Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Убавка Каранфиловска пред 10 години го напуштила Куманово и се преселила во Драгоманце, родното село на нејзиниот сопруг, каде отвориле фарма за крави и започнале да развивааат семеен бизнис.
Од домаќинка која се грижела за семејството и децата, на 42 години станала активна сточарка, а колку е успешна во својата работа зборува и Ноемвриската награда што годинава ја доби од Општина Старо Нагоричане, по повод Денот на слободувањето „11-ти Ноември“.
Семејството на Убавка се вратило во Драгоманце, откако со сопругот Граде не се снашле во бизнисот кој го воделе, а во исто време и неговите родители се разболеле. Бидејќи располагале во имот, се одлучиле за одгледување добиток. Почнале скромно, а денес ја имаат една од најголемите и насовремени сточарски фарми во регионот.
„Почнавме со 15 крави, со примитивен начин на одгледување , во скромни услови, а денес имаме над 50 молзни крави, јуниња и телиња, со затворен систем за молзење и механизација за вршење на дејноста. Не беше лесно, но со многу труд и работа успеавме. Постојано вложуваме во осовременување на производството и сме целосно посветени на фармата“, вели Каранфиловска.
Таа објаснува дека многу лесно се навикнала на селскиот живот, и годи природата и одгледувањето добиток. Признава дека работата е многу тешка,особено за една жена, но е горда на својот успех и вели дека најважно е што и да се работи, да се работи со љубов за да може човек да успее. Убавка е регистрирана земјоделка индивидуалец и сопственик на грлата крави, на еден трактор, а има земено и државно земјипте под закуп. Како носител на дејноста на семејната фарма полна е со планови за развој на сточарската фарма.
„Во оваа работа мора постојано да се инвестира. Има големи трошоци, набавка на семенски материјали, ѓубриво, засејување на површините за обезбедување храна за добитокот, давачки. Особено сега откако цените се зголемија, па и трошоците и давачките пораснаа. Но, од овој бизнис може да се живее. Ние соработуваме со Кораб Трница каде го даваме млекото на откуп и сме задоволни. Единствен проблем е ниската откупна цена на млекото и недостигот на работна сила. Не можеме да најдеме работници, ни требаат најмногу за механизацијата, без која не може да се води овој бизнис. Ни недостигаат возачи за земјоделската механизација, а нема ни млади ни стари, селото се испразни“, вели Убавка.
Заради овие предизвици, во семејниот бизнис е вклучен и нејзиниот сопруг, кој како и таа во 2016 година бил прогласен за најуспешен сточар од Општина Старо Нагоричане, а помагаат и трите деца, двајцата синови и ќерката, со кои ги делат работните обврски.
„Јас сум главна во молзењето на кравите, а сопругот е задолжен за хранење на добитокот. Децата,пак, ни помагаат во набавка на се што треба за фармата, а секогаш се тука и да помогнат околу другите работи, навистина имаме помош од нив, иако живеат во градот“, појаснува Убавка.
За себе вели дека е искалена рурална жена и се постигнува да заврши. Да биде и сточарка, и мајка, сопруга, баба, и домаќинка, и да се грижи за родителите на сопругот. Нејзиниот работен ден започнува во 6 часот наутро кога го пие утриското кафе и започнува со молзење на добитокот. Тука се и свињите и кокошките, кои исто така мора да се подмират, а потоа следува подготвување на појадок, ручек, одржување на домаќинството. Стигнува и да отиде до Куманово, да ги заврши обврските во банка, да пазарува, да ги посети децата, па дури и да одмори, а од 19 - 22 часот повторно е во шталата, уште еднаш да се нахрани и да се измолзе добитокот.
Оваа неверојатно витална жена, полна со оптимизам, воодушевува со својата енергија, затоа што се што работи, работи со труд и посветеност и се чувствува среќна. Вели дека и сточарството е работа како и секоја друга. Мора да ја сакаш за да успееш. А таа ја сака не само работата, туку и своите животни. На секое грло му дава име, а најмногу е приврзана кон младите телиња.
„Не може да не се приврзеш кон нив. Тие се како миленичиња, како мали деца, кревки, лично ги хранам со млеко, ги галам, ги гледам како зацвртуваат, како дишат, им го чувствувам здивот, се грижам да не разболат. И кога ќе ги видиш како ти возвраќаат со љубов и кроткост. Тешко се делам од нив, не е едноставно, ми недостасуваат“, искрена е Убавка.
И покрај тоа што има многу малку жени сточарки, таа смета дека тие рамноправно можат да се носат со мажите во било која работа, па така и во овој бизнис. Ги користи сите права што и следуваат како индивидуална сточарка, пред неколку години добила неповратни средства од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со кои купила трактор, а сега и се одобрени и дополнителни средства со кои планира да ја обнови и збогати механизацијата.
„Само 3 жени од Куманово добивме ваква помош од државата. Значи, не има многу малку, а ја работиме истата работа како мажите. Еве и мојот сопруг постојано им вели на децата „Ако не е мајка ви, не бидува ништо“. Јас, пак, велам дека доколку не сме двајцата не бидува работата. Основно е да се има поддршка и да се делат обврските, да оди работата. Имаме среќа што и децата ни помагаат, не се како некои млади кои не ги интересира сточарството. Овде не се работи за видот на занимање, дали е тоа сточарска фарма или некоја голема компанија, тука за сплотеност на семејството, обединето во идејата да се развива успешен семеен бизнис и да им се помага на родителите. Си даваме и си возвраќаме еден на друг, затоа сум задоволна и ништо не ми е тешко“, со емоции раскажува 52-годишната Убавка.
Но, најуспешната сточарка од Старо Нагоричане не е посветена само на фармата. Таа активно е вклучена и во засадувањето на земјоделските површини со житарици, потребни за храна на добитокот, која ја произведуваат сами. Покрај тоа, успева да одгледува и лозови насади, произведува ракија, сади градинарски култури, подготвува зимница. А наоѓа време и да го чува своето внуче. И никогаш не вели дека нема време.
„За се се наоѓа време, кога ве води желбата да го исполните животот со работа и задоволство, со најблиските. Жал ми е само што селото запустува, а толку е убаво и полно со живот. Природа, свеж воздух, достапна инфраструктура. Се надевам дека повторно ќе заживее“, вели за крај Убавка.
Оваа жена, која не ја симнува насмевката од лицето, никогаш не размислува колку многу обврски има следниот ден. Го живее животот и ужива во работата, и не заборава да повтори дека жените можат се.