×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ирена Цветковска од Куманово - борец за женски права и родова рамноправност

    11.12.2022 13:11 | Жаклина Цветковска

    Ирена Цветковска, адвокат и активист од Куманово, долги години работи на унапредување на положбата и правата на жената, и воопшто за заштитата на човековите права и слободи на сите полиња од општествениот живот. Како вистински борец за родовата рамноправност и еднаквост, со своето големо искуство секојдневно придонесува за поинклузивно и подемократско општество, во кое родовиот и социјалниот јаз ќе се намалува, а ќе се даде се повеќе простор за еднаквите можности за жените и мажите.

    Ирена Цветковска од Куманово - борец за женски права и родова рамноправност

    Цветковска е на листата на адвокати за бесплатна правна помош која се обезбедува преку Министерство за правда, во соработка со Адвокатската комора на РСМ , а има големо исуство и во поголем број на проекти реализирани преку Македонско здружение за млади правници во соработка со УНХЦР, ИОМ, СОС Детско село и други проекти финансирани од Советот на Европа.

    Меѓу нив се и проектите за правна помош и поддршка на жртви од казниви кривични дела и на лицата жртви на трговија со луѓе, помош на лица баратели на азил, а работи и како бранител по службена должност за правна помош на малолетници за заштита на правата на детето.

    Најголем предизвик за да се зафати со толку комплексна работа, како што се женските и воопшто родовите права, е токму „комплексноста на борбата“ за остварување на правдата, но и благодарноста на ранливите лица по постигнатиот успех.

    „Најголем успех за мене е задоволството на лицата со кои работам. Резултатот е видлив преку насмевките на лицето на жртвата, нивната среќа и радост, зашто голем е предизвикот да се работи со ранлива група на граѓани на кои им е потребна несебична помош, поддршка за надминување на проблемите, потреба за донесување на правилна одлука во вистинскиот момент“, вели Цветковска.

    Таа се соочува со секојдневна институционална и вониституционална борба, правна помош која несебично ја дава, умешност за движење низ правниот лавиринт, од првиот контакт и влезот во системот преку негово адекватно користење и спроведување на правдата. Клучна улога, вели, има и довербата во институциите и секако ефикасната судска разрешница, преку соодветни санкции за виновните сторители и надомест на штета за жртвите како сатисфакција.

    Цветковска вели дека во последно време во нашата држава многу активно се работи на полето на родовата еднаквост и елиминирање на дискриминацијата.

    „Иако, во најголем број на случаи како ранлива категорија се појавуваат жените, многу често директни или индиректни жртви се и децата, повозрасните членови на семејството, а понекогаш дури и мажот може да биде жртва на насилство. И не станува збор само за физичко насилство, тоа може да биде и психичко, сексуално или во друга форма , па оттука буквално секој може да се најде во состојба да биде жртва или барем потенцијална жртва на било кој вид на насилство или дискриминација. Тоа е резултат на новите економски текови, брзиот раст и развој на општествените услови, нискиот праг на толеранција, нетрпеливоста, статусните и генерациските разлики, социјалните разлики кои се повеќе преминуваат во класни разлики, неприфаќање на различностите, што се и причини за дискриминаторската положба на ранливите категории лица“, посочува Цветковска.

    Нејзин став е дека нема ефективен пристап и рамноправна борба без ефикасен институционален пристап, пристап без предрасуди и стереотипи, со целосна имплементација на законот и меѓународните прописи.

    „Активно треба да се работи и на полето на развивање на свеста на граѓаните, најпрвин преку обуки на вработените во однос на начинот на пристап со ранливите групи, децата како најчувствителна и посебно ранлива група, понатаму жртвите на било каков вид насилство, а тука се возрасната групи граѓани, лица со посебни потреби, со трауми и многу други категории, кои многу лесно можат да преминат од потенцијални во вистински жртви“, децидна е Цветковска.

    Првиот чекор е информираноста на граѓаните за тоа каде треба да пријават насилство, односно како да се охрабрат жртвите да го пријават, да ги надминат своите предрасуди, да имаат храброст, можност и доверба дека проблемите треба и може да се решаваат.

    „Жртвата не секогаш е подготвена да се соочи, најпрвин со себе, па со институциите, со насилникот, со последиците и ред други работи. Ако се земе предвид дека е психички и физички повредена, во паника, понекогаш и со чувство на сопствена вина, несигурност, анксиозност ,траума... многу е тешко да се вгради најпрвин доверба, па понатаму истрајност во справување со системот, фер судење, рамноправност на докази, односно тоа е цела наука за постапување со жртвата“, одговара Цветковска.

    Според неа, дискриминација може да се јави во сите сфери на општественото живење.

    „Во прв план дискриминацијата може да се јави на примарно ниво ,помеѓу членови во семејството, домот, јазот на релација маж – жена, родител-дете, потоа следи дискриминација во општествената средина на дејствување, околина, на работното место, институционалното и вонинстиуционално дејствување, во политичката сфера, социјалните и културните кругови на живеење“, подвлекува Цветковска.

    За да се изгради свест за родовата нерамноправност потребно е граѓаните да бидат информирани за нивните права, да се организираат медиумиски кампањи, почести гостувања на соодветни стручни лица, разни дебати, форуми и организирани активности за сите лица.

    „Преку запознавање на граѓаните со основните човекови права и слободи, втемелени во домашни и меѓународни прописи, ќе се гради свест за препознавање на сите форми и облици на родова нерамноправност, дискриминација и насилство. Во државата има предвидено и бесплатна правна помош за граѓаните, која се спроведува преку Министерството за правда, и на примарно и на секундарно ниво, бесплатни советувалишта, вклучувајќи ги Центрите за социјална работа, невладините организации, правните клиники и цела плејада на институционални и вонинституционални организации кои можат да помогнат во борба за родова рамноправност. Секако, пристапот без предрасуди,прифаќање на разликите, толеранција на различностите е чекор напред кон надминување на состојбата“, објаснува Цветковска.

    Вели дека не е лесно, но жените треба да се потрудат да најдат начин да се справат со сите предизвици што ги носи современото општество.

    „Справувањето со секојдневните обврски, почнувајќи од потребите на семејството, домашните и семејни обврски, преку приватниот социјален живот, дружење, културните активности и многу други приватни предизвици, се една цела плејада на потреби и можности со кои секојдневната жена мора успешно да се носи, ако сака да се изгради во сестрана личност“, е ставот на Цветковска.

    Ирена Цветковска е активист уште од младоста. Како средношколка била вклучена во повеќе младински активности, а 4 години била и новинар во Радио Куманово. Денес, професионално се занимава со адвокатура и има адвокатска канцеларија во центарот во Куманово, во трговскиот центар „Гарнизон“. Има работно искуство повеќе од 25 години, својата професионална кариера ја започнала во Основен суд Куманово, потоа скоро 10 години била во правната служба на Царинската управа, а веќе 13 години е адвокат, како и лиценциран медијатор.

    „Во секојдневневниот живот, како и сите други жени, мора да се справуваме со денешните предизвици, да се направи баланс помеѓу приватните и прифесионални обврски, во домашни услови да бидеме мајки, сопруги ,домаќинки, а од друга страна да ги штитиме определбите и ангажманите на професионален план“, им порачува Цветковска на жените.

    2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk