Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За Велигден и Бајрам да нема полициски час, и угостителските објекти да работат до 20 или до 20.30 часо, е новиот предлог на Главниот кризен штаб во Владата, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Овие мерки би почнале да се применуваат од среда, ако поминат утре на владина седница и ќе важат до завршување на празниците по што ќе се разговара за нови мерки, во зависност од ситуацијата. Мерките, како што рече Филипче, се препорачани врз основа на актуелната епидемиолошка состојба којашто се следи секојдневно.
„Верските лидери земаа обврска црковните служби и молитвите да ги организираат надвор од верските објекти. Ова е состојба во која сите мора да сме исклучително внимателни. Таков начин на организација комбинирана со одговорност на граѓаните ќе не доведе во ситуација да нема прекршување на мерките. Сите со сопствената одговорност, да покажеме дека можеме функционираме и во присуство на вирусот“, кажа Филипче.
Комисијата за заразни болести предлага полицискиот час од среда, 28 април, да почнува од 21 часот и да трае до 5 часот. Комисијата ќе го достави предлогот до Владата, која за него треба да одлучи на седница. Владата треба да реши и дали ќе бидат отворени летните тераси на угостителските објекти.
Предлогот е за Велигден полициски час да нема ноќта в сабота спроти недела (први спроти втори мај), а за Бајрам ноќта на 12 спроти 13 мај.
Говорејќи за епидемиолошката состојба, Филипче изјави дека бројките на новодијагностицирани случаи на ковид-19 се намалуваат и денеска има помалку од 100 случаи, а тоа се чувствува и во болниците каде што има тренд на зголемување на бројот на испишани пациенти. Исто така, се намалува и притисокот во болниците во другите градови низ државата и бројот на префрлање на пациенти во Скопје.
„Епидемиолошката крива е во опаѓање и бројот на хоспитализирани пациенти во континуитет се намалува во изминатите денови. Бројката на примени пациенти во ковид центрите во Скопје и низ државата е се помала и се зголемува бројот на испишани пациенти на дневно ниво. Епидемиолошката состојба се смирува, но останува да се почитуваат мерките за заштита“, додаде министерот.
Вкупно ковид дијагностицирани досега се 150.588, од кои оздравени се 129.053, починати 4.677, а активни се 16.858.