Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бил Гејтс не фигурира како сопственик на која било од фармацевтските компании, кои ги направија различните вакцини против ковид-19 што се администрираат ширум светот. Ковид-19 не е „невидлива болест“, како што се тврди во постот. Податоците говорат дека заклучно со 22 септември со коронавирус се заразиле 230 милиони луѓе, а за 4,7 милиони овој вирус бил кобен и починале како последица од вирусот. Исто така, нема никакви докази дека во Африка умреле 20 милиони дечиња поради вакцинација, ниту, пак, ваква огромна бројка некогаш била објавена во јавност
Фото: commons.wikimedia.org
Милијардерот и филантроп Бил Гејтс повторно е мета во објави на социјални мрежи кои се полни со дезинформации. Податоците кои се изнесуваат во Фејсбук објавата се неточни, за нив не постојат никакви докази, а споделените бројки се илјадниципати поголеми од реалната ситуација и се целосно неточни и притоа нелогични.
Били,
правиш вакцина за да не “заштитиш” да не умреме од невидлива болест којашто ја нема…а пред илјадници луѓе кажуваш дека размножувањето на луѓето треба да се контролира и да се намали.
Еве ти од мене еден совет :
не прави вакцина за нас,ем ќе ти останат паричките дома,ем нема да губиш време по нас,ем и ние раат ќе видиме од тебе.
Ааа и ќе заборавев,што бидна со тие девојките во Индија,500000 на број,живи останаа ли или само се стерилни???
За оние дечиња по Африка знам дека изумреа 20 милиони од твоите вакцини.
Не знам кој свесен човек и како би се вакцинирал,кога и бебињата знаат дека се врши геноцид врз човештвото и дека сатанистите работат 24/7.
Господи дојди што поскоро !!!
Во објавата се тврди дека Бил Гејтс ја прави вакцината, што не е точно. Според информациите, за сите вакцини одобрени од Светската здравствена организација, Бил Гејтс не фигурира како сопственик на која било од фармацевтските компании што ги направија различните вакцини против ковид-19, а кои се администрираат ширум светот.
Освен тоа, голема дезинформација, која се истакнува на почетокот на објавата е дека ковид-19, претставува синтагмата „невидлива болест“. Да се тврди вакво нешто повеќе од година и половина од почетокот на пандемијата со коронавирусот, која го зафати целиот свет, е небулозно. Податоците говорат дека, заклучно со 22 септември, со коронавирус се заразиле 230 милиони луѓе, а 4,7 милиони починале како последица од вирусот.
Тврдењето дека Бил Гејтс рекол оти „размножувањето на луѓето треба да се контролира и намали“ е неточно и целосно извадено од контекст. Овие заблуди, што подолго време се шират низ интернет просторот, потекнуваат од ТЕД говорот на Гејтс во 2010 година, каде што тој зборува за начините за сведување на емисиите на јаглерод диоксид на нула. Според него, еден од круцијалните фактори, кои ги доведуваат емисиите на јаглерод на неодржливо ниво, е растот на населението.
Прво, имаме население. Светот денес има 6,8 милијарди луѓе и се движи кон постигнување на девет милијарди. Сега, ако направиме навистина одлична работа со измислување на нови вакцини, подобрување на здравствената заштита, ако има услуги за репродуктивно здравје, би можеле да го намалиме тоа, можеби, за 10 или 15 проценти, рече Гејтс на еден од неговите ТЕД разговори.
Сепак, Гејтс со овој говор никако не сугерира дека глобалното население треба да се убие со користење на вакцини, како што манипулативно се тврди во објавата.
Тврдењето за предизвикување стерилитет кај девојки од Индија потекнува од прекинувањето на студијата за вакцина против хуман папилома вирусот (ХПВ) ), финансирана од Фондацијата Бил и Мелинда Гејт. Студијата е откажана во 2010 година, откако локални медиуми јавија за смрт на седум девојчиња што учествувале во истражувањето.
Истрагите спроведени од комитет назначен од индиската влада подоцна утврдиле дека смртните случаи не се поврзани со употреба на вакцините. Истрагата покажала дека пет смртни случаи не биле поврзани со вакцината. Една девојка се удавила, друга починала од каснување од змија, две девојки извршиле самоубиство со употреба на пестициди, а една починала од компликации од маларија. Причините за смртта на другите две девојчиња биле помалку сигурни: едната веројатно починала од висока температура, а за втората постојат сомневање дека починала од церебрална хеморагија.
Министерот за здравство Гулам Наби Азад тогаш негираше дека смртните случаи имаат врска со испитувањата и дека нема конечни докази за причинско – последична врска помеѓу вакцината и смртните случаи.
Во Фесјбук објавата се тврди дека ова имало влијание на 500.000 девојки кои останале стерилни, што е се уште две неточни информации.
Кога владата ги прекинала истражувањата, администрирани биле три дози на вакцини на 30.000 учесници, главно племенски девојчиња на возраст меѓу 9 и 14 години. Нема никакви докази ниту за смртноста на девојчињата, ниту за предизвикување на стерилитет кај оние кои ги примиле вакцините. Голема дезинформација е тврдењето дека вакцината влијаела на пола милион девојчиња кога само 30.000 биле вакцинирани.
Исто така, како што нема никакви докази дека во Африка изумреле 20 милиони дечиња поради вакцинација, ниту пак, ваква огромна бројка некогаш била објавена во јавност. Сервисот за проверка на факти на Агенцијата Франс Прес дебанкира голем број на лажни тврдења кои циркулираат во јавноста на различни јазици за наводните негативни ефекти од програмите за вакцинација поддржани од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.
Портпаролот на Фондацијата во изјава за АФП ги отфрлил овие обвинувања и изјавил дека Фондацијата „ниту развива, ниту произведува вакцини“. Фондацијата донира финансиски средства за глобални проекти кои се грижат за јавното здравје.
Вакви објави на социјални мрежи, кои ги погледнале и споделиле голем број на луѓе, се штетни по повеќе основни. Објавата, освен што предизвикува непотребен скептицизам во однос на вакцинирањето против актуелната пандемија со коронавирусот, преку лажни информации предизвикува страв и недоверба и кон други вакцини кои се клучни за зачувување на здравјето на глобалното население.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар