Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Клиниката за кардиохирургија во Скопје ноќеска е извршена втората трансплантација на срце во Македонија. Операцијата беше извршена врз момче на 27 годишна возраст, а срцето го доби од девојка која загина во сообраќајна несреќа.
Министерот за здравство Венко Филипче ја објави веста за трансплантацијата.
„Во 3.33 часот утринава кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија. Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше! Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги!“, напиша министерот Филипче.
Трансплантацијата ја извршил тим од тројца кардиохирурзи под водство на Сашко Јовев од државната кардиохирургија, Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“ и Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“.