×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово на врвот на листата по семејно насилство, а без шелтер центар или друга форма за згрижување на жртвите

    27.01.2024 14:55 | Сузана Николиќ

    Само во 2023 година, во кумановскиот регион биле поднесени над 100 пријави за семејно насилство, двојно повеќе од 2022 година. Но, во овој регион нема шелтер центар или каква било друга форма на засолниште за жртвите.

    Куманово на врвот на листата по семејно насилство, а без шелтер центар или друга форма за згрижување на жртвите

    Се зголемува бројот на жртви на семејно и родово базирано насилство во североисточниот регион. Од почетокот на годината, во СВР Куманово, кој ги покрива и општините Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково, регистрирани се над стотина случаи, што е двојно повеќе во однос на минатата година.

        „Лани имаше вкупно 52 кривични пријави за кривични дела во врска со семејно насилство, а оваа година, за 11 месеци има дури 101 пријава. Од нив, на територијата на Куманово се 84, во Крива Паланка 17, додека во Кратово нема пријави. Како жртви на семејно насилство регистрирани се 72 жени, 24 мажи и 12 деца“, вели Ивана Младеновска, портпаролка во кумановската полиција.

    Иако бројот на регистрирани случаи на семејно и родово насилство постојано расте, во ниту една од шесте општини во североисточниот регион, каде што живее околу 10 отсто од вкупното население во државата, нема шелтер центар, ниту друг вид сместувачки капацитет за заштита и згрижување на жртвите. На територијата на Македонија, шелтер центри има во Скопје, Битола, Кочани, Свети Николе и во Велес, каде што се сместуваат жртвите од целата држава.

    Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Куманово, Александра Арсовска вели дека тоа што во моментов му е најпотребно на регионот е отворање кризен центар, кој ќе служи за сместување на жртвата во првите 24 или 48 часа заради заштита од насилство.

        „Кризниот центар, кој предвидува интервентно сместување, многу ни е потребно, особено кога жртвата има сериозна повреда од физичко насилство. Ние имаме на располагање кризни центри во државата, меѓутоа отворање регионален центар би било најдоброто решение за нас. Се случува жртвата да има потреба да биде сместена во самиот град од каде што потекнува и во поблискиот регион заради остварување на некои права, како што се вадење лични документи или други потреби“, вели Арсовска.

    Taa наведува дека праксата покажала оти шелтер центрите не се прифатливи за жртвите, па и доколку би имало таква установа во регионот, не се знае дали би била функционална. Според неа, во шелтер центрите не можат да се сместуваат жртвите што се од општините каде што тие се стационирани поради опасноста насилниците да ги најдат, што значи дека би биле неискористени.

        „Жртвите не сакаат да бидат сместени во шелтер центар, затоа што тоа е мерка од затворен систем од три месеци. Во изминатите години, нема ниту една жртва од Куманово што е сместена во шелтер центар. Со сместувањето во овој центар, жртвата треба да го напушти работното место, децата да ја сменат училишната средина и најчесто жртвите што се вработени, не сакаат да бидат сместени таму, туку бараат друга форма на заштита“, вели Арсовска.

    Во Центарот за социјални работи Куманово, кој ги покрива и општините Липково и Старо Нагоричане, во првите 9 месеци од годината се поднесени вкупно 56 пријави за семејно насилство. Од тоа, лично кај нив се пријавиле вкупно 5 лица, додека во МВР имало 51 пријава. Физичко насилство пријавиле 39 жени, 5 мажи и едно малолетно девојче. Психички биле малтретирани 34 жени, 4 мажи, 5 малолетни девојчиња и 4 машки деца, а во три случаи, жртвите се стари лица. Од нив, 45 биле од градовите, а 9 од руралните средини.

    Статистиката покажува дека и мажите можат да бидат жртви на насилство, а во последно време зачестиле напади на стари лица од нивните возрасни деца. Последниот случај е регистриран на почетокот на месецот, кога била нападната 91- годишна жена од нејзиниот син, кој е сериозен зависник од алкохол и дрога.

        „Имавме интервентно постапување во текот на ноќта. Откако беше констатирано дека постои сериозна опасност по животот и здравјето на жената, таа беше сместена во старскиот дом во Куманово, а во тек е постапка пред судот за изрекување мерки против насилникот. Наша задача е да интервенираме брзо и да ја заштитиме жртвата“,  вели Арсовска.

    Потребата од сместувачки капацитети во која било форма на згрижување на жртвите од родово базирано и семејно насилство во североисточниот регион ја потврдува и Лидија Илиевска, претседателка на хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, која повеќе од 25 години се бори преку институциите, но и преку проекти на донатори, да ја реализира оваа идеја и да им помогне на жртвите. Здружението од минатата година го реализира и проектот „Комфорна зона за жени-жртви на семејно и родово базирано насилство“, во рамки на кој функционира советувалиште. Проектот е финансиран од УНДП и од Општина Куманово.

        „Навистина има потреба од отворање вакви сервиси, независно дали тоа ќе биде шелтер центар, прифатилиште или интервентен кризен центар, бидејќи голем е бројот на пријавени жртви, но уште поголем е на тие што не пријавуваат. Куманово е на врвот според бројот на жртвите што пријавиле семејно насилство, по Скопје и Штип. Постои еден синџир на услуги што треба да се воспостават за да се пружи комплетна заштита и поддршка на жртвите. Советувалиштето треба да ја охрабри жената да почне да зборува за насилството, потоа треба да се обезбеди кризен центар, каде што 24 часа може да се згрижи ако излезе од насилничката средина, а потоа да одлучи дали ќе оди во шелтер центар или не“, вели Илиевска.

    Според Истанбулската конвенција, општините и Министерството за труд и социјална политика имаат обврска да воспостават сервис за оваа категорија лица.

    Лидија Илиевска вели дека најдобро решение е да се направи заеднички сервис за сите општини од североистокот, кои процентуално ќе учествуваат со финансиски средства за неговото функционирање. Таа, минатата година побарала поддршка од сите 6 општини во регионот за отворање регионално советувалиште за жртви од семејно насилство, но немало интерес. Засега, поддршка добила само од Општина Куманово.

       „Општините сѐ уште не му даваат приоритет на овој проблем. Сѐ нешто друго е поважно, иако сѐ почесто жените од регионот ја посочуваат потребата од ваков вид заштита. Оваа проблематика е чувствителна, но уште не постои сензитивност кај институциите. Тие, семејното насилство го гледаат како внатрешен проблем на семејството, а не проблем на општеството“, вели Илиевска.

     Таа наведува и апсурдни ситуации со пријавувањето семејно и родово базирано насилство, што уште повеќе ги обесхрабрува жртвите да ги пријават насилниците.

       „Имаме пример кога жена што трпела насилство, истрчала од куќата и почнала да вика, да бара помош, соседите пријавиле во полиција, а полицијата дошла и нејзе ја казнила за нарушување на јавниот ред и мир. И кога тоа ќе се прочуе, која друга жена ќе се одлучи да пријави, кога таа ќе биде приведена. Имавме и еден случај кога жена на полицаец оди во станица, но таму не сакаат да го пријават колегата“, посочува Илиевска.

    Со новоизработениот социјален план на Општина Куманово 2023-2026 се предвидува изградба на регионален центар за жртвите на семејно насилство (шелтер центар или засолниште) и кризен штаб со капацитет за максимум по 15 корисници. За 2023/24 година, пак, со овој план се предвидува отворање шелтер центар на ниво на североисточниот регион, за што е потребна соработка со сите 6 општини во регионот.

    Раководителот на Секторот за култура, спорт и социјална работа во Општина Куманово, Александар Крстевски вели дека општината веќе една година го финансира советувалиштето за жртви од семејно насилство, а работат на наоѓање решение да отворат шелтер или згрижувачки центар за жртви од семејно насилство.

    „Во проектот ќе бидат вклучени сите релевантни чинители во општината за да го најдеме најдоброто решение и да создадеме услови, жртвите на семејно и родово базирано насилство да бидат целосно заштитени. Верувам дека ќе добиеме поддршка и од другите општини, што досега не беше случај, и заеднички ќе го реализираме овој проект. Веќе разгледуваме некои објекти и локации што можат да послужат за таа намена“, вели Крстевски.

    Јавноста се надева дека општините од североисточниот регион ќе успеат прво да ја препознаат важноста и итноста на проблемот, а потоа и да дадат поддршка на соодветна институционална форма за заштита на жртвите, чиј број сѐ повеќе се зголемува.

    Неопходни се и информативно-едукативни кампањи, во соработка со граѓанските здруженија, за подигање на свеста кај населението за пријавување на насилниците и навремена реакција од институциите.

    (Текстот е изработен за порталот јасно.мк)