×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „НАШ ВЕСНИК“ ЈА ОТВОРИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО КУМАНОВСКАТА БИБЛИОТЕКА

    02.03.2021 11:21 | KumanovoNews

     Градската библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово е единствена библиотека во Североисточниот регион и една од ретките во државата која, можеби скромно, но го започна процесот на дигитализација на книги.

    „НАШ ВЕСНИК“ ЈА ОТВОРИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО КУМАНОВСКАТА БИБЛИОТЕКА

    Веќе три години оваа институција работи на дигитална обработка на неделникот „Наш весник“, кој престана да се печати пред 20 години.

    Кумановската библиотека има фонд од 230.955 книги, а „Наш весник“, е единственото издание што е дигитализирано од страна на оваа јавна установа. Весникот почна да излегува во 1961 година и по 60 години текстовите за некогашните случувања во градот се интересни за кумановци, голем дел од носталгија, но, пред се, поради недостаток на друга дигитализирана литература.

    „Дигитализација во нашата библиотека е започната уште во 2018 година и ќе продолжи и во 2021 година со дигитализација на неделникот „Наш весник“, кој некогаш излегувал во Куманово. Достапноста на сите дигитализирани весници е овозможена преку социјалните медиуми и најголемата веб страна специјализирана за ваков вид на матерјал https://issuu.com/bibliotekakumanovo/docs/. Во текот на мината година имаше голем интерес за читање на дигиталното издание на „Наш весник“ и имавме околу 9.367 прегледи на месец. Во 2021 година ќе продолжиме со дигитализација на старите книги за да ги заштитиме, а за да се зачува автентичноста на периодичните публикации ќе се започне и со креирање на електронски примероци од најстарите наслови“, вели директорката Кристина Алексовска, која појасни дека дигитализацијата на други книги или лектири, е регулирана со закон за авторски права и сродни права и на дигиталните изданија право полагаат авторите и издавачките куќи и тие се неотуѓиви.

    Оваа тема предизвика интерес и во Советот на Општина Куманово, каде се полемизираше за дигитализацијата на Градската библиотека „Тане Георгиевски“. Советниците од ВМРО- ДПМНЕ му забележија на градоначалникот Максим Димитриевски дека не го исполнил ветувањето, дадено во 2018 година за дигитализација на библиотеката, на што тој одговори дека овој проект е целосно завршен, мислејќи на електронската евиденција на книгите. Од друга страна Димитриевски посочи и дека општината може да ги дигитализира училишните библиотеки само доколку добие средства и техничка поддршка од ресорното министерство.

    Овде е важно да напоменеме дека јавноста, а честопати и засегнатите страни, ја поистоветуваат дигитализацијата на книгите со приклучување на библиотеките во единствениот библиотечно-информациски систем COBISS и воведувањето на електронска евиденција и каталогизација, што како процес се одвива во најголем дел од градските библиотеки, па и во библиотеките од Североисточниот регион. Но, тоа е сосема различно од обезбедување на библиотечниот фонд во електронски формат.

       Нашето истражување покажа дека во групата на оние што прават посериозни чекори за дигитализација на библиотечниот фонд е НУБ „Климент Охридски“ Скопје, која преку својот портал Dlib.mk, овозможува пристап до различни библиографски содржини како што се книги, ракописи, списанија и периодични публикации, статии, географски карти, ноти, научни извештаи, проекти итн. Целта е да се зачуваат, презентираат и дистрибуираат најразлични библиографски содржини во дигитална форма како дел од програмата за заштита на културното наследство и промовирање на нашата култура во јавноста. Во истата насока се развива и дигиталната библиотека на НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола, а оn-line услугите се дел и од библиотечното работење на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје. На нивната страница страницата digitalna.gbsk.mk  може да се најдат дигитализирани дела од роднокрајни автори, документи од фото, картографски и музички колекции, разгледници, постери од значајни настани од Скопје, како и весници, списанија, ракописи и стари отпечатени книги од 16 до 20 век.

    БИБЛИОТЕЧНОТО РАБОТЕЊЕ СЕ` УШТЕ ВО ФАЗА НА ЕЛЕКТРОНСКА ЕВИДЕНЦИЈА

    За да ги разјасниме работите, одговор за процесот на дигитализација на библиотеките побаравме и од Министерството за култура, од каде велат дека еден од нивните приоритети, во cогласност со стратешките насоки за библиотечна дејност што произлегуваат oд Акцискиот план за имплементација на Националната стрaтегија за развој на културата во Република Северна Македонија за периодот 2018-2022, е и дигитализацијата на библиотечните фондови и нивната имплементација во базите на светските дигитални центри и асоцијации.

    „Дигитализацијата на библиотечните фондови е процес кој во најголемиот дел од европските држави се одвива во централните библиотеки, од причини што за таа намена е потребна соодветна и скапа опрема и соодветно обучен кадар. Во РС Македонија процесот на дигитализација е насочен кон заштита на библиотечните добра (ретки стари ракописи и документи од значење за државноста на РСМ)“, велат од ова министерство. 

     Оттаму појаснуваат дека библиотечното работење во земјава е насочено кон водење електронска евиденција и поврзување на библиотеките во единствениот библиотечно- информациски систем COBISS.MK за заемна каталогизација. Преку него се остварува стандардизирано и економично библиотечно работење, рационално користење на библиотечниот материјал, задоволување на потребите од информации и поврзување исоработкa со други библиотечно-информациски системи во странство.        

    Во овој систем се вклучени 77 библиотеки, меѓу кои и библиотеки на научно образовни установи, државни органи, МАНУ, Заводот за статистика и други, како и некои училишни библиотеки. Приклучувањето во системот е договорно и подразбира прифаќање на обврски, односно набавка на информатичка опрема, соодветни обуки за вработените кои треба да ја водат електронската евиденција и каталогизација, како ичланарина.

    „Секоја библиотека може да биде приклучена во системот со прифаќање на наведените обврски, но интересот е многу слаб од причини на несоодветното ниво на образование и игнорантскиот однос кон обуките од страна на вработените во библиотеките на училишните и други установи, односно неразбирливите очекувања сето тоа за сите да го прават вработените во матичната библиотечна установа во Скопје“, наведуваат од ова Mинистерство, од каде велат дека стандардното акредитирање на било која библиотека во меѓународни и во домашни рамки подразбира задолжително постоење и континуирано водење на електронска евиденција и каталогизација.

    ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА КНИГИТЕ НЕ ИМ Е ЈАСНА ДОКРАЈ И НА УЧЕНИЦИТЕ       

     „Што е дигитална книга?“.

      Вакво прашање постави еден средношколец-учесник во анкетата на Кумановоњуз. Во нашето истражување голем број од средношколците посочија дека не се информирани за дигитални библиотеки и не користат дигитални книги, а 66,7% од учениците одговорија дека немаат пристап до нив. Ваквите резултати водат кон потребата од зајакнување на дигиталните вештини на младите при користење на дигиталните ресурси и алатки, но отвораат и простор за поголема поддршка и помош од нивните професори. Помошта од страна на менторите за расположивите дигитални библиотечни фондови и начинот на нивно пронаоѓање на интернет, може да биде од голема корист за учениците, особено во време на пандемија и ограничен пристап до училишните и градски библиотеки.

    „Пандемијата ми создаде проблем да ги набавам потребните лектири, кои и онака никогаш ги нема во доволен број во училишните и градски библиотеки. Навистина од корист би ни ни биле дигитализирани изданија. Но, не знам дали ги има кај нас, професорите никогаш не ни посочиле. Кога не можам да дојдам до лектира, обично ја користам страницата на македонски јазик и литература, но таму се само прераскажани, ја нема целата содржина.Користиме и форуми каде можат да се најдат готови текстови за одредена лектира. Но,ако си љубител на книгата и посветен на учењето, тоа не е доволно“, вели Катерина М. oд едно средно училиште во Куманово.

    И средношколка од Ранковце посочува дека има проблем да дојде до лектири.

    „Бидејќи имаме онлајн настава, за лектира треба специјално да одам до училиштето во Крива Паланка, да патувам со автобус или такси. Одлично би било кога би можеле да ги најдеме лектирите на интернет. Но, јас не можам да се снајдам, кога пребарувам не наоѓам дигитално издание. Можеби сум невешта, добро би било кога би добиле информација од професорите каде можеме да ги најдеме лектирите во дигитална форма, ако веќе ги има како такви“, вели оваа средношколка.

    Како што наведовме и во претходниот текст, пак, Министерството за образование и наука (МОН), е децидно дека дигитализацијата на книгите од училишните библиотеки не е во нивна надлежност, туку во надлежност на општините и училиштата, кои очигледно немаат капацитет да го спроведат тоа. Според нив, тие се одговорни само за дигитализација на наставните и дидактичките материјали,  кои ги набавуваат и се задолжителни во секое одделение и за кои ги поседуваат авторските права, наведувајќи дека учебниците во електронска верзија се достапни на  е-ucebnici.mon.gov.mk .

    На нашето прашање зошто процесот на дигитализација на училишните библиотеки не се одвива на централно ниво, како во некои од соседните земји, добивме одговор дека библиотечниот фонд  во училиштата не е стандардизиран, туку е различен, граден низ годините и зависел и зависи од посветеноста и ангажманот на училишните раководства. Истиот не бил составен само од задолжителните и изборните лектири, туку и од други дела кои им се на располагање на учениците.

    „За нивна дигитализација, односно обезбедување на било кое дело во електронска форма, потребен е интерес и согласност од страна на автор или издавачка куќа која го поседува правото над тоа дело“, велат од МОН.

    МЛАДИТЕ ПРЕФЕРИРААТ СМАРТ ТЕЛЕФОН, НАМЕСТО Е-ЧИТАЧИ

    Истражувањето, истовремено, покажа и дека младите многу ретко користат специјализирани уреди за читање, а некои од нив и не знаат дека постојат вакви уреди. На прашањето дали средношколците користат Киндл, најпознатиот е-читач на Амазон, дури 93,3% одговориле негативно, иако тој е достапен во Македонија и по поволни цени, повеќекратно пониски од смарт телефоните што масовно ги користат младите. И што е најважно го штитат здравјето на читателот.

     „Денес е сосема во ред да читате книга преку телефон или таблет, но одредени е- читачи се одликуваат со нешто што е значително важно – здравјето на вашите очи. Имено, светлината од екраните на таблетите знае да го оштети вашиот вид, особено во слабо осветлени услови, но и да влијае на вашето расположение, а и да предизвика несоница. Одредени е-читачи го сервираат текстот без воопшто да се осветлува“ , ни објасни рецензентот www.it.mk, Мартин Јованчевски.

    Дигиталните книги и нивната распространетост може да имаaт само предности, особено во образованието. Една печатена книга обично чиниод 300 до 500 денари, додека во дигитална форма може да се најде бесплатно или пак за значително помалку пари. Дополнително, користејќи бројни алатки, учениците лесно добиваат пристап до значително повеќе знаење, лесно поставуваат обележувачи, истакнуваат клучен текст, вадат извадоци и навлегуваат во дигитално споделување и конструктивна онлајн дискусија со останатите.

    „Сето ова отвора целосно нови можности за раздлабочување видици и поефикасно впивање на знаење. Со оглед на тоа дека се работи за темелна транзиција, се бара одреден период на навикнување. Имено, многумина се имаат сложено дека, на почетокот, учење од дигитална книга не е исто како учење од печатена книга и можни се проблеми при концентрирање и следење на мислата од дигитална направа. Романтичарите дефинитивно нема да се сложат, но страниците на дигиталната книга нити се виткаат, нити пожолтуваат, а во вашиот џеб можете да ставите и носите илјадници и илјадници дигитални книги. Попрактично – здравје!“, коментира Јованчевски.

    Тим на Кумановоњуз

    (Наскоро нов прилог за пионерските зафати и првите дигитални библиотеки и книжарници во Македонија.)