Одбележана 113-годишнината од Кумановската битка
На спомен-костурницата „Зебрњак“ денеска беше одбележана 113-годишнината од Кумановската битка, во која српската војска извојува голема победа над Отоманската империја за време на Првата балканска војна.
Битката се водела на 23 и 24 октомври 1912 година. Во неа загинале 687 српски војници, 3.200 биле ранети, а како исчезнати се водат 597 офицери и војници. Победата кај Куманово го означила почетокот на распаѓањето на Отоманската империја на Балканот.
Пред присутните денеска се обрати Зоран Антиќ, државен секретар во Министерството за труд и социјални и боречки прашања на Република Србија, кој истакна дека битката на Зебрњак има историска важност за целиот Балкан и Европа, а особено за православните народи.
„Еден народ и една војска, после 500 години, на полето кај Куманово ги бранеле достигнувањата на модерна и христијанска Европа. Победата на Првата српска армија претставува цивилизациска победа над Отоманската империја, победа на европските хуманистички вредности над деспотските, како и протерување на Османлиите од Балканскиот Полуостров. Да не беше Кумановската битка, денеска немаше да постојат ни Србија, ни Македонија, а многу веројатно ни други држави на Балканот“, изјави Антиќ.

Тој додаде дека големата жртва и победа обврзуваат да се врати сјајот и симболиката на Зебрњак, односно големиот крст на врвот, кој бил урнат за време на Втората светска војна од бугарскиот фашистички окупатор.
На годишнината се обрати и Гордана Стојковска, од Српската заедница во Македонија.
Турската Вардарска армија изгубила околу 1.200 војници, 3.000 биле ранети, а 327 биле заробени.
Во Кумановската битка учествувале и околу 2.000 македонски доброволци, составени од локални жители, кои се бореле против турската војска од утринските часови до пладне, сè додека не пристигнало засилување, со цел да се спречи опколувањето на српските сили.
Споменикот на Зебрњак е дело на белградскиот архитект Момир Коруновиќ. Тој бил изграден во периодот од 1934 до 1937 година и со својата висина од 48,5 метри претставувал највисок споменик во Кралството Југославија. Изграден од базалт и армиран бетон, споменикот личел на неосвоена тврдина, со крст-кандило на врвот, кој горел над коските на паднатите војници. Над спомен-костурницата се издигала и висока кула.
На 20 мај 1942 година, кулата на споменикот, висока 40 метри, била урната со динамит од бугарската војска.





