Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кривопаланчанката Оливера Јанковска Бајај, која живее и работи во Хјустон, Тексас, САД, е една од највлијателните и најуспешните жени во градот. Таа се наоѓа на високата и престижна позиција - директор за образование на градот Хјустон, на која доаѓа после долгогодишниот ангажман во УНИЦЕФ САД и импресивниот професионален развој. Ова е само уште еден нејзин успех во низата постигнувања, што ја вбројуваат во исклучително успешна и амбициозна личност.
Иако има само 34 години, пред две години беше меѓу Топ 30 највлијателни жени во Хјустон, во 2017 година е добитник на наградата за волонтерски сервис на американскиот претседател, а пред 7 години се најде и на листата на 40 најуспешни личности под 40 години на Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Успешно ја гради својата професионална кариера и е панелист на многу светски форуми на водечките меѓународни конференции, заедно со истакнати светски лидери, со кои се бори за за правата на децата, родова еднаквост, образование, против насилството. Истовремено, подеднакво успешна и како претприемач и креативец, автор на иновативни и едукативни проекти.
По професија е магистер по економија и академски истражувач на престижниот Rice Универзитет во Хјустон, а сестраноста и посветеноста и овозможуваат да се стекне со врвно искуство. Огромниот труд и напорната работа се нејзиниот главен адут со кои ја добива довербата на градоначалникот Силвестер Тарнер да биде директор за образовнаие на Хјустон, трет по големина град во САД, со околу 2,5 милиони жители. Нејзините квалитети и потенцијали, тој ги препознава при реализацијата на повеќе заеднички инцијативи во кои Јанковска учествува како соработник за ангажман со заедницата на УНИЦЕФ САД. Една од нив е и Меѓународната конференција посветена на трговијата со луѓе, организирана од „Збратимени градови“ ( Sister Cities International), на која се состануваат градоначалници од целиот свет, а на нејзина иницијатива присуствува и градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски.
„Градоначалникот на Хјустон имаше можност да ме види во акција и ми понуди да се приклучам на неговиот тим. Инаку, јас отсекогаш сум работела на развојот на децата, особено девојчињата и ги охрабрувам да се борат за себе во животот. Цврсто сум уверена дека само образованието може да ги изведе децата на прав пат и ги поттикнувам да мислат дека се е можно, ако се сака. Јас сум личен пример за тоа и сакам да им ја раскажам мојата приказна. Потекнувам од скромно семејство, кое опстануваше од земјоделство и одгледување животни. Од нив научив да ја сакам природата, но и да учам, да се соочам со животните предизвици и да не се плашам од работа. Тоа искуство ме искали да бидам подготвена на се во животот и да верувам во себе и во успехот. Затоа, целиот живот го посветив на младите кои се чувствуваат обесхрабрено. Така, со задоволство ја прифатив оваа функција и се надевам дека ќе придонесам многу млади да се образуваат и да станат успешни личности“, вели Јанковска.
Харизматичната и преубава млада жена, освојува со својата широка насмевка, но и со скромноста, едноставноста и огромната душа целосно посветена на поддршката на младите од ранливите групи и од економско сиромашни средини, како и на промоција на различностите и мултикултурализмот. УНИЦЕФ е организацијата која и ги отвора вратите кога и било најтешко, и дава поддршка да продолжи да се образува, учи и да го гради својот пат кон успехот, за што им е бескрајно благодарна. Затоа, иако од неодамна се наоѓа на нова фунција, вели дека засекогаш ќе биде нераскинливо врзана за оваа хуманитарна организација и целосно посветена на нејзината мисија.
„УНИЦЕФ ми помогна кога немав доволно средства за да се школувам и да го надградувам моето академско образование. Сакав да и возвратам на оваа хуманитарна организација, која работи во 190 земји, меѓу кои и во Македонија и таа е моја пасија. Во УНИЦЕФ САД работев на потикување на граѓанската свест за помагање на луѓето, особено на децата на кои им треба помош за да ги развијат своите потенцијали и да ги остварат желбите. Моја животна мисија е да им помагам на децата кои живеат во лоши економски услови и досега имам соработувано со над 17.000 странки, со организации, универзитети, политичари, државни и религиозни институции, со младите, за да направам заедница што ќе ги поддржува децата“, нагласува младата кривопаланчанка.
Јанковска, сега и Бајај, е мажена за Индиец, со кој го имаат четиригодишниот син Вејан, кој веќе зборува македонски, хинди и англиски, а од оваа есен ќе тргне во интернационално училиште каде ќе изучува француски и шпански јазик. Токму животот во мултиетничко семејство и општество и нејзината посветеност на младите, но и пасијата за креативен уметнички израз на творење уште од детството, ја поттикнало да пишува книги, сликовници за деца, чија цел е подигање на свеста за богатството на мултикултурализмот, различноста и нивно интегрирање во заедницата. Нејзините дела се собрани во креативната едиција „Мојата татковина“ (My Homeland), која ја освојува читателската публика ширум светот.
„Пред четири години станав мајка на мало момченце Вејан, кое ќе живее во САД, но потекнува од мајка Македонка и татко Индиец. Се плашев дека кога ќе порасне може да биде збунет, па сакав да го поттикнам да биде горд на своето мултиетничко богатство. Тогаш, се роди идејата да напишам книги со прекрасна и магична хипербола на неговите три татковини за да чувствува целосна припадност кон овие култури. Автор сум на серија книги за деца „Мојата татковина“, кои се посветени на децата на иселениците за да научат да ја сакаат татковината и нејзината култура, да можат да го разберат и почитуваат светското културното богатство. Главни ликови во моите дела секогаш се девојче и момче, бидејќи сум голем поборник за родовата еднаквост. Сега работам на втората и трета серија. Следните изданија што ги подготвувам се „Мојата Македонија: Желба за откритија“ и „Мојата Естонија:Патување на откритијата“. Во САД луѓето се многу љубопитни и сакаат да се запознаат и да научат нешто повеќе за другите култури. Можам да кажам дека моите најголеми соработници и поддржувачи се Американци. Луѓето тука многу ја ценат разновидноста и инклузијата“, објаснува Оливера.
Јанковска е многу горда на своето македонско потекло и не пропушта можност да ја промовира Македонија и нејзината култура. Таа е претставник на Обединетата македонска дијаспора за државата Тексас, со која оргснизираат средби, се дружат и ги охрабрува нашинците да поканат свои пријатели за да се запознаат со нашата култура и традиција.
„Обожавам да носам македонска традиционална облека, и тоа можеби е предоминантно, но и од секаде од светот. Не чекам специјални прилики, знам така да се облечам и во обичен ден. Верувам дека негувањето на сопствената култура е дел од нашиот идентитет, зашто без чувство за припаѓање нема успех. Каде и да сум, јас ги негувам својот јазик, култура и традиција“, вели Јанковска.
Со сопругот иако припаѓаат на две сосема различни култури, тие функционираат беспрекорно, затоа што се „освоени“ од културите на другите народи. Патуваат многу и секогаш заедно со нивните семејства. На тоа гледаат како на можност за поттикнување на желбата што повеќе да осознаат за нивните култури, но и за културите на останатите народи. Сепак, особено импресионира леснотија и вљубеноста со кои Оливера ја презентира индиската традиција. На прашањето што најмногу цени, а што и смета во индиската култура, доколку има такво нешто, Оливера одговара:
„Најмногу го ценам нивниот начин на славење.Секој роденден,празник или голем настан е нешто преубаво, весело, радосно, но понекогаш и преобемно, преголемо. Така, она што најмногу ме привлекува, понекогаш знае да биде и преоптоварувачко“.
Оливера денес е успешен млад човек на кој му претстои импресивна кариера. Но, сепак вели дека останала истата, која што ја знаат сите во Крива Паланка. Не пропушта да каже дека е уметник во душа и дека сака да твори, игра и пее. Да им се заблагодари на кривопаланчаните Станче и Зоран Станковски, кои биле меѓу малкутемина што разбрале дека децата треба да се посветат на уметноста и го трасирале нејзиниот креативен пат.
„И денес го правам истото, како и во детството, тинејџерските и студентски денови. Активна сум во невладиниот сектор, читам многу и обожавам да запознавам луѓе од целиот свет. Се уште сум истото девојче кое пребаруваше книги во Градската библиотека, ако ги немаше ги бараше од професорите и кое цело лето го мина читајќи под оревот во детската градинка близу мојата зграда. Се уште сакам јазици, драма, фолклор и граѓански активизам. Се уште ми значи што бев дел од хорот „Распеано симитче“ и сонував и јас да пеам на сцена “, вели Јанковска.
Таа денес го живее нејзиниот сон на успешна деловна жена, лидер на многу организации за интернационален развој на децата, пее на сцена како дел од хорот „Интернационални вокали на Хјустон“ (International Voices Houston), го слави и промовира македонско потекло и македонската култура, продолжува да пишува. А со тоа, продолжува кон целта светот да биде поубаво место за сите, а особено да им даде можности на најмладите, кои немаат привилегии како останатите деца, да им ги отвори вратите на идните генерации.
„Во иднина ќе продолжам да го правам се она што ме прави среќна-да сум активист и да се борам за оние што не можат да се борат за себе, да творам и да се реализирам во уметноста и да бидам Македонка во очите на сите што ме знаат “, порачува Јанковска.
(Жаклина Цветковска)
(Фото: приватна архива)