×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Намален бројот на новозаболени, зголемен интерес за трета доза вакцина во Североисточниот регион

    22.12.2021 08:13 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Неинформираноста и неедуцираноста на населението, поради отсуство на поголема и видлива кампања, се главна причина за малиот број на вакцинирани во Куманово и Крива Паланка. Сепак, официјалните податоци за имунизацијата  треба да се земат со резерва, бидејќи добар дел од граѓаните се вакцинирани во Србија, Бугарија, Скопје и на други вакцинални пунктови, а не се внесени во евиденцијата

    Намален бројот на новозаболени, зголемен интерес за трета доза вакцина во Североисточниот регион Фото: Вистиномер

    Пишува: Жаклина Цветковска

     

    Во Североисточниот регион кој беше силно погоден од последниот бран на ковид-19 и делта варијантата, состојбата полека се смирува, но и понатаму останува во подрачјата со мал број на вакцинирани лица. Помала заинтересираност за вакцинација има само во Југоисточниот регион.

    Според најновиот преглед на Институтот за јавно здравје (13.12.-19.12.2021) во Североисточниот регион  вкупниот процент на вакцинирани изнесува 32,2 отсто од кои 31 отсто во Куманово, 33, 5 отсто во Кратово и 39,3 отсто во Крива Паланка.

    Од почеткот на корона-кризата Куманово беше меѓу најголемитте жаришта на коронавирусот и во изминатите две години останува на врвот на листата по бројот на заболени и на регистрирани смртни случаи, веднаш зад Скопје. Во овој град (заедно со Липково  и Старо Нагоричане) досега се заразени 13.067 лица, а од нив 543 починале, покажуваат најновите податоци  (Институт за јавно здравје, статистика од 20. 12.2021). Но, процесот на имунизација  и понатуму е под посакуваниот отпимум, иако Вакциналниот пунк во Здравствениот дом Куманово работи интензивно.

    Координаторот за вакцинација во Куманово, Валдрин Мифтари објаснува дека има зголемен интерес за втора и трета доза, но дека се забележува пад на интересот за прва доза.

    Досега се аплицирани 97.000 вакцини. Околу 47.000 се вакцинирани со две дози,  а 4.000 граѓани  имаат примено трета доза. Здравствените работници беа меѓу првите кои ја примија бустер дозата, а има зголемен интерес и од постарите. На дневно ниво вакцинираме од 200-300 лица. Вакциналниот пункт работи секој ден во две смени , од 07-19 часот, како и во сабота една смена, од 07-13 часот. Можам да кажам дека имунизацијата сепак се одвива интензивно, граѓаните почнаа да сфаќаат дека вакцините штитат од тешки последици од болеста  и се надеваме дека се повеќето од нив  ќе се решат да се вакцинираат, вели Мифтари за „Вистиномер“.

    Валдрин Мифтари
    Фото: ФБ профил на Мифтари

    Докторката Монализа Мемети, која е вклучена во процесот на имунизација од самиот почеток, најпрвин во Регионалниот пунк за масовна вакцинација, а сега на Пунктот во Здравствениот дом Куманово, за „Вистиномер“ вели  дека намалениот интерес за прва доза се должи на тоа што нема нови мерки и што наближуваат новогодишните и божиќни празници.

    Не се донесени нови мерки во однос на имунизацијата кои беа најавувани, а граѓаните го одолговлекуваат вакцинирањето и поради претстојните празници. Се плашат од несакани ефекти, па дел од нив сакаат да почекаат да поминат празнувањата и славите, вели д-р Мемети.

    Таа посочува дека досега немаат регистрирано сериозни несакани ефекти, освен вообичаените што се минливи.

    Во текот на летниот период, регистрирале над 1.000 вакцинации дневно, а од први октомври  имало  максимум до 500 апликации. Отворени се за сите граѓани,  разговараат со нив и им даваат совети, особено на оние кои имаат коморбидитети и се двоумат дали да примат вакцина.

    Има луѓе што доаѓаат и се советуваат со нас, детално разговараме за нивната здравствена состојба, за ефектите од вакцините. Помладите, пак, обично се згрижени за влијанието на вакцините врз плодноста и бараат препораки од нас. Но, кога сè добро ќе им објасниме, ќе им ги посочиме досегашните докази, се решаваат да примаат вакцина, објаснува д-р Мемети.

    Досега се соочила со многу дезинформации што ги слушнала од пациентите кои  биле загрижени дали сето тоа е вистина. Тие, според неа, се должат на неинформираноста и недоволна кампања за ефикасноста на вакцините и заштитата од тешки последици.

    Можеме да ѝ веруваме на науката, на тоа што информираат стручните лица  за безбедноста на вакцините и апелирам граѓаните да не се премислуваат и да се вакцинираат во што поглем број, особено сега пред празниците. Секако, повикувам и да ги почитуваат мерките, зашто знаеме дека ќе има собирања и групирања. Мораме да бидеме совесни и да го штитиме своето и здравјето на другите, препорачува д-р Мемети.

    д-р Монализа Мемети
    Фото: Вистиномер

     

    Во Крива Паланка граѓаните неедуцирани, регистрирана голема смртност

    Неедуцираноста и слабата информираност на населението се главната причина и за слабата покриеност со вакцини во Крива Паланка, смета д-р Мирослав Миленковски од Вакциналниот пункт при Здравствениот дом „Академик проф. д-р Димитар Арсов“ во Општината.

    Има многу неедуцирани граѓани кои слушаат што „народот зборува“. Некого го болела раката, на некого му било лошо. Одат по 5 доктори да прашуваат дали вакцините се безбедни. Се трудиме да им објасниме дека треба да се вакцинираат за да се заштитат, но некои навистина не разбираат, вели д-р Миленковски за „Вистиномер“.

    Според него, процентот на вакцинирани во Крива Паланка и не е така мал, бидејќи во евиденцијата не се регистрирани многу граѓани кои се вакцинирале во Србија, Бугарија, Скопје, како и на Регионалниот пункт за масовна вакцинација во Куманово, каде се упатуваа кривопаланчани пред да бидат достапни вакцините во Здравствениот дом во градот.

    Досега имаме аплицирано 12.000 вакцинални дози. Летото имавме ооколу 250-300 вакцинирања на дневна основа, не сметајќи ја теренската вакцинација и ревакцинација која ги опфати сите населени места во Крива Паланка и Ранковце и имаше добар одзив. Сега дневно бележиме по 30-50 примени вакцини, а интересот е поголем за третата доза и тоа кај постарите лица, вели д-р Миленковски.

    Тој посочува дека дел од вакцинираните ја примиле вакцината затоа што морале да патуваат, дел под притисок од работодавачите,  на некои им починал некој од семејството или од други причини, а не оти верувале во ефикасноста на вакцините. Смета дека кампањата е испуштена – задоцнета и дека од почетокот на пандемијата требало да се информира и едуцира населението.

    Крива Паланка најсилно беше погодена од ковид-19 изминатите два месеца, кога се регистрираа двоцифрени бројки на новозаболени на дневна основа, а се случуваше и во еден ден да има по неколку смртни случаи. Според Институтот за јавно здравје, заклучно со 20.12.2021 година, има 106 починати и 1.942 заболени. Леталитетот  е 5,5 отсто,  со што овој град  е меѓу трите најкритични  општини , заедно со Крушево и Струга.

    Причината за големата смртност  д-р Миленковски, кој работел 5 месеци во ковид центарот во Куманово,  ја гледа во тоа што добар дел од граѓаните не се запознаени како функционира болеста, како и во ненавременото болничко згрижување. На почетокот првите симптоми се толкуваат како настинка, додека да се јават кај матичен лекар.

    Во Здравствениот дом, секој ден од 11-13 часот, функционира рентген снимање и лабораториски испитувања, наменети исклучиво за ковид суспектните и заболени лица. Потешките случаи се препраќаат за Куманово или Скопје, а полесните се лекуваат во домашни услови. Проблем е што се аплицираат по два антибиотика, кои не даваат секогаш ефекти, температурата останува висока, иако сатурацијата е добра. Дури кога ќе се забележи пад на сатурацијата, тогаш пациентите се препраќаат на болничко згрижување, во многу тешка состојба, заради што и шансите за излекување се помали. Потребно е  навремено болничко лекување и следење на состојбата, објаснува д-р Миленковски.

    Инаку, досега немало случаи на нескани ефекти од вакцините, освен оние што се познати и вообичаени, а д-р Миленковски вели дека луѓето мора да сфатат оти вакцината против ковид-19  е ефикасна, но и дека е сезонска.

    Увидовме дека вакцините не штитат од заразување, но се неопходни за да се пресече синџирот на пренос на вирусот. Населението мора да сфати дека тие штитат од тешки форми на болеста, а притоа истовремено  мора да се придржуваат на препорачаните мерки. И да се примаат дозите според препораките на стручните лица, порачува д-р Миленковски.

    д-р Мирослав Миленковски со вицепремиерпт Љупчо Николовски

    Вакционалниот пункт во Крива Паланка, кој активно е ангажиран во имунизацијата, по повод Светскиот ден на волонтерството – 5 Декември, за својата пожртвуваност  го доби и преносниот Пехар на хуманоста, што го доделуваат Општинската организација на Црвен крст и Општина Крива Паланка.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар