На денот на просветителите, 24 мај би сакал да кажам и напишам неколку зборови за македонското образование. Според мене душата на едно оштество, и на нашето опстојување. Клетка во секое општество од која зависи дали истото ќе биде здраво или ќе започне да заболува.
Денес образованието во Македонија е паднато на најниските гранки од нејзиното осамостојување. Како наставник кој со голема љубов ја работи оваа професија и целосно се посветува на наставниот процес и на учениците морам да кажам дека во повеќето случаи како наставници сме оневозможени да го работиме сето онаа за кое што учевме на факултетите. Денес образованието е сведено на документи, хартија, казни, закани, екстерни тестови и слични необразовни методи кои висат како Дамоклов меч врз целокупниот образовен процес.Наставниците наместо педагози изигруваат писари, попишуваат, запишуваат, печатат, укоричуваат и што ли уште не. А суштината? На овој ден кога треба да го славиме образованието и науката, кога треба да бидеме предводници на идеите во општеството заедно со нашите ученици, јас со жалење морам да кажам дека истото е целосно девастирано. Власта која моментално владее со Македонија удри на најсуптилната нишка на секое општество, а тоа е образованието. Во нашите училишта наставникот додека е на училиште постојано е под стрес, под притисок и закана дека доколку нешто не спроведе како што замислиле ТИЕ ќе биде казнет и ќе остане без работа. Ќе биде ставен на столбот на срамот во училиштето – дека ете ти си тој,ти си посочениот, ти си оној кој не ги исполнува ,,законските,, одредби.
Ја убија креативноста во наставниот процес, внесоа неподготвено екстерно тестирање преку кое бараат ученикот да заокружи одговори на претходно научени прашања! Замислете на претходно дадени прашања кои ученикот може да ги научи на памет. Каде е тука личниот став, каде е тука сопственото размислување, каде е тука обработката на некоја тема преку сопствен есеистички поглед? Каде е тука науката, образованието.Очигледно не ги гледаме со исти очи работите.Се запрашал ли некој дали секој предмет заслужува и смее да биде ,,екстерно тестиран,, на ваков неетички начин со кој не се постигнува ништо.Еве јас на пример мислам дека предметот македонски јазик а посебно литературата и широкоградоста која таа ја овозможува е тотално искасапена преку ваквите неетички тестови. Алатката наречена екстерно служи само за заплашување на наставниците, за нарушување и создавање хаос од последните денови од учебната година, и за предизвикување нервоза и непотребен стрес кај учениците. Колеги наставници, потребно е сите ние заедно да го истакнеме нашиот капацитет, да се избориме за минимум автономија во нашата работа, потребно е ние да бидеме диригентот во наставата, а не некој да не користи како инструмент за спроведување на нечии идеи. Без разлика на политика, без разлика кој ќе биде на власт потребно е да им се даде, овозможи слобода на наставниците во креирањето на наставната програма,наставниот час, потребно е едноставно да престанат да ни се закануваат дека доколу ни недостасува нешто во таканаречената дневна подготовка на која воопшто не и ја гледам смислата на постоењето дека тоа ќе го наруши наставниот процес. Па почитувани мои ниту Климент Охридски, ниту Кирил и Методиј имале дневни подготовки, а сепак описмениле народ и ни дале писмо, знаење, букви.
Потребно е да се обидеме сите заедно да ги отфрлиме казните во образованието, а да ги воведеме наградите, да овозможиме поттик на наставниците, и оние кои ги креираат наставните политики најпрвин да го прашаат наставникот , изворот, дали се согласува да се воведе нешто или не, па дури тогаш преку една размена на мислења и тркалезни маси да се имплементира истото.Бидејќи со сила убавина ниту биднувала, ниту ќе бидне.Со казни да - убавина сепак не, ама фрустрирани наставници да.
Наставници мои, потребни ни се подобри услови во училиштата, подобра инфраструктура, проекти со кои ќе го подигнеме целокупниот процес на наставата,соработки,квалитетни издржани и во секој поглед стручни учебници, намалување на бројот на часовите во основно образование бидејќи децата се преоптеретени,ставање акцент на предметите македонски јазик и математика од прво до четврто одделение, најмногу четири предмети на таа возраст, лцд телевизори, лцд проектори во секоја училница - е дури тогаш ќе можеме да кажеме дека сме направиле нешто со што се подигнал квалитетот за нашето образование.Потребни се услови со кои ќе бидат задоволни и наставниците и учениците. Нека ни е честит уште еднаш Денот и сите заедно да се обидеме да го исполниме долгот и мисијата на Кирил и Методиј.
Сашо Тодоровски Сашо Тодоровски, портпарол на СДСМ Куманово.
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*