×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Матичните лекари против мерката „бонус“ за вакцинирани пациенти

    09.12.2021 08:09 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Наместо еднократна финансиска награда од 30 денари по вакциниран пациент, доколку постигнат опфат од 70 отсто вакцинација на своите пациенти, матичните доктори бараат покачување на капитацискиот бод. Лекарите сметаат дека капитацискиот бод треба да се зголеми од 63 на 90 денари, поради нивните заложби во ковид пандемијата, за кои, како што велат, не добиле никаква помош од државата

    Матичните лекари против мерката „бонус“ за вакцинирани пациенти Фото: Вистиномер

    Пишува: Соња Рилковска

     

    Матичните лекари сметаат дека мерката за поттикнување на вакцинација, што ја донесе Владата на последната седница, е крајно понижувачка. Бонусот по 30 ден од пациент за матичните лекари со повеќе од 70 отсто вакцинирани не е награда, туку навреда, велат лекарите.

    Најавениот бонус не е мотив, напротив се чувствувам многу навредено.Изминативе две години носиме голем товар и грижа, ние сме првите кои контактираат со болните пациенти. Јас лично сите мои пациенти ги прегледувам без разлика дали се ковид позитивни. И дење и ноќе под стрес во постојана комуникација и грижа. Не добивме никаква награда, ниту стимулација, ниту помош. Не добивме ниту едно благодарам, а тоа ќе ни значеше многу, вели д-р Кристина Митреска, приватен матичен лекар од Охрид.

    Поголемиот дел од пациентите се вакцинирани, со оглед на тоа што Охрид е втор град во земјава по опсег на вакцинација. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) заклучно со 27 ноември со две дози вакцина се имунизирани 60,4 отсто од лицата над 12 години, односно 65 отсто охриѓани над 18 години. Во однос на опфатот на вкупната популација вакцинирани со две дози се 53,1 отсто.

    Моите пациенти поголемиот дел се вакцинирани. Јас го почитувам нивното право на избор. Како лекар секако дека ги советувам да се вакцинираат, но одлуката е нивна. Има пациенти, кои не сакаат да се вакцинираат и не може да ги убедите. После оваа мерка доаѓаат пациенти и ме прашуваат сега докторке ќе ме убедувате за бонус, им велам одговорноста за твоето здравје ја носиш ти, јас ти препорачувам да се вакцинираш, не ве убедувам, вели д-р Митреска.

    На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје Охрид (Охрид, Струга и Дебар) вакцинирани се 40,9 отсто од вкупната популација. Во Струга вкупниот опфат со вакцинација е 36,4 отсто, а во Дебар 28,3 отсто што е и меѓу најниските на државно ниво.

    Фото: Принтскрин ИЈЗ

    Матичните лекари се клучни за здравствената едукација на пациентите.

    Матичните лекари треба да им ги објаснат на своите пациенти бенефитите кои ги носи вакцинацијата како и заштитата која ја овозможува истата, а од друга страна да пробаат да ги елиминираат одредени заблуди кои постојат во врска со истата. Како и да е, крајната одлука сепак ја донесува самиот пациент. Задачата на матичните лекари е да се потрудат, на пациентот преку здравствена едукација и подигање на здравствената писменост, да му помогнат да донесе информирана и правилна одлука во однос на сопственото здравје, а тоа е впрочем она што веќе и го прават, вели за „Вистиномер“ д-р Иле Кузмановски од Асоцијацијата на специјализанти.

    Матичните лекари на социјалната мрежа Фејсбук од вчера почнаа кампања за откажување од „бонусот“ – 30 денари по вакциниран пациент.

    Од Здружението на приватни матични лекари велат матичните лекари не прифаќаат ваков модел на стимулации во услови кога сите околни држави ги наградија лекарите од примарното здравство. Од Сојузот на матични лекари прашуваат зошто тие мора секогаш да бидат условени за покачување на плата.

    Нашите пациенти две години слушаат за корона и за вакцини, така што доволно се информирани, доволно свесни, се консултираа изминатите две години, секој пациент со својот матичен лекар и нормално, тие коишто сакаа и можеа, се вакцинираа, вели Лилија Чолакова Дервишова.

    Наместо 30 денари по вакциниран пациент, матичните лекари бараат да биде покачен капитацискиот бод од 63 на 90 денари поради нивните заложби во ковид пандемијата, за кои, како што велат, не добиле никаква помош од државата.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар