Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од денеска може да се аплицира за ваучери за годишен одмор за граѓани со ниски месечни примања односно за семејства кои не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.
Оваа мерка е во рамки на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на потврди-ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања за да истите ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување- хотели лоцирани во туристичките центри во Република Северна Македонија кои претходно се пријавени во Министерство за економија.
За реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари, што значи ваучери ќе има за 1.250 граѓани, а средствата ќе се даваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
„Со оглед на зголемениот интерес на граѓаните и оваа година ќе продолжиме со мерката преку која на работниците со ниски примања им се овозможува користење на годишен одмор. Владата преку програмата на Министерството за економија, во 2017 година почна да ја спроведува оваа мерка со цел да даде поддршка на домашниот туризам, но во исто време на семејствата со ниски месечни примања да користат одмор во туристичките центри во земјата“, велат од Министерството за економија.
Јавниот повик ќе трае до 30 јуни. Ваучерот ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година.
Јавниот повик и конкретните документи кои треба да се достават може да ги најдете на веб -страната на Министерството за економија на следниот линк:
https://www.economy.gov.mk/doc/2974