×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Точната и проверена информација ќе го победи кликбејт новинарството

    12.10.2022 10:52 | KumanovoNews

    Секоја од нас паднал во замката на се поприсутното кликбејт новинарство или мамка за кликови, по кое посегнуваат се повеќе интернет портали.

    Точната и проверена информација ќе го победи кликбејт новинарството

    Тешката финансиска состојба во која се најдоа редакциите при трансформацијата и прилагодувањето на интернет, доведоа до огромен пат на релеватноста во информирањето, претворање на медиумите во таблоиди и дистрибутери на голем број дезинформации. Во трката да обезбедат повеќе реклами кои им се главен извор за опстојување, интернет порталите главно се занимаваат со маркетиншки трикови за да привлечат поголема посетеност, а со тоа и поголема заработувачка. Дури и големите новинарски куќи започнаа да наседнуваат на кликбејт новинарството за да ја зголемат својата гледаност и читаност.

    Информативното и истражувачко известување, поткрепено со агументи и факти е ставено во втор план, а новинарот најмногу е посветен на креирање сензационалистички наслови, спинови, па дури и лаги, само да се задоволи уредувачкиот тим и спонзорите. За прекршување на етичките норми немаат никаква дилема, важно е да се преживее.

    Содржините кои се типичен кликбејт обично почнуваат со ШОКАНТНО, НЕВЕРОЈАТНО, СКАНДАЛОЗНО, НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА !!!. Содржат многу интерпукнциски знаци и големи букви, а содржината едвај да е подолга од самиот наслов. Текстот обично е „празен“ и нема никаква врска со насловот, но психологијата на читателите е таква што речиси секогаш ќе кликнат на ваков наслов. Иако, голем дел од нив се свесни дека зад насловот нема ништо сензационално или важно, сепак уште на следниот кликбејт текст повторно ќе го употребат кликот.

    Кликбејт новинарството најчесто го користат нерелевантни интернет портали, кои не се во Регистарот на професионални медиуми на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), ниту се членови на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кој се залага за почитување на професионалните стандарди во известувањето. Тие, всушност, не се регистрирани ниту како медиуми или деловни субјекти за производство на вести, немаат импресум и контакт, па така ги избегнуваат санкциите на професионалните здруженија и судските инстанци. Загрижувачки е што овие квази портали не се занимаваат само со забава, туку и со политички и други значајни теми, и најмногу шират дезинфомации и за власта, политиката , продуцираат теории на заговор и лажни вести. Не ретко користат фотографии на политичари и јавни личности, кои на никој начин не се поврзани со текстот и служат само како мамка за клик. Граѓаните, пак, често не знаат дека за кликбејт поталите не стојат професионални и кредибилни новинари, особено младата публика, па информациите ги земаат здраво за готово. Но, интересно е што нив ги следи дури и политичката и општествена елита, која често е мета на нивните кликбејтови.

    Овие портали не почитуваат никакви етички кодекси и стандарди, бидејќи целта им е да заработат што повеќе. Водени се од финансиски и материјални интереси и се во служба на оние што ги плаќаат. Нивни спонзори најчесто се центри на политичка и економска моќ, кои имаат за цел да го омаловажат и да му нанесат штета на противникот и конкуренцијата. Но, ваквото нивно однесување предизвикува низа негативни последици, ја доведува јавноста во заблуда и на погрешни заклучоци, а истовремено го руши кредибилитетот на новинарите и ја намалува довербата на јавноста во медиумите.

    Прашањето е како да се сочува професионализмот во новинарството и како тоа да биде ослободено од кликбејт „конкуренцијата“? Како ловот за кликови да се сузбие со квалитетна содржина што информира, едуцира и забавува? Стручните лица сметаат дека саморегулацијата не може да помогне во ваков случај, кога овие квази портали се водени од финансиски, политички или други интереси. Нормално, дека и класичното новинарство трпи промени со појавата на интернет, но не смееме да дозволиме да останеме во магепсаниот круг на кликбејт новинарството. Единствено ни преостанува да продолжиме со напорите за подигање на свеста кај граѓаните за медиумската писменост, а особено кај младите генерации, кои се и најчести „жртви“ на кликбејтот. Покрај професионалните проверувачи на факти кои работат на разоткривање на дезинформациите и лажните вести, кредибилните медиуми мора да ја преземат својата улога за едукација на публиката за ништовноста и штетноста на клибејт вестите. Треба постојано да се укажува што всушност претставуваат кликбејтовите и кој е нивниот интерес. Да се повикуваат на етичкиот кодекс на ЗНМ и професионалните стандарди на новинарите. Целта е да се создаде критична маса која ќе се стекне со медиумска умешност и ќе се приклучи на борбата против кликбејт медиумите.

    Еден интересен пример за активизам против кликбејт насловите се појави пред неколку година во Хрватска каде беше основана Фејсбук страницата „Хејт за кликбејт“. Под слоганот „Читаме глупости за да вие не морате “, авторската екипа ги откива информациите кои намерно се сокриени во насловите за да се кликне текстот. Тие ги откриваат кликбејтовите на хрватските портали, а охабрувачка е реакцијата на публиката која заедно со нив ги разоткрива кликбејт вестите. За два дена оваа страница има регистрирано над 4.000 следбеници, кои ја водат „потерата“ против иритирачките наслови.

    Етичкиот кодекс на ЗНМ и СЕММ треба да биде истакнати на станиците на сите релевантни интернет портали, а ниту еден новинар не смее да биде политички ангажиран или да биде на платниот список на бизнис елитата. Потребна е сериозна критика кон фејбук новинарството и што поголема продукција на аналитички текстови со кои се истражува и информира. Фејк конкуренцијата може да се победи само со цврста принципиелност кон етичките вредности. На крајот, граѓаните ќе ја сфатат заднината на сензационализмот, ќе научат да го препознаваат и ќе ја ценат квалитетната информација. Европската унија и многу други донатори даваат силна поддршка на борбата против лажните вести, а новинарите треба тоа да го искористат и да дадат придонес за вистинитоста на информацијата и развојот на демократското општество. Слободата на изразување не смее да ја премине границата.

    Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Сузана Николиќ ангажирана од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.