Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Следниот месец се уписите во средните училишта и апелирам младите да продолжат да се образуваат водени од личните афинитети и секогаш во предвид да ги имаат состојбите на пазарот на трудот и слободните работни места за човечките ресурси во стопанството.
Податоците упатуваат на стручното образование, кој нуди најголема веројатност за обезбедување на пристојно и добро платено работно место, истакна министерката за образование Мила Царовска, по посетаta на неколку средни стручни училишта, кои организираат отворени денови за идните средношколци.
Таа потсети дека оваа година голем фокус е ставен на дуалното образование како концепт кој повеќе се насочува на практична обука на работно место, отколку на изучување теорија во училница.
Отворени се вкупно 97 дуални паралелки се во 46 средни стручни училишта во државата, а наставата ќе се реализира заедно со 200 компании кои изразија интерес да се вклучат во образовниот систем.
„Годинава предвидуваме 2000 стипендии во вредност од 3500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите ученици кои ќе се запишат во дуална паралелка и тоа е одличен мотив за избор на дуално образование- додека се учи, истовремено и да се остварува приход, што многу им значи на младите“, рече Царовска.
Уписите во средно образование ќе се реализираат преку три пријавувања во текот на следниот месец, почнувајќи од 14 јуни. Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација.
Во конкурсот за упис во средно образование се понудени вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои, речиси две третини, односно 19.602 во стручно образование со 604 паралелки.
Инаку, промотивните активности се реализираат во рамки на кампањата за средно стручно образование „Учи паметно, работи стручно“ што ја спроведува МОН со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје.