×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • На Куманово му требаат 200 години до целосна гасификација

    06.02.2024 12:04 | KumanovoNews

    На Куманово ќе му бидат потребни 200 години за да го заврши процесот на гасификација, доколку се гради со сегашнава динамика. Во моментов, на гасоводната мрежа се приклучени 32 правни субјекти и само 196 домаќинства. Зголемен број корисници на гасоводната мрежа е една од мерките предвидени во планот на Општина Куманово за „Подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух“.

    На Куманово му требаат 200 години до целосна гасификација

    Истражувањата и податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) покажуваат дека број еден загадувачи во Куманово со ПМ 2,5 и ПМ 10 честички се домаќинствата. Најчеста причина е користењето несоодветни материјали, недоволно суви дрва и препораките се за субвенционирање програми за користење еколошки материјали за загревање – гасификација.

    Податоците од сертифицираната мерна станица на МЖСПП, поставена во дворот на Општата болница Куманово, не беа достапни од крајот на август 2022 година до почетокот на декември истата година. Одговорот на надлежните беше дека е исклучена поради настанат дефект на логерот за собирање податоци во станицата. И откако беше реинсталирана на 2 декември 2022 година, повторно има нецелосни резултати бидејќи не се мери концентрацијата на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички до денешен ден. Во последниве пет месеци, достапни се само резултатите за озон и азот двооксид, за ниту една друга ставка нема отчитувања. 

    На прашањето до МЖСПП дали и кога може да се очекува станицата да профункционира, го добивме одговорот:

    „Ве известуваме дека инструментот за мерење суспендирани честички со големина до 10 и 2,5 микрометри (ПМ10/ПМ2,5) од мерното место Куманово е исклучен. Истиот е однесен во лабораторија со цел подетална дијагностика на проблемот, сервис и калибрација. Во тек е неговото сервисирање и отстранување на проблемот по што следи процесот на калибрација на инструментот“.

                                         Илустрација од официјалната страница на МЖСПП

    Загрижувачките резултати на мерните станици ја поттикнаа општинската администрација да изработи план за  „Подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух“, кој е изгласан и одобрен од МЖСПП, Министерството за здравство и Советот на Општина Куманово и се однесува на периодот од 2022 до 2026 година.

    „Во планот имаме јасно предложени мерки, каде што точно се наведени мерките што би требало да ги реализираме, класифицирани како мерки со висок, среден и низок приоритет. Оние со висок приоритет имаат најмала временска рамка и би требало да се имплементираат за една до две години“, потенцира Александра Георгиевска-Протиќ, од Одделението за заштита на животната средина и природата на Општина Куманово.

    Куманово е првата општина, која во 2006 година почна со гасификација на градот, но и по 17 години, таа сѐ уште тапка во место. Наместо 350 км примарна и секундарна дистрибутивна мрежа, која треба да го опфати секое домаќинство, има изградено само 23 км, што е помалку од 10 насто од предвиденото. Математички испаѓа дека секоја година се градело по 1,35 км гасоводна мрежа.

                                                   Марко Митревски, директор на ЈП „Куманово – гас

    „Во последниве 17 години, ние, годишно градиме од километар до километар и пол гасоводна мрежа годишно – и со оваа динамика за гасификација на целата територија на Општина Куманово ќе ни бидат потребни уште 200 години. Треба да се вложат сериозни суми за да можеме годишно да инсталираме 5 до 10 км мрежа, за да се забрза процедурата“, изјави директорот на ЈП „Куманово – гас“, Марко Митревски.

    Причината за ваквата состојба е што Општина Куманово нема капацитет да го финансира проширувањето на дистрибутивната мрежа, а државата не покажала интерес да помогне. Дополнително и енергетската криза од минатата година енормно ја зголеми цената на природниот гас, што доведе до преориентирање на корисниците на други видови енергенси.

    Во моментов, на гасоводната мрежа се приклучени 32 правни субјекти и само 196 домаќинства. Зголемен број корисници на гасоводната мрежа е една од мерките предвидени во планот на Општина Куманово за „Подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух“. Поддршка на мерката дава и локалниот совет со изгласувањето субвенции за секој заинтересиран субјект, во висина од 15 илјади денари, мерка што ќе продолжи и во 2024 година.

    Во текот на годината, и преку Министерството за економија се нудеа субвенции за истата намена во висина од 25 илјади денари.

    „На сите 90 пријавени лица им е одобрено барањето за субвенции, но искрено очекувавме поголема заинтересираност од граѓаните. Тоа беше единствената можност за само 9.200 денари да се приклучат кон гасоводната мрежа, а да немаат никакви обврски кон ЈП „Куманово – гас“ доколку не го користат енергенсот“, констатираше претходно месецов Митревски, откако беше објавен списокот на одобрени субвенции од Министерството.

    Гасоводната мрежа се протега од Градскиот парк, покрај автобуската станица, локалитетот Водовод и по целата должина на булеварот Октомвриска револуција до кружниот тек. Оттука води по должината на улицата Благоја Богдански-Гуцман преку Васко Карангелески до улицата АВНОЈ на т.н. Зелен рид. Опфатени се и реоните околу Стара црква, улицата Питу Гули и гимназијата „Гоце Делчев“. На булеварот 3 МУБ е стигнато до „Рамстор“, но го опфаќа и опсегот по улицата Народна револуција до техничкото училиште и ученичкиот дом „Професор Михајловиќ“. Статистиката покажува дека токму таму каде што има мрежа, има и најголемо загадување на воздухот.

                                             Изградба на гасоводна мрежа на улицата Народна револуција – август 2023

    Надлежните тврдат дека со стабилизирањето на цената на природниот гас на светските пазари, повеќето државни институции во Куманово, кои минатата зима беа исклучени, оваа сезона се вратија на греењето на природен гас, поради што би требало да се намали високата загаденост на воздухот во сезоната на греење. 

    Најголемиот загадувач, Општата болница Куманово има склучен договор за користење гас за грејната сезона 2023/2024, како и голем дел на другите институции – Општина Куманово, библиотеката „Тане Георгиевски“, гимназијата и Економското училиште, основните училишта „Кочо Рацин“, „Браќа Миладиновци/Крсте Мисирков“, „Бајрам Шабани“, „11 Октомври“, градинката „Ангел Шајче“ и домот за стари лица „Зафир Сајто“. ЈП „Водовод“ никогаш и не прекина да го користи природниот гас како енергенс, и покрај пазарната цена минатата зима. Од друга страна, на гасоводната мрежа не се приклучени Основниот суд Куманово, објектот на Пошта, Музичкото училиште, училиштата „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, јавните претпријатија „Пазариште“ и „Чистота и зеленило“ и тие ќе се греат на масло за горење, додека дрва ќе користат училиштата од околните села, како и Противпожарната единица на Куманово. Зградата на СВР Куманово не е приклучена на гасоводната мрежа.

    Освен гасификацијата, се размислува и за нова субвенционирана мерка – чистење оџаци и димоводни канали. Во локалниот буџет за оваа година се предвидени средства за медиумска кампања со наслов „Кампања против несоодветни материјали за загревање“.

    Во програмата е вклучено и подигање нови зелени површини, се форсираат и топлински пумпи на загревање, како најеколошки и најефикасен начин, но тој начин засега е прилично скапа инвестиција. Има препораки и за субвенционирање за купување инвертер клима-уреди и загревање со електрична енергија.

    Општина Куманово е првата единица на локалната самоуправа, која има поставени шест сопствени мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот во 2021 година. Но, честопати станиците не работат или покажуваат нереални резултати.

        „Загадувањето на воздухот во Куманово имало големи размери, затоа и се поставени мерните станици за да имаме што поголем мониторинг, за да имаме што поголемо следење на дневните вредности. Мониторингот ни дава поголеми можности за истражување и креирање мерки во справувањето со квалитетот на воздухот. Ги следиме показателите на уредот поставен од Министерството и ги споредуваме со вредностите што ги даваат нашите станици. Станицата за населбата Гоце Делчев е во дефект и последните податоци се од 9 ноември 2023 година. Воедно покажуваат висока концентрација на јаглерод моноксид, што е една од индикациите дека мерењата не се прецизни и точни. Но, интенцијата ни е да има што повеќе поставени мерни станици и што поголем мониторинг за да имаме некаков увид во состојбите“, објаснува Протиќ.

    И покрај задоволителниот број мерни станици во градот, сепак, нема релевантни податоци за тоа каков воздух дишат кумановци. Валидни се информациите добиени од МЖСПП или од сертифицирани лаборатории, а локалниот мониторинг е повеќе како ориентир.

    Она што со сигурност се знае е дека црни точки во Куманово се населбата Гоце Делчев и локалитетот Соколана, мерната станица на техничкото училиште „Наце Буѓони“ покажува алармантна состојба, но истите податоци ги даваат и мерните станици поставени во домашни услови, на приватни станбени објекти. Геоположбата го издвојува и булеварот Октомвриска револуција, како најниска точка во Куманово, розата на ветрови, која поминува тука и близината на т.н. Средорек, каде што најбројни се жителите во социјален ризик и каде што се гори сѐ и сешто и се палат и неколку диви депонии. Тие депонии се расчистуваат неколкупати годишно, но редовно и за кратко време повторно се формираат, а огнот е еден од начините за полесно издвојување на металите, кои подоцна се препродаваат на приватните отпади.

    И покрај мерењата и мерките за решавање на проблемот со квалитетот на амбиенталниот воздух во Куманово, се чини дека во крајно алармантна ситуација, општината само формално придонесува со акциите што ги презема. А граѓаните чекаат некој друг да им го реши проблемот додека во најстудените месеци седат до шпоретите, на топло.

    Како што вели народната „Само мене да ми чади оџакот право“.

    Оливера Пешевска, Љубица Јаневска- Ивановска, Дивна Грданова- Караџовска

    Фотографија: Оливера Пешевска

    Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.