×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Квалитетот на лекувањето е само еден фактор од кој зависи смртноста од ковид

    07.10.2021 07:46 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Една од многуте поенти во интервјуто со претставничката на СЗО, Кејти Смолвуд, каде таа вели дека со зголемувањето на бројот на пациенти во болниците опаѓа и квалитетот на болничка нега, бидејќи лекарите мора да се сосредоточат на поголем број пациенти, во рецензираниот напис се претставува како да е единствена причина за високата смртност од ковид во земјава. Меѓутоа, во целосното интервју таа споменува многу причини, како недоволна вакцинација, старосна возраст на населението, коморбидитети, како, на пример, зголемен број на дијабетичари кои се поранливи на тешка форма на ковид и други

    Квалитетот на лекувањето е само еден фактор од кој зависи смртноста од ковид Фото: Принтскин

    Рецензираме пост на Фејсбук кој, всушност, претставува медиумско известување, односно пренесување на клучни поенти од кратко интервју со претставничка на Светската здравствена организација (СЗО) на тема ковид-19 и смртноста во РС Македонија. Главниот елемент на веста претставува видеоинтервјуто во кое се дискутира за смртноста од ковид во земјава, причините зошто таа е висока и какви препораки СЗО дава за да се намали смртноста .

    Насловот на текстот е „Тежок удар од СЗО за Филипче, смртноста е поради квалитетот на лекувањето“. Но, кога ќе се погледне видео интервјуто меѓу новинарката на ТВ 24 и Кејти Смолвуд (експерт во СЗО), се доаѓа до заклучокот дека насловот е изваден од контекст, односно дека квалитетот на болничко лекување е само еден од многуте фактори кои претставничката на СЗО ги споменува како можни причинители на високата смртност. И тоа, не од аспект дека болничката нега е лоша, туку дека станува понеквалитетна кога има многу пациенти во болница на мал број лекари. Да видиме што навистина се зборува во интервјуто:

    Првото прашање што новинарката го поставува на Смолвуд е ,,дали СЗО има анализи кои ги детектираат причините зошто некои земји како Северна Македонија, на пример, имаат толку многу смртни случаи од ковид, додека други земји имаат многу пониска стапка на смртност?”.

    Целосниот одговор гласи:

    Да, одблизу ја следиме смртноста од ковид, се разбира. И, како што рековте, Северна Македонија и некои земји во подрегионот имаат доста високи стапки на смртност во споредба со другите земји. Тоа го гледаме во поширок контекст. Треба да се земат предвид многу различни работи. Тоа ја вклучува и основната ранливост на населението, како изгледа односот на населението во смисла на старосната пирамида, колку има постари луѓе, присуството на хроничните болести, непреносливите болести и слично, како што е дијабетесот, кој може да е во пораст во Северна Македонија и да ги прави луѓето поранливи на тешката форма на ковид-19. Но, исто така, треба предвид да го земеме и здравствениот систем, начинот на кој доаѓа до ресурси, клиничката нега и квалитетот на негата која се пружа. А, тоа зависи од неколку фактори. Притисокот кој се врши врз здравствените работници кога бројот на случаи е многу висок и гледаме многу значителни бранови на трансмисија во Северна Македонија. Така што, кога има многу повеќе случаи кои завршуваат во болница, тогаш квалитетот на нега ќе опадне зашто здравствените работници се под поголем притисок. Навистина треба да размислиме за работите кои би можеле да ја намалат смртноста, а тоа се неколку, oдговори Смолвуд во интервјуто (од почетокот до 1 минута и 44 секунда во видеото).

    Следното прашање е што ѝ препорачува СЗО на Северна Македонија за да се намали смртноста (1 минута и 44 секунда во видеото).

    Тука претставничката на СЗО, Кејти Смолвуд, вели дека има соработка меѓу СЗО и македонските лекари за да се подобри квалитетот на негата во одделенијата за интензивна нега и во болниците, за да се осигура дека кислородната поддршка се дава во право време, за да се осигура дека луѓето кои не треба да се стават на механичка вентилација навистина и не се ставаат на механичка вентилација.

    Но, има и други работи. Имаме многу моќна алатка сега. Бидејќи повеќето хоспитализации и смртни случаи се меѓу ранливите групи, постарите лица и тие со хронични болести, можеме да ја намалиме смртноста со зголемување на бројот на вакцинирани лица. Вакцинираните ќе бидат заштитени од хоспитализации и во најголем дел од смртен исход, а тоа ќе изврши многу драматично влијание врз смрноста во Северна Македонија, одговара Смолвуд. (2 минута 55 секунда oд интервјуто).

    Кога ќе се погледне целосното интервју се доаѓа до заклучок дека една поента која што претставничката на СЗО ја има кажано, а тоа е дека со зголемувањето на бројот на пациенти во болниците, опаѓа и квалитетот на болничка нега зашто лекарите мора да се сосредоточат на поголем број пациенти, се претставува како да е една и единствена можна причина за високата смртност од ковид во земјава. Меѓутоа, во целосното интервју, таа споменува многу причини, како недоволна вакцинација, старосна возраст на населението, коморбидитети, односно дека во Македонија има зголемен број на дијабетичари, кои се поранливи на тешка форма на ковид.

    Базирано на ова интервју, не може да се заклучи дека СЗО му нанела тежок удар на Филипче дека смртноста е поради квалитетот на лекувањето. Всушност, тој сегмент од интервјуто е генерален, односно претставничката на СЗО кажува дека кога има големи бранови на заболени и хоспитализирани, квалитетот на болничка нега ќе опадне зашто здравствените работници се под голем притисок. Ова се случува насекаде во светот и не се однесува само на С.Македонија. За сличен проблем во САД, на пример, извести и „Њујорк Тајмс“ минатата есен.

    Оттука, сметаме дека на постот му недостига дополнителен контекст за точно да се пренесе интервјуто на претставничката на СЗО.

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар