×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кети Дончевска Илиќ: Сама се изборив за сопствениот идентитет на театарската сцена

    27.07.2024 08:00 | Оливера Пешевска

    Во почетокот ме препознаваа само како сопругата на Гиле, и ден денес има ситуации кога така ме доживуваат. Но, морам со задоволство да истакнам дека во 99 проценти повеќе не е така, затоа што јас самата многу вложив во својата кариера и се изборив за сопствениот идентитет на театарската сцена.

    Кети Дончевска Илиќ: Сама се изборив за сопствениот идентитет на театарската сцена

    Вака ја започнува приказната за својата борба за достојно место во животот и професијата  актерката од Кумановскиот театар, Кети Дончевска - Илиќ, која е и сопруга на познатиот актер Горан Илиќ, мајка на Давид и на Сара.  Со 60-тина одиграни улоги во матичниот театар и дополнителни 15-тина во други театарски куќи во државата, Дончевска - Илиќ веќе има изградено репутација надвор од рамката „сопругата на Горан“. Родена скопјанка, таа е една од ретките, ако не и единствена која од главниот град се преселила во помало место и тука успеала да создаде успешна кариера, паралелно со обврските во домот и подигањето на двете деца.

    Кети во Куманово дошла во 1995 година кога се омажила за Горан, кој веќе бил етаблирано име во актерството, како во Кумановскиот театар, така и во државата. Тие се запознале една година порано на пат кон Прилеп, каде Кети била вработена, па бидејќи двајцата се уметнички души и со актерски темперамент, не им било потребно многу време за да одлучат дека „тоа е тоа“ за цел живот.  Оттогаш започнала нејзината борба за сопствен идентитет и препознатливост во театарската средина и во заедницата воопшто.

    „Борбата за осамостојување е многу поголема кога имаш еден таков човек покрај себе, кој е веќе ѕвезда, сите го познаваат и добро ги знаат неговите квалитети. И сега вие постојано имате некакви прашалници, клучното прашање е, која е партнерката на Горан која дошла во Куманово, дали е таа доволно квалитетенa како него или...? Сериозно, морав жилаво да се потрудам за свое место „под сонцето“. Во тоа време беше Гиле глумац и „жена му - глумица“, се смее Кети додека ни раскажува за нејзината женска борба во професионалната кариера.

    Нејзината упорност за свој личен печат во театарскиот свет, можеби најдобро се одразува преку улогата на „Мајка Храброст и нејзините деца“ на Бертолт Брехт , која посебно  ја издвојува од својот богат репертоар како лик  во кој многу вложила, но и имала голема среќа да го игра. Иако не мисли дека во некоја претстава се дала повеќе, а во друга помалку, затоа што за секоја улога максимално се подготвува и е многу самокритична,  сметајќи секогаш дека  можела подобро, сепак токму „Мајка храброст“ за неа претставувало идеал и остварување на некој нејзин сон.

    „Нема улоги кои што особено сум ги посакувала, а сепак има многу улоги што сум имала можност да ги одиграм кои особено ми биле значајни. Јас многу реално се поставувам кон работите и гледам да можам да си ги зауздам сопствените желби, зашто ниту времето во кое живееме не е благонаклоно кон оние со големи желби. Можеби, сепак, ми останува желбата да ја играм Аркадина од „Галеб“ на Чехов“, објаснува Кети.

    Таа како посебно го издвојува учеството, за кое е особено среќна и задоволна, во два филмски проекти на режисерот Јани Бојаџи. Пред две години играла во серијата „Бистра вода“, а сега само што завршила со снимање на серијата „Утре наутро“. Станува збор за  животна, женска приказна на Ромката Ајтен, која е маргинализирана и дискриминирана жена.

    „За улогата на Ајтен учев ромски и сум среќна и презадоволна што имав можност да играм таква улога во една таква приказна. На почетокот беше стресно и не бев сигурна дека ќе го совладам предизвикот, дури едно време мислев да се откажам. Јани ме убеди дека можам и сега едвај чекам следната година да излезе серијата и да видам што сум направила“, објаснува Дончевска - Илиќ.

    Таа вели дека убавината на нејзината професија е и во тоа, што никогаш не кажала дека ќе оди на работа, туку секогаш на проба. Смета дека актерите си имаат свои начини на комуникација, свои изрази и специфичност која си ја чуваат само за нив. За жал, констатира дека актерството го изгубило чувството на повик, посветеност, но сепак голем дел од актерите работат со огромна љубов и покрај катастрофалните услови со кои се соочуваат секојдневно. И во такви услови, оваа актерка свесно и со мисија ја посветила кариерата на Театарот во Куманово, па и немала можност да си ја испроба среќата на некој филмски проект во поширокиот регион.

    „Од денешна перспектива  можеби малку повеќе би се посветила на тој аспект од работата, за кој сметам дека некако ми се „излизга“ низ прсти. Не значи, дека би имала некој особен успех, но тоа никогаш нема да го знам, затоа што не сум се обидела“, вели Кети.

    Кога се работи за машко-женските односи во театарот, пак, никогаш лично не почуствувала разлика меѓу третманот на машки и женски актери, и никогаш не ни имала некој однос или став кон таквата поделба. Не смета дека како жена треба да има посебни услови или посебен третман, а со оглед на тоа што поголемиот дел од актерите се вработени во државни театарски институции нема разлика ниту во платите кои се исплаќаат по строго дефинирани критериуми, утврдени со закон и според договори.

    „Сепак, жените во светски рамки се соочуваат со овој  проблем, особено во филмската индустрија. Можеме да видиме дека и ден денес во законодавните и на останати одлучувачки позиции во државата и нема многу жени, што значи дека е продолжен трендот на доминација на машкиот пол. Од друга страна, пак, не мислам дека сме инфериорни во однос на мажите, и покрај тоа што сме традиционална средина. Сум имала ситуации кога на друг начин ме гледаат и слушаат само затоа што сум жена, но никогаш не сум дозволила да влијаат на мене. Секогаш сум се трудела да „го истерам своето“, најмногу затоа што сум била убедена во своите идеи и размисли. Но, се случувало и, кога сум настојчива да го докажам своето, да ми попуштат само затоа што сум жена“, се смее нашата соговорничка.

    Ваквиот пристап го смета за една женска стратегија која дава резултати, како и било која друга која завршува во полза на жената. Но, констатира дека подеднакво виновни се самите жени затоа што одредени позиции и ситуации ги прифаќаат како такви поради средината, семејството, работна позиција или социјалниот статус.  Смета дека, особено денес, потребно е жените да имаат поголема дрскост, па дури и доза на безобразност во справување со најразлични ситуации и остварување на она што е нивно право. Во уметничката фамилија која ја основала, тривијалните и секојдневни работи ги извршуваат равноправно со сопругот. Никогаш немало поделба, дури ни спомнување на  машки и женски работи.

    „Во овие 30 години имало период кога сопругот почесто готвел, затоа што сме имале мало дете за кое сум се грижела. Или кога Горан е на снимање или ангажман, јас сум менувала сијалици, грејачи на рерна, не можам да го чекам неколку дена да дојде затоа што тоа е машка работа. И денес  средува кој ќе може, или јас, или Горан.  Ако е полн мијалникот ќе се измијат садовите, ако е нешто расипано ќе го поправиш, она што можеме сами да го завршиме не бараме помош од другиот.„Барабар“ работиме  што викаат кумановци, во тој однос имаме равноправен, партнерски однос, без да разговараме или преговараме за тоа, си се подразбира самото по себе“, потенцира актерката.

    Енергичната и полетна Кети Дончевска Илиќ добро ја познава театарската сцена во државата и има цврсти ставови, засновани на аргументи како да се подобри статусот на уметноста и уметниците во општеството. Постојано е зафатена и размислува за унапредување и приближување кон публиката, но се обидува да одржи чекор и со современите драматуршки дела, концепти и начини на игра на една претстава. Смета дека самите театарџии можат и мораат да се потрудат да се подигне квалитетот на понудата но и образованието на публиката, што се однесува на театарската уметност.

    Таа и нејзиниот сопруг Горан не размислуваат за пензионирање, се им е поврзано со театарот, актерство и ќе продолжат да работат се додека физички можат. Особено што целото семејство го избрало патот на уметноста по кој се оди до крајот на животот. Синот Давид е исто така актер, а ќерката Сара– за која важело дека е најталентирана во семејството, по професија е филолог- толкувач од англиски и германски јазик.

    „Таа има остро око, отворено срце и уметничка душа, па сметам дека театарската критика е создадено занимање за неа. Не им се мешаме во животот и одлуките, двајцата живеат во Скопје и ниту сакаме, ниту можеме да се наметнуваме. Но убаво би било, мислам дека Сара е создадена за таа професија. Нејзина е одлуката, мои се само размислувањата“, објаснува мајката.

    Кети за себе тврди дека е човек кој сака и почитува традиција и не се откажува од неа, затоа што мисли дека токму тие традиционални вредности не држат цврсто на земја.  

    (Фото:приватна архива и Кумановоњуз)