×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Поголема награда од детската радост нема, вели хуманитарката Маре Бојковска

    12.10.2024 07:17 | Сузана Николиќ

    „Мотивација ми се насмевките на дечињата кога ќе им подариме слатки, пакетчиња, облека, училишен прибор, играчка. Имаше случај кога Мишко го гушна Бетмeн ранчето што му го подаривме. Поголема награда од детската радост нема“, вели Маре.

     

    Поголема награда од детската радост нема, вели хуманитарката Маре Бојковска

    Со над сто хуманитарни акции за само неколку години,  кумановката Маре Бојковска и нејзината организации „Да шириме љубов“ станаа препознатливи во Куманово и регионот по нивната благородна  мисија да помогнат во неволја.

    Бојковска уште од малечка имала емпатија кон послабите, немоќните и сиромашните,  а како поминувале годините и станувала свесна дека животот е суров и не дава еднаква шанса на сите, одлучила оваа благородна работа да биде нејзина животна определба.  
     
    „Што ме тера толку длабоко да се посветам на оваа работа,  искрено не знам. Американците имаат добра изрека која вика “It is  calling”, во превод - Повик од Бог или животна мисија“, вели Маре.

    Оваа исклучително храбра и благородна жена, одлуката да се занимава сериозно со хуманитарна работа ја донела откако се осамосталила и почнала самата да заработува. На почетокот тоа биле поединечни акции, кои ги правела исклучиво  за луѓе во нејзиното опкружување, но како поминувало времето потребите се зголемиле и ги надминувале нејзините финансиски и организациски можности. Пред неколку години поддршката од повеќе истомисленици била пресудна да го  формираат здружението „Да шириме љубов“  и да ја официјализираат хуманитарната работа.

    „Тајзи е тој што го поттикна формирањето на здружението. Тој постојано ми помагаше кога требаше да се однесе некоја донација. Учествуваше секогаш кога  фалеше нешто.  Кога на мојот Фејсбук профил за Нова година објавив акција за 17 дечиња, ни се приклучија многу луѓе што не знаат. Ни останаа пари и за Божиќна трпеза  и за пивтии за Свети Јован.  Така се` започна и се создаде нашето здружение. Фокусирани сме генерално на помош на дечињата од социјално загрозените семејства, на оние на кои им е потребна помош за лекување. Но, исто така помагаме и на семејства на кои им се случила некоја незгода, пожар , поплава...“, објаснува хуманитарката.
     

    Нивната целна група - децата во нефункционални или ранливи семејства, покрај тоа што живеат во голема сиромаштија и во катастрофални услови,  не се вклучени ниту во образовниот процес. Маре со своите волонтери им помага материјално, но при секоја посета настојува да им објасни на родителите колку е важно да ги образуваат своите деца.
     
    „Се јавуваат родители и бараат помош. Секогаш ги прашувам дали ги праќаат децата на училиште. Дури и ги условувам, ако не оди детето на училиште- нема помош. Тоа дава резултати, а децата се среќни затоа што се со своите другарчиња. Има ситуации кога ме лажат, но јас не оставам само на кажаното, одам да проверам. Ништо не ми е тешко кога се работи за доброто на децата“, раскажува нашата соговорничка.

    И покрај сите предизвици и тешкотии при обезбедување на донации, Маре вели дека  никогаш нема да се откаже од оваа работа.

    „Мотивација ми се насмевките на дечињата кога ќе добијат слатки, пакетчиња, нова облека,  училишен прибор, играчка. Таков беше случајот со дечињата од Козјачкиот регион. Тие веднаш во училницата ги облекоа новите работи и се чудеа како сме погодиле да им бидат точни облеката и чизмите. Имаше случај кога Мишко го гушна Бетмeн ранчето што му го подаривме. Тоа нема цена. Поголема награда од детската радост нема. И ниту една награда не би ни променила ништо“, полна со емоции вели Маре.

    Скромното работничко  семејството ја мотивирало да им помага на другите

    Бидејќи потекнува од скромно семејство, а нејзините родители вложиле многу труд во борбата  да обезбедат пристоен живот за своите деца, таа вели дека добро го знае чувството како е да го немаш она што го посакуваш.
     
    „Јас сум дете од работничко семејство, пораснав во период на транзиција, гладни никогаш не сме биле, бидејќи моите родители дополнително работеле и произведувале на село, но знам што значи да немаш чоколадо со денови,  да чекаш некој да дојде на гости и да те израдува“, искрена е Маре.

    Таа никогаш не жалела време и пари за да помогне, па дури и се откажувала од сопствениот оброк само за да нахрани други. Сo задоволство се сеќава на една интересна случка кога останала цел ден гладна, затоа што нејзината кифла ја дала на детенце кое просело.

    „Подготвив  документи да ги поднесам за вработување во АРМ, тргнавме со сестра ми пешки, таа на училиште, а јас на кај Автобуската станица за да одам во Скопје. Моите ни дадоа пари и купивме кифли. Имав бројани пари за автобус и доручек. Таман да загризам од кифлата,  ми пријде едно детенце и ми побара 10 денари. Бидејќи немав да му дадам пари, му ја дадов кифлата, а јас гладна си отидов и  си се вратив од Скопје. И денес моите блиски ме потсетуваат на овој мој потег“, раскажува Маре.
     
     Нашата мисија е  ниту едно дете да не си легне гладно
     
     Во здружението „Да шириме љубов“  работат  26 волонтери, но најголемиот товар го носат  младите, кои се поддршка и движечка сила за нови идеи. Маре  и другите повозрасни се линкот со донаторите, институциите и семејствата.
     
    „И тие се мојата мотивација, без нив немаше да успееме. Ни се случувало да работиме и по 12 часа кога подготвуваме акција. Тие го даваат својот максимумот и неуморни се. И кога ние возрасните ќе побараме да правиме пауза, кај нив изникнуваат нови идеи за нови акции. Ме радува што повеќето се тинејџери кои го избираат вистинскиот пат,  даваат придонес и прават промени во општеството. Многу ми е драго што се менуваат откако ќе се соочат со реалноста,  почнуваат да го ценат она што го имаат.  Заедничко на сите ни е хуманоста. Сите до еден сакаме да нема ниту едно дете  кое ќе си легне гладно“, вели Маре.

    Иако оваа работа ја исполнува и ја прaви неизмерно среќна, Маре вели дека има и тешки моменти, кога ќе дознаат дека некое од дечињата ја изгубило битката со болеста, а имало и ситуации кога откривале  злоупотреби на донациите. Како вага во хороскоп, правдината и е на прво место, па затоа се бори да се откријат изманиците и повеќе да не се најдат на нивниот список за помош.
    Таа се радува што се буди свеста кај кумановските фирми  за хуманитарната работа, но вели дека има простор и за повеќе. Појаснува  дека поради лошата политика во државата  тие се формирале како здружение и затоа не сакаат соработка со политичките партии. Сепак, смета дека треба поголема организираност иинституционална поддршка на ранливите семејства, бидејќи социјалната помош не секогаш завршува онаму каде што е најпотребна.

    Тие досега не добиле ниту едно признание, но таа вели дека тоа нема да промени ништо во нивното работење, бидејќи признанието е во очите на децата и родителите, кои грчевито се борат да ги изведат децата на прав пат, а се наоѓаат на маргините на општеството. 
     
    Маре има специфична професионалана определба,  работела во АРМ, а сега во обезбедување на странска амбасада. Нема предрасуди што работи типична машка професија.
     
    „Работам на обезбедување на германска амбасада во Либија. На мене колегите гледаат како на рамноправна колешка. На шега ме викаат брат.  Моментално сум на подолг одмор заради обврските со здружението. Секој ден добивам повици од колегите. Со предрасуди и непријатни ситуации никогаш не сум се соочила , благодарение на искуството и професионалноста која ја имам. Секогаш сум спремна да научам нешто ново од некој што е поискусен, но и несебично помагам на  почетниците. Со еден збор колегите ме обожаваат“, тврди Маре.
     

    Приватно Маре е исклучително позитивна, голема другарка и борец, жена на која можат да се потпрат нејзините наблиски. Ја сака кафеаната , музиката и добрата забава.

    (Фото: Приватна архива)