па сее магла?. Дали се тоа комуњарите непрокопсани?, Ил се клетите Грци што наш Аце сакат да ни го земат и аеродроме да ни прекрстат?Да се задолжи Генерал Гроф- Динго да реагира со сите десет прсти и да нареде полкот за метереологија што е под негова команда да растера м`глу. Доколко тој не се десе сви у каменолом у његову Грофовију, знае он како треба.Од доброупатени извори кои се во непосредна комуникација со Синиот генерал-штаб дознаваме:Сите озбилно работат на стратегијата, дење-ноќе се бдее над генерал-штабните карти, се прават симулации како да се поврати тешко спечалената територија оставена од нивните татковци и дедовци. Ситуацијата е до толку сериозна што традицијата по опсежни анализи да се прочита по некоја 12 годишна книга од омилените автори: Вокер, Балантајн и Чивас, е заменета со пиење јогурт и овошни сокови заради подобра кондиција, згора на тоа и со овоа цигарите работата е „врвка„ тежок тоталитаризам.
Стариот Маршал до доцна во ноќта анализира. Ги слуша гласините на разрешените генерали како не го бивало и слично. Младите се тука околу него, но го јаде „јанза„ немаат ни една битка позади себе, не дека не се трудат, ама брате генерал без битка не бива, треба да се калат. Еве одат по ослободените територии, ама не знаат да воспостават однос со населението, како да е толку тешко срдечно да се избакнеш со стари баби и бубуличави селанки. Што очекуваат они бре, кој треба да ги дочека? Моника Белучи, Анџелина Џоли можда со се Бред Пит, па да бираат. Не бе батки таквите лепотици и лепотани како по правило се кај окупаторот. Знаат ли они колку офанзиви има поминато Маршалот и токму тие старци безброј пати го имаат спасувано, бар во овие моменти тие треба да се испочитуваат. Си запишува во бележникот треба да се поработи на случајот.Ја анализира Маршалот ситуацијата на фронтот, ги гледа добрите и лоши страни.Генерално ситуацијата се подобрува, појавата на дезертерство полека исчезнува, ги пребродивме загубите на старите другари. Е, кога само ќе се сети на плејадата борци од типот на Двоцевски и компанија со прекрасно морално-политичко воспитување. Но добро е најтешкото помина, мора да се направи стратегија за предавниците. Ете ти беља оној Голи Оток не е во Македонија, па не сме веќе ни иста држава. Каде со предавниците? Идризово, Шутка и слично, ни треба за тековни потреби тие капацитети се предвидени за непријателот, а да оној островот на Преспанско Езеро Голем град, тоа е место со традиција. Дури и Цар Самоил едно време го затворил својот зет таму, па ја не ќе можам предавниците. Но треба да се провери, слушам многу змии се накотиле таму да не е случајно некој резерват. Ние како модерно движење не смееме да дозволиме змиите да бидат вознемирувани од обични домашни предавници, не е европски, плус тоа можеме да го нарушиме биодиверзитетот, па ако и предавниците се намножат како и змиите што ќе им правиме, и така ги има многу. А Мариово? Добра идеја! Си запишува во тефтерот. Таму е такво поднебјето, наталитетот е слаб просторот голем, со тек на време ќе исчезнат, па и да не исчезнат никој нема да ги најде нема патишта. Туку ајде, тоа се стратешки проблеми за нив има време.Дај да видиме како стоиме на фронтот, станувајки од фотељата се упатува кон масата со распосланите карти, чешајки се по побелената брада и размислува:Многу сме развлечени мајката, не иде. Еве три упоришта и три фронта отворени. Добро стоиме на сите ама многу се далеку еден од друг.Еве на Северниот фронт генералот Миц добро гази, иако името му ја оддава тактиката. Среќа непријателот е неорганизиран, па незнае да возврати на тактиката ,,Миц по Миц,, додека оди така добро е ама ....?И тој има слаби страни, дај боже да не е толку студено. Север е тоа уште ако застуди, а генералот не е отпорен знае од време на време да „замрзне„, поготово во одлучни моменти. Бележникот е тука си запишува: ситуацијата е добра, потребен е генерал во резерва во случај првиот да замрзне како „лута резерва„, истиот да се тренира и обучува за „недај боже“. Ајде да го видиме Јужниот фронт. Исто добро иде генералот Зајец, прав либеро како оној фудбалерот имењакот од Динамо Загреб де, ви текнува?Игра напред, игра позади, шутира пенали, знае да направи фаул кога треба, има добри врски во сојузот, и црвен картон кога добива пак игра. Еве ја еднаш му го избришав картонот како претседател на сојузот, греота е таков талент да седи на клупа, млад а искусен со многу утакмици. Такви играчи ни требаат. Добро е ама .... ? И тој има мани, дали од премор од битките на фронтот, дали од нервоза и лоша мисла дека нема да биде началник на генералштабот, дали од лоша исхрана, знаеш војна е тоа јадеш конзерви со неидетификувано потекло и изминати рокови, отиде кутриот во човекојадци. Абе му викав на оној нашиот интендантот, де пиљаров што ни го заробија Алелуја Раковски. Пази бе Алелуја на јужен фронт пуштај повеќе конзерви со зеленчук знаеш генетика, јеби га тие таму навикнале на пипер и патлиџан штеди малку од тоа батаците пилешки, ќе ги утрапиме на друг. Еве на пример на овој генералот на урбана герила каратистот Стив Џакомо- Ли, на него му требаат протеини спортиста човек. Уште ако се радиоактивни како што сум чул тоа ти е екстра енергија, парче ќе прави во Метрополата, а он на мене: „Алелуја шефе завртевме уште една рака, знаеш ситна роба дучанчина мора да одиме на обрт“, еве ти сега обрт он у ќорка, заробен под обвинение ко ратен профитер, а генералот Зајец човекојадец.Чекај, чекај па тоа можда и не е толку лошо. ќе се плаши непријателот. Море како не е, што ако нагло огладне ќе почне и од нашите, вади тоа тефтерот и пиши: Зајец на одмор, да се чува само за одлучни битки и тоа да се пушта во први борбени редови да сее паника кај непријателот. Нема потреба да го тормозам со санитет, знаеш таму ни е онаа или оној, незнам сите ја викаат сестра Бубе, едно време беше Брат Бубе, ама не, ќе го изулават човекот многу викаат не пазат дали има дали нема луѓе, а не дека се многу ама галамџии, туку што све човек мора да трпи.
Дај да видиме Западен фронт генерал Манулач како од филмот де. Море не е така само глуми Манулач. Дојде поплава он „гитла“ Австралија, бре викај го врати се, он никако, бре заканувај му се ќе те сменам, он никако, кога види манга он таму не се сончал и капел, кога дојде со едно тајно оружје Бумеранг мислам беше, така го викаат. Страшна работа ем тепа по противникот, ем па ти се враќа, таква предност правиме доле, а пари за муниција не даваме, милина. Се мислам и овија другиве генерали да ги пратам да набавиме еден контингент за сите фронтови. Пиши контингент бумеранзи да се осовремени армијата.
Добро е добро, го обли наплив на оптимизам стариот Маршал, дупките ќе ги покриеме со диверзантски акции, и така ни појде на тоа поле, плус тоа ние кога напаѓаме секогаш сме во предност. Еве и книгите кажуваат, потешко е на тие што се бранат во однос на тие што напаѓаат. Значи горе доле имаме шанси за победа добро е амаа...?- се замисли Маршалот. Како да го решам најголемиот проблем т.е., како да се решам себеси? Војската и народот не ми веруваат доволно?
Е да! Ми текна! Финтата на Черчил. Едноставна работа ќе почнам да пишувам мемоари како тој по Втора светска војна, тоа луѓето го разбираат ко еден вид тестамент, па ќе си кажат добро е си оди Маршалот ќе остави некој друг подобар. Ја добиваме со тоа војната, а после спонтано ги организирам да ме вратат. Па мајкуму кога можат Черчил и другар ми Мило, пет пати да идат и петпати да се враќаат можам и ја по трети пат.
Ај среќна Василица !
Кисело Весело !
Советник од ВМРО-НП во Советот на Општината
Миле Јакимовски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*