×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Насилството ја истерало од родителскиот дом, денес храбро се бори со сите предизвици во животот

    22.11.2024 08:24 | KumanovoNews

    Ова е вистинска приказна за млада девојка од Куманово, жртва на семејно и родово базирано насилство, која со помош на вработените во Хуманитарната организација „Мајка“ излегла од родителскиот дом и успешно се бори со емотивните, психолошките и социјалните трауми и препреки. Нејзиниот идентитет е заштитен и таен, непознат за редакцијата.

    Насилството ја истерало од родителскиот дом, денес храбро се бори со сите предизвици во животот

    Фото: Pixabay/Alexas_ Fotos

    „Последната насилна случка дома ме натера да си излезам. Имав поддршка од брат ми, но ми беше многу страв. Имав целосен хаос во главата, се прашував што направив и што ќе правам. Се плашев да не останам на улица, женско сум, како ќе се снајдам. Единствено што бев сигурна дека за леб ќе трпам, но назад, во семејниот, родителски дом веќе нема да се вратам“, ни раскажа младата кумановка, жртва на семејно насилство, во нашата писмена преписка.

    Во нејзиниот случај, семејното насилство се случувало во примарното семејство, од родителите кои наместо да ја заштитат, насочат, чуваат и сакаат, всушност биле сурови, емотивно дистанцирани и насилни кон неа. Годините поминати под нивна тортура оставиле емотивни и психолошки траги, а таа сè уште јасно се сеќава на тагата и срамот што ги чувствувала. Постојано плачела, тајно, изолирана во својата соба. Како последица на насилството, се јавиле проблеми со спиењето и сонот, болки во желудникот и нередовен месечен циклус.

    На почеток насилството било вербално, со викање и караници, за подоцна состојбата да ескалира и во физичко насилство. Катализатор било нејзиното задевојчување, кога влегла во тинејџерски години. Имало полова дискриминација во секој поглед, синот бил „цар“, а таа како женско морала да ги извршува домашните обврски- да се грижи за домот, да готви, да прави зимница, да наводенува бавча и слично. Постојано била напната и внимателна, тивка и затворена, за да не предизвика „непријатности“.

    „Срамот ме јадеше, сакав само да излезам од дома, да не слушам и да не гледам. Кога бев дома, се затворав во соба и плачев, па дури и седев зад вратата со изгаснато светло, не знам зошто. На се морав да внимавам, што ќе кажам, што ќе направам, да не изнервирам некој“, се потсетува девојката.

    Тие години ѝ биле особено тешки, срамот постојано ја притискал и ја „убивал“. Се прашувала како да се појави на училиште со модринки, како да не дознаат другите. Била свесна дека она што ѝ се случува дома не е во ред, но мислела дека нема што да направи, дека нема излез туку едноставно мора да трпи.

    Учела постојано кога можела, кога времето од останатите обврски ѝ го дозволувале тоа. Од страв и срам не ги канела другарките нагости, па затоа и не стекнувала нови пријателства, а била и доста срамежлива. Во поширокото опкружување имало членови од семејството, кои ја сослушувале.

    Останувала нагости кај роднините на неколку дена, но друга помош немала, затоа што никој не сака да се „меша“ во туѓите семејни работи.

    Конкретен повод за напуштање на насилната средина во домот била караница помеѓу родителите која ескалирала во физичка пресметка, а сите соседи се собрале околу нивниот дом. Тогаш навистина ѝ било доволно - тргнала да ги раздели, и во тој обид и таа „добила“ ќотек од двајцата.

    Тоа била кулминација, веќе навистина не можела да трпи вербално и физичко насилство. Имала само 21 година, немала каде да оди, ниту пари за да се осамостои. За среќа, времето било топло и преспала во колата на брат ѝ, бидејќи го имала резервниот клуч. Брат ѝ веќе бил вработен, па на почетокот ја примил да живее со него, под кирија. По два месеци интензивно барање, почнала да работи кај првиот работодавач што ѝ дал шанса.

    Но, дека животот знае да си поигра со судбината на луѓето, „на нагорнина да додаде товар“, почувствувала на своја кожа. Од првото работно место по осамостојувањето заминала по кратко време.

    „Кога млада девојка работи само со мажи е доста тешко. Некои ја знаеја мојата ситуација дома, па ми се потсмеваа. Не бев дел од тимот, имаше префрлања и недолични муабети, а сопствениците гледаа само работата да се заврши, не се грижат за работниците и какви се меѓучовечките односи“, вели нашата соговорничка.

    Хуманитарната организација „Мајка“ од Куманово ѝ ја дала најголемата поддршка, во пресуден момент од животот. Ѝ помогнале да застане на нозе, да зајакне и да каже стоп за насилството.

    „Не знам каде ќе бев сега да не излезев од насилната средина. Најмногу бенефит имав од психолошкото советување, сега можам да спијам мирно и без страв, се поправив, а и циклусот ми се стабилизираше, после многу години. Ниту желудникот не ме боли повеќе“, објаснува девојката.

    Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово е невладина, независна и непрофитна организација, формирана во јуни 1992 година. Започнало со идеја за мобилизирање на локалната заедница за учество во креирање општествени, економски, социјални, хуманитарни, образовни и културни политики во интерес на граѓаните и соработка со државната и јавната администрација.

    До сега работело на многу проекти, а во 1997 година ја отворило првата СОС линија за жртви на семејно насилство, веднаш по Скопје. Веќе трета година како работи советувалиште за жртви на семејно и родово базирано насилство, од октомври 2023 година поседуваат и лиценца за дејноста од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Од јуни ова година е функционален и кризниот центар за прифаќање жртви на насилство, кои под нивна закрила можат да останат најмногу 72 часа. Според годишната анализа за тековната година, во „Мајка“ услуга по разни основи побарале 27 жени, а две добиле прибежиште во кризниот центар. Тим од социјален работник, психолог/психотерапевт, правник и кариерен соработник, секојдневно се на располагање на жртвите и им ја даваат неопходната помош за справување со последиците од насилството.

    Хуманитарно здружение „Мајка“ (фото: Кумановоњуз)

    Нашата соговорничка не сакала да се регистрира како жртва во Центарот за социјални работи (ЦСР), за да избегне етикетирање и жигосување во општеството. Не сака да ја сожалуваат или да ја гледаат со други очи луѓето кои ги среќава во животот. Вели дека има две лица на кои може да се потпре во секој момент, но не го открива нивниот идентитет и не дава детали. Се обидува да ги заштити и нив, затоа што не знае што би можело да се случи ако насилниците дознаат, па не сака да ја загрози нивната безбедност.

    Сега е вработена, работи за минимална плата, шест дена во неделата. Плаќа кирија, режиски трошоци и самата се издржува. Вредна и доверлива, се нафаќа на секаква работа, бара и хонорарни ангажмани, но за жал тоа се ретки моменти кога ќе успее да обезбеди дополнителни 2-3 илјади денари на неколку месеци. Затоа и не води живот како нејзините врсници - кафиња преку ден и излегување навечер.

    Ограничувачки фактор е тоа што нема високо образование. Многу би сакала да студира, но не може да си го дозволи тоа. Нејзиниот сон е да магистрира, да има успешна кариера и да помага на други девојки кои се соочуваат со семејно насилство. „Можеби еден ден“, сонува со отворени очи храбрата девојка.

    Системот го штити насилникот, а жртвите се оние кои трпат последици и понатаму

    Еден од начините како жртвите да излезат од насилната средина е да се пријават во ЦСР и да се регистрираат како жртва на семејно или родово- базирано насилство. Но, тука се појавува првата пречка. Жртвите од Куманово се сместуваат во шелтер центар во Скопје, им се одзема мобилниот телефон, се прекинува секој контакт со луѓето од нивниот живот. Тоа се стандардизирани мерки, со строго утврдени правила и прописи кои имаат за цел да се обезбеди простор и време жртвите
    да закрепнат и да започнат да се навикнуваат на мирна, стабилна средина без насилство.

    „Тука се прави огромна неправда на жртвите. Тие го напуштаат домот, вработените жени, особено во приватниот сектор се принудени да дадат отказ, или ги отпуштаат, децата, доколку ги има жртвата, се испишуваат од училиштето кое го посетувале. Целта е да се спречи насилникот да дојде до нив, и да се спречи да ескалира ситуацијата. Но, со тоа жртвата станува финансиски нестабилна, а децата ги прекинуваат контактите со пријателите и познатото опкружување во кое дотогаш се чувствувале безбедно. А, насилникот си останува дома, со ништо не му се изместува ритамот на животот, навиките и комфорот“, потенцира Емилија Јордановска, дипломиран социјален педагог за превенција и ресоцијализација од ЦСР Куманово.

     Фото: Емилија Јордановска, ЦСР Куманово

    Таа е дел од тимот за семејно насилство, составен од педагог, психолог, социјален работник и правник. Во тимот пријавата стигнува или директно од жртва на насилство или по пријава од полицијата. Тие се должни да обезбедат ургентни мерки, доколку ситуацијата го налага тоа односно жртвата веднаш да биде сместена во некое прибежиште, да преноќи или да живее
    додека се стабилизира и најде алтернатива за понатаму. За жал, сè уште немаат потпишано договор или меморандум за соработка со ХО „Мајка“, па и немаат голем увид во случаите на кои работи организацијата.

    Од почетокот на 2024 година, заклучно со 30 септември, имаат 102 предмети на семејно и родово - базирано насилство. Статистиката покажува дека загрозени се и жените и мажите, но има и случаи кога жртвите се деца. За малолетниците се преземаат поинакви мерки, се сместуваат во згрижувачки семејства, а се под стрателство на ЦСР. Ако се работи за деца на разведени родители, се упатуваат на другиот родител, или на најблиските роднини - баба, дедо, вујко, чичко или тетка.

    Најголем проблем за тимовите на ЦСР е тоа што кампањите против насилството за неупатените се знак дека можат да пријават сè и сешто. Се случува тинејџери да пријавуваат насилство само затоа што се казнети од родителите со забрана за излегување или користење електронски уреди. Проблем се и младите брачни парови, кои по периодот на меден месец и прилагодување на
    брачниот живот влегуваат во конфилкти кои со време ескалираат и во физички пресметки. Главни причини за појава на дисфунционалност во семејството се пороците како зависност од психотропни супстанци, алкохол, коцкање или пак посегнување по брзи кредити во недостаток на доволно финансиски средства.

    На пат до финансиска независност и конкурентност на пазарот на труд со поддршка на кариерен советник

    „Девојчето за кое зборуваме прво се вработи во фирма каде најголем дел од колегите беа од машки пол, па таа се чувствуваше загрозено, несигурно, угнетено, обесправено и исплашено. Затоа и работевме со неа, па сега работи на позиција на која одлично се снаоѓа и генерално се чувствува добро. Јас како кариерен советник ѝ помогнав и ѝ објаснив како се креира CV, работевме на развој на меките вештини, како да снајде со огласите за работа, како да аплицира, како да се однесува и разговара на интервјуто за работа“, раскажува кариерната советничка С.С. од ХО „Мајка“.

    До сега во организацијата работела со повеќе од 20 жени и оствариле завидни резултати. По стабилизирањето и вработувањето, жртвите се трансформираат, стануваат многу упорни, категорични во остварување на својата цел, а тоа е осамостојување. Вели дека повеќе од 70 проценти од жените кои го поминале кариерното советување веќе се вработени, а ако станат независни не се враќаат кај насилникот. Продолжуваат со самостоен живот, си ги извршуваат и професионалните и приватните обврски и секојдневно стануваат сè посамоуверени.

    „Жените кои доаѓаат на кариерно советување влегуваат 10 сантиметри пониски, несигурни и стегнати. Кога ќе се вработат и ќе станат финсиски независни, добивате впечаток дека пораснале, одат поисправено, посигурно и со крената глава. Најголем проблем кај нив е некомплетното или несоодветно образование за пазарот на труд. Најчесто се самохрани родители кои не можат да си доволат сменска работа, па бараат работа само во прва смена, за да можат потоа да се грижат за децата“, го пренесува своето искуство кариерниот советник.

    Според податоците на кумановската полиција, жртвите на насилство најчесто се жени, иако голем е бројот и на мажи кои пријавиле дека се малтретирани. Вршители на насилството во најголем број случаи се сопружниците.

    „На подрачјето на СВР Куманово, од почетокот на 2024 година се поднесени 100 кривични пријави и 20 известувања за настани поврзани со семејно насилство по службена должност. Вкупно се регистрирани 500 прекршоци и поплаки, а поднесени се 443 предупредувања и 47 барања“, соопштуваат од СВР Куманово.

    Нивните анализи покажуваат 285 од пријавувачите се жени, а 215 мажи. По семејни релации, во 145 случаи се работи за сопружници, 52 се деца и 81 родители - жртви на семејно насилство.

    Формално-правниот систем за заштита од семејно насилство е воспоставен во 2004 година, но во градот и државата се уште нема ефективна граѓанска правна заштита на жените што претрпеле семејно насилство. Од друга страна, сè поголем е бројот на „поплаки“, што се должи на повлекувањето на жртвите од водење кривични постапки. Делумно поради тоа што владее мислење дека ако насилникот го опомене полицијата ќе престане злоставувањето, но главно поради непрепознавање на одделни форми на психолошко и емоционално насилство. Затоа и постои неопходност за подобро информирање на јавноста за препознавање на насилството и начинот на поведување постапки пред надлежните институции.

    Фото: Pixabay/ sabrinabelle

    Процесот на осамостојување на жртвите и излегување од средината на семејно насилство е особено тежок ако жртвата нема поддршка од околината, односно од потесното семејство или блиската околина. Но, во такви ситуации, на располагање е тимот на ХЗ „Мајка“ кои преку индивидуални терапии со психолог/ психотерапевт прво им помагаат на жртвите да ги воочат и
    прифатат формите на насилство на кои биле изложени, а подоцна преку правна помош да им се помогне да ги заштитат и остварат своите права низ лавиринтите на правосудството.

    Советувалиштето и кризниот центар ги исполнуваат стандардите според Истанбулската конвенција и овозможуваат советување и поддршка од социјална работничка, психосоцијално советување и поддршка од психолог/ психотерапевт, правно советување и поддршка, како и менторство за економско јакнење.

    Голем број од жртвите ги избегнуваат полицијата или Центрите за социјални работи затоа што не сакаат да бидат регистрирани како жртви, пред сè заради емотивни, социјални или општествени причини. Затоа клучна е улогата на организации и здруженија од невладиниот сектор, со цел подигнување на јавната свест во борбата против семејното и родово базирано насилство, како и
    за охрабрување на жртвите да излезат од маѓепсаниот круг на насилството.

    (Авторка: Оливера Пешевска, ментор Мирко Трајановски)

    Оваа сторија е подготвена во рамки на проектот „Откријте, ангажирајте, поттикнете: застапување против семејното насилство“, кој Здружението ЕСЕ го имплементира со поддршка на Француската амбасада во Скопје.