Но почитувани, не само што доцна започна, туку овој процес кај нас уште многу долго ќе трае,бидејќи кодошлукот кај нас нема само општествени корени, туку тој е традиција.
Треба ли да се потсетиме низ колку бурни историски времиња во последните два века, кога Македонија била на крстопат да биде или не, кодошите одиграле најзначајна роља во нашето небидие.
Почетоците на поткажувањето се забележани и во писмена форма, во периодот на турското владеење. Еден турски хроничар забележал дека во Македонија е најлесно да се добијат две работи кои во светот се најскапи, а тое се храна и информации. Во секоја куќа ќе те нахранат и напојат во духот на традиционалното гостопримство и срдечност и тука ќе ги добиете информациите кои ве интересираат.
Во почетокот претпоставувам, кодошењето било од забава или од ситна пакост. Најчесто било упатено кон соседите, со кои домаќините биле спречкани околу меѓа или алатка, но како се движело времето, кодошлукот еволуирал на овие простори. Од лични пресметки прераснува во негативна општествена појава, па почнало да се поткажува за се и сешто.
Да се запрашеме: Кое од македонските востанија не било „провалено„? Колку револуционери почнувајќи од Гоце Делчев, па до Ченто биле предадени? Колку луѓе по Втората светска војна завршувале во затворите од Голи оток до Идризиво, благодарејќи токму на оваа појава?
Секако дека просторот на овој текст не дозволува подетално елаборирање на други примери за вакви „херојски дела„ во кои кодошел кој кого стигнел: брат брата, сопруга сопруг, татко син итн. Тоа го правеле поради пари, позиција, уцена, а најчесто мотивите биле познати само на кодошите.
Дека таа појава била длабоко вкоренета покажуваат и народните песни во кои предавниците се „лустрираат„ со грст клетви.(Не смеам да ги спомнам имињата, бидејќи законот е ригорозен, па можеби се предвидени консеквенци, уште повеќе што некои од ликовите се во роднинска врска со одредени функционери).
Во предвечерието на демократијата во деведесетите години уметниците го почувствуваа мирисот на новото време, па почнаа похрабро и порешително да го опишуваат и исмеваат ова општествено зло.Читателите се сеќава на антологискиот филм „Среќна нова 49„ на Столе Попов, каде што главниот јунак е жртва на кодош од својата непосредна близина? Тоа беа пораки од кои поука требаше да извадат идните генерации. Да се расчисти со негативностите кои зад себе оставија голем пустош манифестиран преку лични и колективни трагедии. Но, види чудо! Во времето на плурализмот од 1990 година до 1998 година, трите влади што се сменија на тој план буквално ништо не направија. Додека во земјите од „Источниот лагер„, како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија и другите, овие процеси веќе беа завршени или во поодмината фаза на реализација, ние сеуште се двоумевме дали воопшто да започнеме со „лустрацијата„ и како да ја изведеме. Со еден збор кажано се изнајдоа иљада причини само да не ја биде работата.
Новата влада од 1998 година почнува со голем ентузијазам и желба да расчисти со минатото, кој во исто време директно или индиректно претставуваше пречка за Евроинтегративните процеси. Се отворија досиеата на кодошените како некој нормален редослед или увертира на фазата обелоденување на имињата на кодошите, но глеј „случајно„ почнуваат „манифестациите„ од типот на: Бегство на дел од пратениците на Демократска алтернатива од парламентарното мнозинство, бегство на 6 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, мафтање со касети со снимени разузнавачки податоци на собраниска говорница добиени по кој знае какви канали, војна, медиумска хајка против актуелната власт незапаметена на овие простори и слично. Така буквално со дефокусирање на јавноста се успеа овој процес да застане.
Од 2002 година од фамозниот 15 септември, па се до 2006 година со малку козметика на тој план доаѓаме до владеењето на „Преродбенициве наши насушни„ со надеж дека барем со неколку чекори напред ќе исчекорат пред сите претходници, па појдовме со голема корпа да ги собереме ветените ни јагоди, спротивно од онаа народната. Доаѓа предлог на законот за лустрација од пратеникот Стојан Андов во тоа време дел од „Портокаловата коалиција„, па по низа дебати како во самата коалиција така и надвор од неа, со судни маки истиот беше и донесен. Но на сцена доаѓа фамозната комисија која требаше да ја заврши работата што со месеци чекавме да се формира. Деновиве владеачката структура упорно тврди дека е непартиска, а беше изгласана од партиско парламентарно мнозинство. Се сеќавам дека во тоа време секој човек од таа комисија беше грижливо избран и проверуван преку кадровските комисии на партиите. Токму и заради тоа толку долго се чекаше на нејзиниот почеток со работа.
Како ја стокмија истата, можеби и држи констатацијата дека подобро и да не ја формираа отколку што излезе ваква. Како инаку да се толкуваат прегласувањата во истата. Инаку називот е Комисија за верификување на фактите, па чудно за едните фактите се факти, а за другите не се.
Дури по реакцијата на ВМРО-Народна партија на конференција за печат како и отвореното писмо испратено од нашиот почесен претседател Г-дин Љубчо Георгиевски до Никола Груевски, почнаа нервозни и брзоплети реакции.
Откако излегоа на површина одредени личности, потенцијални соработници, повеќе како плод на кулоарски прераскажувања претседателот на истата комисија збунето и брзоплето излезе во јавноста со најнебулозната изјава која сум ја слушнал во последно време: „Одредени потенцијални кодоши не можеле да се прогласат како такви, бидејќи тоа не го работеле во континуитет„. Значи толкување кое би значело: „На почетокот од еднаш, а после можеби и од три пати не се станува ............. кодош„
Потоа следеа ненадејни посети на Архивот на Македонија, одговор на писмото во кое се тврди дека законот е добар и се спроведува доследно, да веќе истата вечер дознаваме дека заседава Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и донесува одлука да се отпочне постапка на преработка на истиот.
Следува логичното прашање: Ако, до пред некое време на шега се велеше дека од земјите на транзицијата последниот Сталинистички мустаќ бил избричен во Црна Гора, кога во Македонија ќе биде соблечен последниот УДБ-ашки мантил? Лавината на изјави од различни политички субјекти, институциии и поединци не престанува и до ден денешен, но секако намерата на пишувачот на овој текст не е да се направи ретроспектива на настаните кои се случуваа во поблиското и подалечното минато, туку личната желба и желбата на мојата партија ВМРО-НП еднаш за секогаш вистински да расчистиме со овие девијантни појави.
Нормално, пред се за таа работа највеќе треба да се ангажираат партиите кои партиципираат во власта, кои по природата на нештата се и најодговорни. Уште повеќе што како никогаш до сега има и едногласна подршка од сите политички партии на опозицијата. Треба да се престане со поделбата на наши и ваши кодоши. Демек нашите ќе ги заштитиме, а вашите ќе ги истакнеме, бидејќи може лесно да се случи како што се случувало истите само да ја сменат страната. Колку и да е болно, секој прво треба да расчисти во сопствените редови, бидејќи во суштина зборот „Лустрација„ значи прочистување. Власта треба да се надмине самата себеси, и да престане со прикаската дека тие се совршени, а дека некој друг секогаш им е виновен, уште повеќе на ова ги обврзува фактот што овој обид за лустрација доживеа тотално фијаско. Само така ќе се симне горчината, најнапред на оштетените и понижените, актерите кои се предмет на лустрацијата, а потоа и општеството ќе се прочисти од овие девијации кои со години наназад перманенто ги поткопуваат сите темелни културно-историски, општествени и какви се не вредности кој овој народ го прави народ, оваа држава, држава и како канцер ги разјадува виталните делови на општеството. На крајот на краиштата колку и да се работи за моќни поединци и групи, сепак се многу помалку од искрените и чесни луѓе кои и мислат добро на Македонија. Вие сте на потег, посегнете по вашата „посветеност„ претворете ја во реалност, времето е неповратно, а народот суди најмалку еднаш во четири години.
Советник во Советона Општината Куманово и генерален секретар на ВМРО-НП
Миле Јакимовски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*