×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Благојка Ѓорѓиевска – земјоделка која ја спојува традицијата со новите трендови (видео)

    05.09.2024 23:27 | Жаклина Цветковска

    Благојка Ѓорѓиевска од ранковачкото село Одрено е земјоделка, но и жена која со својата креативност и трудољубивост го спојува традиционалното и модерното. На своите 70 години, Благојка не само што ги негува наследените занаети, туку и ги интегрира новите технологии и знаења за да создаде нешто вистински уникатно.

    Нејзина специјалност се правењето сапуни, некогаш оние старите, традиционални, од животинско потекло, денес нови и софистицирани,  изработени на природен начин со ладен процес, природни состојки, миризливи, декоративни и убаво спакувани.

    Благојка започнала со правење сапуни од свински кожи, свинска маст и сода, она што се правело во минатото. Сапуни кои служеле  за бањање, за перење, за чистење.

    „Правењето сапун го научив пред 50 години од баба ми и од постарите генерации. На почетокот тоа беше едноставен и груб процес. Се ставаа свински кожи и се вареа повеќе часа, а потоа се ладеа, се сечеа и се сушеа. Потоа, сапуните ги правев само од свинска маст и сода бикарбона. Овие сапуни не се вареа, се права рачно, ги матев долго со маталка, а после следуваше истиот процес- сечење и сушење.

    Со доаѓањето на новите трендови и барањата на пазарот за натурални и органски производи, Благојка не се уплашила да се приспособи на овие методи. Се започнало по иницијатива на нејзината ќерка Жаклина, која како хемиски инженер по завршувањето на факултетот, додека барала работа, започнала да се занимава со правење модерни и декоративни сапуни од природно потекло.

    „На почетокот, кога ќерка ми почна да ги прави новите сапуни,  ме прашуваше која густина треба да бидат, од што колку да се стави, се додека не ги усоврши и сега имаме мерка до милиграми и милилитри. Но, со текот на времето, ќерка ми се вработи и престана да ги прави сапуните. Јас веќе ја бев усвоила методологијата, тоа ме исполнуваше и ми беше интересно ,така што продолжив со нивна изработка и еве веќе неколку години активно ги подготвувам“, вели 70-годишната Благојка.

    Сапуните се изработуваат по посебна рецептура со ладен процес. Се користат исклучиво природни состојки, свежи билки набрани во чиста еколошка средина и мацерати познати по своите благотворни дејства за кожата.

    „За изработка на овие сапуни се  користи сирово, неварено козјо млеко и маслиново, кокосово и палмино масло. Во нив се додаваат мацерати –масла од лековити билки и тоа од кантарион, невен, босилек, лаванда, нане, ајдучка трева. Мацератите се приготвуваат посебно со ладно цедено масло, најчесто маслиново, кои потоа се процедуваат и се додаваат во сапуните, што ги прави уникатни и посебни. Се грижам секој сапун да биде по мерка и направен како што треба“, објаснува Благојка.

    Процесот на изработка на сапуните, вели, е комплексен и вклучува многу работа: од собирање на свежите билки, до подготовка на мацератите и конечната изработка. Сите состојки се матат долго со рачна маталка пред да се излеат во калапи. Така, стојат 24 часа, по што се вадат и се сушат еден месец на природен начин, на промаја. По целиот овој процес, спремни се за користење.

    Сапуните од билки и мацерати привлекоа внимание на Фестивалот за храна и ракотворби во Крива Паланка. Посетителите се интересираа од што се направени и какви се благопријатните својства. Благојка раскажува како тие стигнале дури во Лондон, оносно оваа оваа вредна и одважна жена ги направила и во британската престолнина, кога била во посета кај синот и снаата.

    „Кога тргнав да ги посетам моите во Лондон немав моментално од сапуните, а знаев колку ги сакаат, па ги  направивме таму . Купивме се, се беше достапно , од билките до мацератите, дури и поефтино од кај нас. Ги направивме истите сапуни како јас што ги правам во моето Одрено, а тие беа презадоволни“,  раскажува Благојка со насмевка.

    Но, сапуните не се единственото нешто што Благојка го прави кога станува збор за традиционалните рецепти. Таа е позната и по правењето  мевлем за изгореници, направен  од бозел, пчелин восок и од зејтин.  Вели, доколку се користи не остануваат белези на изгорената кожа.

    „Рецептот ми го даде  една пријателка, професорка, додека патувавме заедно. Од тогаш го правам овој мелем кој помага многу “ вели таа.

    Благојка, живее сама во Одрено , откако и починал сопругот. Нејзиното семејство е  распрснато, синот во Лондон,  ќерката во Штип, но секогаш и се поддршка во животот и работата. Вели дека ниту се плаши, ниту и е тешко што е сама. Се уште е витална и здрава и постојано е ангажирана со работи кои и го исполнуваат денот. Цел живот се занимава со земјоделство, некогаш и со сточарство, но денес вели само за свои потреби. Живее од семејната пензија и вели дека и е добро и дека му се радува на животот.

    „Убаво ми е во селото, работам што можам,  контактирам со децата, кога можат доаѓаат да ме посетат. Што можам да посакам повеќе. Тоа е среќата во животот“, заклучува оваа едноставна и искрена жена.

    Благојка Ѓорѓиевска е пример за тоа како традицијата може да се обнови со современи техники и со работа и посветеност, дури и во зрелите години. Нејзиниот труд и креативност не само што ја одржуваат традицијата жива, туку и ја збогатуваат со нови и иновативни идеи. Секој сапун и секој мелем што го прави  не е само продукт на вештина, туку и на љубов и страст кон работата што ја сака.

     

     

    Благојка Ѓорѓиевска – земјоделка која ја спојува традицијата со новите трендови (видео)