×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Семејното и родово насилство се уште зад „затворени врати“, Североисточниот регион без шелтер центар и поддршка на жртвите

    21.08.2023 08:46 | Жаклина Цветковска

    Неодамнешниот случај во БиХ во кој млада жена беше убиена од својот невенчан сопруг затоа што неколкупати го пријавувала насилството врз неа, одново го отвори прашањето колку и нашите институции се подготвени и имаат капацитет да ги заштитат жртвите на семејно и родово- базирано насилство и да им пружат помош и соодветна поддршка. 

    Семејното и родово насилство се уште зад „затворени врати“, Североисточниот регион без шелтер центар и поддршка на жртвите

    Особено ако се знае дека само 4 дена пред трагедијата Општинскиот суд во Градачац го отфрлил предлогот на полициската управа да му се изрече забрана на насилникот за приближување и вознемирување. А несреќната жена само барала помош, бидејќи се плашела да сведочи.

    Пред точно две години слично убиство се случи и во кумановското село Табановце, кога маж ја усмрти својата 36-годишна сопруга со метален предмет, а потоа се самоуби со импровизирано огнено оружје. И во овој случај сопругот и предходно бил насилен, а имал и сериозни психички проблеми. Од 2017 – 2020 година во Македонија убиени се вкупно 26 жени, покажуваат податоците во „Анализата на случаи на фемициди – убиства на жени “ на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, кои се наведени и во првиот извештај на РМ до Групата експерти за акција против насилството врз жените и семејното насилство (ГРЕВИО). Од нив, 22 убиства (84 %) може да бидат квалификувани како фемициди, а од направените увиди во предметите за убиства на 16 жени, кривичното дело може да биде квалификувано како фемицид во 14 случаи. Кај повеќе од 75 % од анализираните случаи кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого таа живеела во заедница. Во над 80 % случаи, пак, иако постоело насилство за што подоцна сведочеле и блиски роднини на жртвата, ниедна од 14-те убиени жени не го пријавила во надлежните институции.

    Покрај стереотипите и предрасудите да се сокрие насилството од другите, жртвите ги обесхрабруваат и неефикасните бирократски процедури и институционални бариери на кои наидуваат обидувајќи се да се справат со тешките животни ситуации.

    „Какво решение ми нуди системот од мажот насилник кој ме тепа кога ќе се напие? Постојано слушам во медиумите да се пријави насилството, да се побара помош, но каде да одам, кој да ме заштити? Ниту има Шелтер центар, засолниште или било каква форма за згрижување и поддршка да започнам нов живот, да се осамостојам. Ќе го пријавам сопругот и треба пак да се вратам кај него, во заедничкиот дом, додека чекам институциите да ја водат постапката. Јас не сакам тој да оди во затвор, па јас да живеам, само сакам јас да си го средам својот живот, а за тоа ми е неопходна помош од институциите“, вели 50-годишната Н.С. од Куманово.

    Адвокатката Ирена Цветковска од Куманово која работи на случаи на семејно насилство вели дека во нашиот правен систем постојат законски прописи како Законот за семејство, Законот за спречување и заштита од насилство, Кривичниот законик, Акциски план и друга домашна и меѓународна регулатива ратификувана и кај нас, според која институциите се должни, секоја во рамките на своја надлежности да превзема мерки за спречување на семејно насилство, заштита на жртвите и гонење на стрителите.

    „Сите активности треба да бидат итно и навремено превземени, со исклучиво кратки рокови. Ако се земе предвид природата, сложеноста, сензибилниот пристап, а посебно тешките последици од ваквите настани, треба да се даде уште поголем акцент на потребата за итно постапување. Затоа, институциите имаат обврска за брза реакција, изрекување на итни мерки за заштита и безбедност на жртвите", посочува Цветковска.

    Таа нагласува дека законот предвидува и бесплатна правна помош преку невладини организации, правни клиники и други субјекти регистрирани за давање на примарна правна помош, како секундарна правна помош која се спроведува преку Министерството за правда, и регистрирани адвокати меѓу кои е и Цветковска.

    На потфрлување на институционалната поддршка укажува и Ашмет Елезовски, извршен директор на Националниот ромски центар (НРЦ), кој дава бесплатна правна помош на жртвите на семејно и родово-базирано насилство.

    „Системот не функционира, премногу се ветува, а не се презема акција. Како тим се соочуваме со бариери при реализација на правната регулатива, има празнини во законските решенија, имаме потешкотии при реализација на постапките. Надлежноста на МТСП се чини функционира само во Скопје, ама во останатите општини кога треба да се излезе на терен, да се менторира, разговара,
    да се бара соодветно решение никој никого не бара, жртвите се препуштени сами на себе“, вели Елезовски.

    Годинава во Североистокот скоро 20% од пријавените жртви се мажи!

    Според информациите од ЈУ МЦСР Куманово во последните 3 години (2020-2022 ) регистрирани се вкупно 181 жртва на семејно и родово-базирано насилство во оваа општина, заедно со Липково и Старо Нагоричане, и тоа многу повеќе од урбаните средини, отколку од руралните подрачја. Извештајот за истиот период покажува дека Центарот пружил психо-социјална поддршка на 143 жртви на семејно насилство, но и психо-социјален третман на 5 сторители на насилство. Најголем број жртви се жени на возраст од 19-50 години, исто како и сторителите кои главно се сопруг, татко или син. И жртвите и сторителите воглавно се Македонци, а главните причини за семејно насилство се алкохолизам, љубомора, психички нарушувања, нарушени брачни односи, економска и зависност од психотропни супстанци. При водените постапки Центарот најмногу има дадени предлози и мислења до Основниот суд за изрекување на привремени мерки за заштита , а многу мал број биле упатени на советување.

    Во првите шест месеци од годинава, пак, на подрачјето на СВР Куманово регистрирани се 39 кривични дела за семејно насилство . Од нив 33 се во Куманово и 6 во Крива Паланка , додека во Кратово не е регистрирано ниту едно кривично дело. Во Куманово 8 пријави се отфрлени од вкупниот број пријавени случаи, а во Крива Паланка нема отфрлени пријави. Жртви на семејно насилство се 27 жени, 7 мажи и 3 деца. Најновите податоци, за разлика од претходните години, укажуваат дека има пораст на бројот на мажи меѓу жртвите, или за само за 6 мeсеци годинава скоро 20% од машката популација биле жртви на семејно насилство.

    „Во мојот случај токму јас сум жртва на семејно насилство. Болен сум и постар, а мојата сопруга е алкохоличарка. Ќе се напие и ме тепа. Бев да ја пријавам во полиција, а таму ми се изнасмеаја и ми велеа „Каков маж си ти?“ Подоцна се обратив до една граѓанска организација која дава помош на жртвите. Знам дека е необично, но барам сериозно да бидам сфатен“, се жали 58-годишен
    маж од една од помалите општини од Североисточниот регион.

    Меѓу женската популација, пак, според Елезовски најохрабрени да го пријават насилството се македонските жени, додека Ромките се најисплашени затоа што имаат многу деца, не се вработени и економските независни за да започнат самостоен живот. Албанските жени, пак, пријавуваат семејно и родово насилство само доколку имаа „грб“, односно поддршка од семејството кое ги прибира назад и се грижи за нив.

    Североистокот без Шелтер центар, кризен штаб, СОС линии

    Анализата за системот на заштита од родово базирано и семејно насилство во Североисточниот регион, која минатата година ја изработија НРЦ и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство укажува дека во шесте општини нема ниту еден Центар за жртви на семејно насилство, иако според стандардите на Истанбулската конвенција , во регионот треба да
    има засолниште со достапни најмалку 17 семејни места.

    „Исто така, во овој регион нема ниту еден кризен центар за жртви на семејно насилство, а постои едно советувалиште при ЈУ МЦСР Куманово, но поради ограничени човечки и просторни капацитети услугите не се во согласност со меѓународните стандарди. Ниту една општина, пак, нема развиено конкретни мерки и издвоено буџетски средства за заштита на жртвите, ниту предвидено финансиска поддршка за даватели на специјализирани услуги“, се потенцира во анализата.

    Жртвите на семејно насилство, исто така, не се препознаваат ниту како лица во социјален ризик во програмите за социјална заштита. Првпат тоа е направено со новоизработениот Социјален план на Општина Куманово 2023- 2026 каде се превидува изградба на Регионален центар за жртвите на семејно насилство (шелтер центар или засолниште) и Кризен штаб со максимум по 15 корисници за што се предвидени околу 32, 600 000 денари за период од 3 години. Ова се совпаѓа и со препораките на НРЦ и Националната мрежа Куманово како најголема општина во Североисточен регион да биде општина лидер во процесот на финансирање и воспоставување на специјализирани услуги за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство.

    И Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство укажува дека најголемиот дел од специјализираните услуги се концентрирани во Скопје, додека во некои плански региони постои само една или воопшто нема ниедна функционална услуга локално.

    „Иако бројот на специјализирани услуги за жени жртви на родово-базирано и семејно насилство се зголемува, сепак податоците од теренските истражувања покажуваат дека голем број од услугите не ги исполнуваат минималните стандарди препорачани од Истанбулската конвенција, или пак воопшто не се функционални. Недостасува соодветен стручен кадар за обезбедување на услугите, пристапност за жртвите со попреченост, минимални просторни услови и соодветна локација. Недостасуваат и специјализирани услуги за реинтеграција и рехабилитација за жени жртви, кои ќе обезбедат поддршка во процесот по напуштање на насилната средина со цел спречување на ризиците од бездомништво и сиромаштија, како и на ризиците од враќање кај насилникот “, се наведува во заклучоците од Завршната студија за задоволството на жените жртви на насилство како кориснички на услугите на Центрите за социјална работа (2022).

    Прв чекор во унапредување на системот за институционална поддршка на жртвите секако е воспоставување на меѓуопштинска соработка во Североисточниот регион, со цел обезбедување на заедничко финансирање на специјализирани услуги за помош и поддршка. Но, обврската на општините да креираат и поддржат локални политики и мерки за жртвите, не одат во прилог на овие препораки за што говори и искуството на Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, кое од септември 2022 година раководи со Советувалиште за жртвите од семејно и родово насилство „Комфор зона за жени“, што обезбедува повеќе специјализирани услуги за заштита на жените и децата жртви, но и на лица во ризик од идно насилство.

    „Имавме иницијатива нашето советувалиште да прерасне во проект за целиот Североисточен регион и да биде поддржан од сите локални самоуправи за да обезбедиме одржливост и континуитет во обезбедувањето на услугите. Испративме барања до сите општин, кои содржеа буџет согласно бројот на жителите на општината. За жал, не наидовме на разбирање, а поголемиот дел од нив не не удостоија ниту со одговор, освен Општина Ранковце која ни одговори дека немаат средства. Единствено Општина Куманово издвои 200.000 денари и имаме пари за функционирање до крајот на годината. Нашите корисници, пак, најмногу ни се обраќаат за
    остварување на социјални права, психолошка поддршка и кариерна едукација“, вели Лидија Илиевска , преседателка на „Мајка“.

    Мал број на пријави од жртвите, голем број на повлечени пријави

    Иако, последите години има мал напредок во зглемување на бројот на пријави против сторителите на семејно насилство, сепак жртвите се уште ретко бараат помош и не остануваат доследни на одлуката да го истуркаат случајот до крај. Во речиси 90 отсто случаи тие ги повлекуваат пријавите против сторителите, најчесто нивните брачни партнери, и продолжуваат со пеколот во семејната заедница, се до следното малтретирање. Недовербата во институциите, економската зависност, срамот, предрасудите, но и стравот од последици по својот и животот на децата се најчести причини заради кои семејното и родово насилството останува „затворено“ во
    кругот на фамилијата.

    „Ме малтретира и физички и психички. Често знае да се напие и тогаш јас сум виновна за се. Немам каде да одам, родителите ми се починати, браќата имаат свои семејства. Имам 3 деца и мора да ја трпам тортурата. Живеам во страв и неизвесност. Мала средина сме, се плашам дека никој нема да може и да смее да ми помогне“, вели млада мајка од Крива Паланка.

    Адвокатката Цветковска, која е и експертка во областа на правата на жените нагласува дека е исклучително важно случаите на семејно насилство навремено да се пријават, но тоа е и најпроблематично бидејќи многу често луѓето не знаат што навистина се случува.

    „Семејното насилство, најчесто се случува ,,зад затворени врати“ и многу често околината не знае дека нешто се случува, па и не е во можност навремено да пријави. А жртвата не е секогаш подготвена да го пријави насилство. Таа е психички и физички повредена, со измешани емоции, во лични односи со сторителот, незнае каде и кому да пријави, како ќе биде разбрана, многу пати е со чувство на сопствена вина, траума... Несигурна е и во сопствените капацитети да се справи со промените од аспект на материјална, просторна егзистенција, безбедност и иднина за себе и децата“, посочува Цветковска.

    Но, поразително е и што кај нас насилството врз жените е широко прифатено како нормално и не се пријавува, а речиси половина од жените сметаат дека домашното насилство е приватна работа, покажува извештајот на ОБСЕ. Во најновиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2022 година, пак, се наведува дека на земјата ѝ недостасуваат јасни меѓуинституционални протоколи, а полицијата и здравствените работници немаат капацитет целосно да ги проценат последиците од насилството и да преземат соодветни мерки. Обезбедувањето психосоцијални и други превентивни услуги останува некоординирано и зависи од финансирање од локалната самоуправа, странски донатори и бизнис-заедницата.