Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Имаше многу пациенти кои не веруваа во оваа болест. Општо кажано, во нашите краишта имаме многу ниска медицинска култура, не се грижиме толку за нашето здравје за разлика од поразвиените земји. Кај нас медицинската едукација е сведена на минимум и затоа се соочуваме со проблеми, со голем број на срцеви болни, на кардиолошки и пулмолошки болни, а сега посебно имаме ситуација кога дел од луѓето не веруваат дека ковид-19 постои, или се убедени дека е некоја вештачка творба и дека се прават експерименти, вели доктор Бобан Вучевски во интервјуто за „Вистиномер“. Тој од почетокот на пандемијата се грижи за пациентите кои се лекуваат во Ковид центарот при Клиничката болница Тетово. За пожарот во модуларната болница вели: „Тоа беше голем стрес и трагедија за сите нас, мислам дека некои моменти не можат да се заборават“
Фото: Вистиномер
Пишува: Зоран Димовски
Повеќе од година и половина сте во Ковид центарот при Клиничката болница Тетово. Може ли да ни опишете како го поминавте овој период со пандемијата и силните бранови со ковид заболени кои ги имаше во тетовскиот регион?
Во февруари 2020 година на почетоците од пандемијата, беше организиран државниот карантин на Попова Шапка, тоа всушност беа патници кои пристигнуваа од разни држави и беа сместени во хотелите на Попова Шапка и таму престојуваа 14 дена. Таму требаше сè да се организира, затоа што меѓу патниците имаше лица со хронични болести и мораше да се организираат дежурства од лекар кој ќе биде редовно во центарот, поради евентуални интервенции. Се работеше за 300 патници и тоа беше исто тежок период. Потоа се засили пандемијата и напливот на пациенти во тетовската болница. Прво ударно место беше инфективното одделение. Со тек на време, бројката се зголемуваше и поради немање капацитет сите пациенти да се сместат на инфективното одделение, се организиравме заеднички да помогнеме и да прифатиме дел од пациентите тука во интерното одделение. Ова одделение го пренаменивме во Ковид центар за да можат тука да се лечат пациенти и да примаат кислородна поддршка. Тоа беше најосновно, затоа што знаеме дека ковид-19 ги напаѓа белите дробови и предизвикува вирусна пневмонија, болест којашто најчесто оди со неможност белите дробови да го снабдат организмот со кислород.
Како одлучивте да бидете дел од Ковид центарот и да учествувате во битката со ковид пандемијата?
Едноставно, сите бевме вклучени во лекувањето, имавме поддршка од Инфективната клиника и од Министерството за здравство во врска со терапијата, протоколите за лекување, затоа што, сепак се работеше за нова болест. Во тоа време, на почетокот имаше и некој страв, бидејќи се работи за инфективна заразна болест од која можеш да се заразиш самиот, сè беше ново, сè беше чудно. Немаше некои официјални препораки за лекување, како што се на пример, препораките во кардиологија, во гастро… Ова е нова заразна болест, лекувавме по некои протоколи, како дел од студии и испитувања кои се покажале успешни.
Дали вие се заразивте за време на оваа пандемија?
Не. Како да има нешто поголемо од нас што нè заштитува кога сакаш да помогнеш, кога си хуман… Нормално ги почитувавме протоколите и мерките. Дојде екипа од епидемиологија, екипа од инфектологија од каде што ни покажа која е зелена, која е жолта, а која е црвена зона и како да се однесуваме во тие зони, како соодветно да се заштитиме од таа болест. Сè тоа беше ново за нас, сите доктори во Ковид центарот бевме од некој друг оддел, не сме работеле на инфектологија, немавме познавање во таа област и затоа имавме помош од Клиниката за Инфективни болести и од епидемиологија.
Дали се соочувавте со пациенти кои не веруваа во оваа болест, а потоа за жал завршуваат во болничките кревети, тука во Ковид центарот?
Да, имаше многу пациенти кои не веруваа во оваа болест. Но, најпрво би сакал да земе предвид нашето поднебје во врска со медицинската едкација која е на многу ниско ниво. Тоа е проблем не само со оваа болест, туку и со другите болести. Медицинската едукација во нашиот регион е сведена на минимум и затоа се соочуваме со голем број на срцеви болни, на кардиолошки и пулмолошки болни, а сега посебно имаме ситуација каде дел од луѓето не веруваат дека ковид-19 постои, или се убедени дека е некоја вештачка творба и дека се прават експерименти. Сите знаеме дека епидемии постоеле и ќе постојат во историјата на медицината. Се обидуваш да разговараш со пациентите дека болеста е опасна, дека треба да веруваат во ковид и да преземат мерки за да се заштитат, да одат на лекар доколку пројават некакви симпоми… Дел од нив ќе поверуваат кога ќе видат дека некој нивни близок човек е хоспитализиран, па велат ајде серизно да ја сватиме ситуацијата. Некои завршуваат во болнички кревет, па потоа ќе поверуваат. Но, за жал, има и такви кои и по прележувањето на ковид и со тешки симптоми, не веруваат во болеста.
Ковидот како болест е непредвидлив, знаеме какви силни бранови имаше. Како се справивте и со болнички кадар и со просторен капацитет?
Фактички целата тетовска болница помогна во справувањето со оваа пандемија. Во врска со персоналот, тоа беше решено на повисоко ниво и одлучено кој каде ќе оди, исто и со просториите. Менаџерскиот тим кажа кои простории ќе бидат дел од Ковид центарот. Но, иста така, беше важно и другите оддели да си работаат како што треба, не може цела болница да биде ковид бидејќи има и други патологии. Така што сè беше покриено. Разбирливо, не беше како пред пандемијата кога имаше редовни операции, плански гастроскопи и испитувања, туку прилагодено на новата ситуација…
Во некои периоди болницата беше пренатрупана со ковид пациенти, по стотина болни лежеа во Ковид центарот во Тетово. Како се справивте со ваквата ситуација?
Сите пациенти кои имаа потреба од кислородна подршка беа прифатени, со тоа што во последниот бран, кој беше најтежок, имавме договор со Инфективната клиника во Скопје, па таму ги препраќавме пациентите.
Како се лечеа пациентите, дали има протокол по кој ги лечите болните од ковид-19?
Се консултиравме со повеќе колеги од целиот свет, црпевме од нивните искуства. Но, најголем водич ни беше Инфективната клиника во Скопје. Се водевме по нивните препораки и искуства, нивната пулсна терапија која беше основна за оваа болест, за спречување на таа катастрофа наречена цитоклинска бура. Ние од тоа највеќе се плашевме, потоа терапијата за тромбоза и антибиотска терапија, антивурисна терапија за која дававме два лека. Дозата ја дававме и ја даваме според тежината на самиот пациент и според искуството. Споделувавме и други искуства. Јас имам завршено факултет во Русија, но сличен е начинот на лекување и на ова тло и на истокот.
Сега, месецов, веќе е добиен протоколот за лекување на ковид пациенти. Имаме голема подршка од Инфективната клиника и од доктор Илир Демири, во врска со лекувањето на пациенти. Нема некоја разлика помеѓу овој протокол и начинот на кој досега сме ги лекувале пациентите со ковид-19. И овој протокол е направен врз основа на тоа наше поранешно искуство.
Дали згрешивме некаде како здравство – институција што имавме толку многу заразени и за жал жртви, или можеби некаде погрешивме како народ – менталитет?
Јас овие прашања би ги свел на медицинската култура кај самиот народ. Општо кажано, во нашите краишта имаме многу ниска медицинска култура, не се грижиме толку за нашето здравје, за разлика од поразвиените земји.
На Тетово му се случи голема катастрофа, изгоре модуларната болница заедно со 14 пациенти. Колкава улога одигра таа модуларна болница во лечењето на пациентите и како сега, откако изгоре овој објект, е менаџирањето во однос на хоспитализации?
Во принцип има капацитет. Кога се случи катастрофата пациентите веднаш беа згрижени во просториите на интерна медицина. Сега моментално нема многу хоспитализирани ковид пациенти, лежат само на инфективно. Но, ако се зголеми бројот на случаи за хоспитализации, ќе се отворат и други одделениија како дел од ковид центарот. Првата линија е секогаш инфективното одделение, а ние како Ковид центар помагавме со хоспитализации. Значи, ние како Ковид центар имавме оддел за помош на инфективно, затоа што таму немаше просторни услови за да се згрижат сите пациенти.
Како медицинскиот персонал го прежиева пожарот?
Тоа беше голем стрес и трагедија за сите нас, мислам дека некои моменти не можат да се заборават.
Каква е сега состојбата со ковид-19 во Тетово и ваша прогноза како ќе се одвива оваа зараза. Дали ќе ни бидат потребни нови просторни услови за хоспитализација на нови пациенти, или пак, можеби вашите очекувања се дека пандемијата ќе стивне?
Моментално ковид пациенти има само на инфективното одделение. Има амбулантски прегледи, но состојбата е стабилна. Точна прогноза не може никој да даде, но според мене, ако се продолжи со интензитетот на вакцинација, ситуацијата ќе се стабилизира.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар