Мени

Се одржа Саем на мало стопанство во Куманово, доделени субвенции од 15.000 денари на занаетчиите

27.10.2026 14:10 | Сузана Николиќ

Дваесетина мали стопанственици и занаетчии денеска ги презентираа своите производи на Саемот на малото стопанство, кој се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово. 

Се одржа Саем на мало стопанство во Куманово, доделени субвенции од 15.000 денари на занаетчиите

 Меѓу излагачите имаше чевлари, јувелири, цвеќари, пекари, кожари, билкари, грнчари и претставници на други занаетчиски дејности.

Претседателот на Регионалната занаетчиска комора Куманово, Агром Фазлиу, истакна дека е задоволен што комората успеала да се наметне како сериозна организација што го претставува гласот на занаетчиите, и помага во промоцијата и остварување на нивните права .

„Ги промовираме нашите членови на сите можни начини. Имавме новогодишен базар, осмомартовски базар, а сега и овој саем, бидејќи потребата од промоција на занаетчиите и од зачувување на традицијата и културата на сите заедници во нашиот град и во нашата татковина е голема. Верувам дека во иднина ќе организираме и меѓународен саем, бидејќи има интерес од земјите во регионот. Само така ќе придонесеме за развој на занаетчиството и економијата“, истакна Фазлиу.

Тој им се заблагодари на локалната самоуправа и на градоначалникот за континуираната поддршка, обезбедувањето средства за субвенции и отворањето на сувенирницата.

Општина Куманово годинава обезбеди субвенции за занаетчиската дејност во вредност од 15.000 денари. Ваучерите ги додели градоначалникот Максим Димитриевски на седуммина занаетчии.

„Овие скромни средства се повеќе симболични, но претставуваат почит и признание за луѓето кои го вложуваат својот труд во изработката на производи што се дел од нашата традиција и го претставуваат градот. Вие сте чувари на нашата традиција и на нашето културно богатство“, рече Димитриевски.

На саемот присуствуваше и заменик-министерот за образование, Дритон Сулејмани, кој истакна дека дуалното образование дава резултати и дека сè повеќе ученици се одлучуваат да се запишат во стручните училишта во градот.

Саемот го организираше Регионалната занаетчиска комора – Куманово и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово, со поддршка на Општина Куманово.