Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Тука, е баш тука ја запознав Лена. Пливајќи во Вардар се заљубивме“. Разнежнет, со блажена насмевка како на скоро 70 години да го вратил времето и пред очи да го живее минатото, Ристо Атанасовски, стар скопјанец, преку зборови ни раскажува за почетоците на неговата љубов со сопругата која ја загубил пред две години заради тешка болест.
„Од мај до септември се капевме во Вардар. Скопските лета беа најубавиот период на мојата младост“, вели Ристо, „како бре деца успеавте се` да уништите за толку кратко време?“ ми се обраќа мене, мислејќи на генерациите по него.
Се поднаведна, зема една прачка и дофати пластично шише што пловеше низ заматениот Вардар, најголемата река во Македонија која се влева во Егејското Море.
„Види, вакви гледам постојано! Срце ме боли кога ќе видам што остана од Вардар. А од оваа вода наводнуваме ниви за храната што ја ставаме на софра. Па добро бре деца, па кого уништуваме кога не ни е гајле за Вардар? Негрижата на државата и на граѓаните направи Вардар, од место за разладување и капење во летниот период, да стане извор на зарази “, завршува загрижениот скопјанец.
Нема повеќе романтика во разговорот со Ристо. Тој со сериозност ја гледа состојбата на најголемата река во Македонија. Таквата сериозност со години се слуша и во политичките програми и планови на сите партии, но за жал, Вардар и по толку време се` уште е без пречестителна станица, а од година в година неговата состојба дури и за човечко око е се` поочајна.
Скопје, единствен град во Европа кој нема пречестителна станица
Скопје е единствениот град во Европа кој нема пречестителна станица за отпадни води. Иако државата на крајот на 2019 година склучи договор за заем од европските банки во износ од 136 милиони евра за да направи, сè уште се чека да почне нејзината изградба. Проектот предвидува првата фаза од изведбата на пречистителната станица да биде готова до 2035 година.
„Чекаме комисијата да продолжи да работи. Изгубивме многу време со пандемијата и со енергетската криза“, вели Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. „Знаете дека власта и опозицијата во Град Скопје имаа сериозен конфликт и обвинувања за трошењето на парите за пречестителната станица, а оттаму чекаме одговор. Ние како Министерство го зваршивме нашето“, вели Нуредини кревајќи рамена како нем одговор на дополнителното прашање – има ли абер дали комисијата ќе одговори позитивно за да се продолжи со активностите околу пречестителната станица.
Нуредини само потсети „Можеме да решаваме секакви политички прашања, да правиме реформи, но држава без пречестителна станица на Вардар не може да стане полноправна членка на Европската Унија!“
Град Скопје не одговори на нашите прашања поврзани со пречистителната станица, но според податоците на УХМР, Вардар по целото негово течение според бактериолошките анализи е во четврта класа, поради што е забранет за капење, наводнување и напојување на стоката.
Вардар од својот извор во селото Вруток според физичко-хемиските елементи е со квалитет од прва класа, но уште кај гостиварското село Форино, поради загадувањето, водата паѓа во четврта класа (највисок степен на загаденост е петта класа). Ова е утврдено со истражување спроведено во рамките на проект за идентификација на индустриски испусти по течението на реката Вардар и за следење квалитативни и квантитативни карактеристики на отпадните води.
Со ова истражување од 2014 година, се прави обид да се добие реална слика за загадувачите од изворот на Вардар кај Вруток, преку Гостивар и Тетово, па сѐ до излезот на реката од Скопје. Анализирани се примероци од атмосферски, комунални и индустриски испусти.
Наодите покажуваат дека освен фекалии и комунална вода од домаќинства, непречистени отпадни води се испуштаат во реката од субјекти со различни производни дејности, како млекарници, погони за сувомесни производи, производство на јајца, кожарска индустрија, металургија и други.
При истражувањето се анализирале само поголемите загадувачи, а резултатите покажуваат надминување на дозволените вредности на азот, амониум, хемиска потреба за кислород, биолошка потреба за кислород, фосфор, суспендирани материи, како и цинк, олово, никел, железо и манган.
И останатите реки во очајна состојба
Македонските реки се под постојан притисок од комунални и индустриски води, цврт отпад и други хемиски супстанци кои тешко се разградуваат и се таложат во водниот свет. Интензивното градење на малите хидроелектрани, пак, целосно го уништуваат животот и течението на реките. Инспекторатот за животна средина врши контрола на загадувањето со само еден инспектор, а некои од хидролошките станици на УХМР за контрола на водостојот и квалитетот на реките воопшто не работат. И покрај тоа, од Министерството за животна средина уверуваат дека концентрацијата на опасните и штетни материи во реките се во пропишаните граници.
Професорката Стаменковиќ вели дека нема полоша состојба за реките од онаа кога во самиот извор почнува загадувањето. Ја посочува реката Дрим, за која вели дека туристите ја обожаваат.
„Проценката на еколошкиот статус согласно одредени индекси кои ние сме ги примениле во ова истражување, укажува дека е на пат изворот на Свети Наум, изворите на Дрим да прејдат од добар во прифалив или moderate статус. И сега ќе се запрашаме како е тоа возможно во едно изворишно подрачје? Она што ме загрижува е тоа што јас забележувам во анализите присуство на инвазивни видови на ракчиња. Штом тоа се појавува тоа ни кажува дека во еден воден еко систем има зачетоци на нарушување на состојбите, на соодносите на живиот свет. вели професорката Валентина Стаменковиќ од Институтот за Билогија.
Лошата состојба на Дрим ја забележуваат и двајцата рибари кои со децении ловат на исто место.
„Во последниве години не се води многу сметка за животинскиот свет што се наоѓа во реката. Поради хигиена, нема контрола на водата, контрола на нивото на водата, како ќе им текне ја пуштаат и ја запираат... За отпад да не правиме муабет. На секои 15 минути надолу пливаат полни ќеси со ѓубре, наместо да го фрлат во кантите, тие во реката!“ вели Величе Наумоски, рибар од Струга. Со ист став е и неговиот сограѓанин, рибарот Милчо Стојаноски.
„
Водата е релативно чиста, бидејќи доаѓа чиста вода од езерото, но надолу никој не води сметка за колекторите, тоа се загадува. Цела среќа е што доаѓа чиста вода инаку воопшто не се води сметка за животната средина. Во реката фрла ѓубре кој како ќе му дојде, од сите места.“
Не ги сфаќаме доволно сериозно климатските промени
Климатските сценарија предвидуваат и јавување на недостиг од вода, што е разбирливо со оглед на тоа што се очекува пораст на температурата на воздухот и зголемување на траењето на периодите со суша. Сепак, кај нас продолжува несовесното користење и загадување на водните текови. Водата за пиење се употребува во производните процеси во индустриските капацитети и најголем дел од неа непречистена се испушта во природата. Голем придонес кон загадувањето на водите имаат и домаќинствата. Имено, според последниот попис во Македонија се уште огромен број од домовите немаат канализација. Дури и оние што се приклучени на јавна канализација ги загадуваат реките и езерата поради недостиг од колекторски системи и пречистување на фекалиите и детергентите што се користат во домаќинствата.
Со други зборови, природата ни дава чиста вода, којашто ние ја загадуваме, ја правиме неупотреблива и придонесуваме кон уништување на живиот свет односно биолошката разновидност и целиот еко-систем.
Климатските промени ја менуваат еколошката слика доаѓајќи брзо и ненајавено и оставајќи големи траги. Затоа на долг план во светот се работи на оваа пробематика. Ангелина Давидова, експерт за климатски пшромени, вели дека развиените земји во светот работат сериозно на полето на климатските промени.
„Тоа е една област што се нарекува адаптирање на климатските промени и е различна во различни региони во светот. Многу држави, многу региони и многу градови во светот веќе започнаа со т.н. стратегија за адаптација на климатските промени и со тоа ги гледаат сите ризици на регионот, на државата или на градот, кои ризици се најголеми за луѓето кои живеат таму, што може да се направи и кога може да се направи. “
Но на домашен план, државата се` помалку одвојува средства за климатските промени. Секој ребаланс на буџетот значи кратење од животната средина.
Катерина Топалова
„Овој материјал е објавен во рамките на проектот „Going Environmental“ управуван од n-ost и БИРН и финансиран од германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ). BMZ во никој случај не е одговорен за информациите или гледиштата изразени во рамките на проектот“.