Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Околу 70 отсто од возрасната популација во Општина Гевгелија е веќе вакцинирана со две дози. Досега трета доза вакцина на вакциналниот пункт во Гевгелија примиле 2. 240 лица. Мислам дека сме на прагот на колективен имунитет, вели директорот на гевгелиската болница, Димитар Крџев. Со ова се согласува и епидемиологот Сашо Олумчев, но напоменува дека тоа не треба да значи опуштање на граѓаните, истовремено апелира максимално да се почитуваат мерките за заштита и за време на празниците да се биде дома
Фото: Вистиномер
Пишува: Ване Трајков
Гевгелија важи за една од општините со најголем опфат на вакцинирани лица против ковид-19. Според последните информации од Институтот за јавно здравје заклучно со 19 декември, во оваа општина со две дози се вакцинирани 63 отсто од популацијата над 18 години. Таму последниов период е намален интензитетот на имунизација и секојдневно на вакциналниот пункт се јавуваат по 30 – на пациенти кои ја примаат трета доза. Како што нè информираше директорот на гевгелиската болница, Димитар Крџев станува збор за повозрасна популација. Од отворањето на вакциналниот пункт во Гевгелија со две дози се вакцинирани 13.157 гевгеличани.
Последните неколку недели имаме пад на интересот за вакцинација претежно за прва доза. Најголемиот дел од заинтересираните граѓани доаѓаат за примање трета доза. Доаѓа главно популација која има хронични заболувања и повозрасни лица. Падот се должи на тоа што околу 70 отсто од возрасната популацијата во Општина Гевгелија е веќе вакцинирана со две дози, но и на негативната антиваксерска кампања што контуинирано ја има по социјалните мрежи. Досега трета доза вакцина на вакциналниот пункт во Гевгелија имаме аплицирано на 2. 240 лица. Мислам дека сме на прагот на колективен имунитет, вели доктор Крџев кој додава дека благодарение на големиот опфат немало голем притисок од пациенти во ковид болницата.
Во гевгелиската ковид болница овие денови хоспитализирани се само пет пациенти од кои дел се на кислородна поддршка, додека во дневната болница се регистрирани десетина пациенти кои доаѓаат и заминуваат откако ќе ја примаат терапијата. Како што вели Крџев, сите пациенти се со полесна клиничка слика, а таква е состојбата веќе извесен период.
Хоспитализираните, но и лицата кои доаѓат во дневната болница се претежно над 50 годишна возраст, од кои околу 95 отсто се невакцинирани, односно немале примено ниту една вакцина.
Меѓутоа, повторно ќе потенцирам дека според официјалните бројки од Институтот за јавно здравје, а имајќи ги предвид и оние што се вакцинираа во странство, тука имаме голем број на вакцинирани, што придонесе да имаме и помал притисок врз болничките капацитети во Гевгелија, вели Крџев
Со ова се согласува и епидемиологот Сашо Олумчев кој вели дека Гевгелија е на прагот на колективен имунитет, но напоменува дека тоа не треба да значи опуштање на граѓаните во поглед на почитување на заштитните мерки, посебно ако се има во предвид дека доаѓа период кога се враќаат иселенците за престојните празници, но и фактот што Гевгелија е прекугранично место каде фрекфенцијата со гости од соседна Грција е поголема.
Епидемиолошката состојба е иста како и во изминатиот период. Има благ пад на официјалните тестирања, но, познато е дека голем број гевгеличани кои се сомневаат дека се заразиле сами си купуваат брзи тестови, се тестираат дома и на своја рака, или пак, со консултација на лекар пријател се лекуваат и не знаеме дали се позитивни. Во секој случај треба сите да се пријават во системот за да ги имаме во евиденција, да имаме увид и да знаеме што и како понатаму со мерките, вели Олумчев
Епидемилогот Олумчев смета дека новиот сој омикрон е далеку попренослив од досегашните и укажува дека треба да се биде претпазлив. Според него, треба да се почитуваат заштитните мерки за носење маски и одржвувања на дистанца. Исто така, препорачува да размисли за продолжување на зимскиот распуст.
Јас останувам на ставот дека училиштата треба зимскиот распуст да го почнат една недела порано и тој да трае една недела подоцна. Односно да имаме зимски распуст од еден месец, бидејки младите во моментот се најголемите преносители. Наставата потоа ќе се компензира и тоа е подобро решение, отколку да се затвораат училишта заради многу заболени, вели Олумчев
Тој уште еднаш апелираше дека треба максимално да се почитуваат мерките за заштита и за време на празниците да се биде дома.
Според последните информации од Институтот за јавно здравје, во Гевгелија од почетокот на пандемијата досега од ковид-19 се заразиле 2.895 лица, 88 лица починале од компликации предизивкани од вирусот, а 2. 712 лица оздравеле. Во моментот во ова општина се водат 95 активни случи со коронавирус.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар