Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
СЗО има донесено препораки за употребата на маски во училиштата и тоа за секоја возраст. Не е точно дека СЗО нема препораки за тоа дали децата во училиштата треба да носат маски, како што се сугерира во објавата што ја анализираме. Таквите препораки се присутни на повеќе места од порталот на СЗО, како и во официјални публикации издадени од страна на организацијата
Фото: commons.wikimedia.org
Објава на Фејсбук, пишувајќи за протоколите во училиштата, според кои децата и вработените треба да носат маски како заштита против коронавирусот, ја манипулира јавноста дека Светската здравствена организација не препорачува такво нешто.
… Наведените 4 точки во препораките на СЗО се:
– престој дома кога сте болни
– покривање на устата и носот со свиткан лакт или марамче при кашлање или кивање
– често миење на рацете со вода и сапун
– чистење на често допираните површини и предмети
Повторувам: Ова се однесува на првите, ланските протоколи, Но, бидејќи будно ги следиме документите кои ги објавува СЗО, новини од нивна страна во однос на она што најмногу не засега, маските, не се објавени, т.е. оставено е секоја држава да процени врз основа на коефициентот корист/штета…, се вели меѓудругото во објавата.
Но, доколку отидете на официјалната веб страна на СЗО, ќе видите дека во препораките на оваа организација маските се спомнуваат како препорака за заштита од ковид-19.
Во делот на често поставувани прашања и одговори, на прашањето, дали СЗО препорачува вработените во училиштата и децата да носат маски и ако да, каков тип на маски, СЗО одговара:
Во земји или области каде што има интензивно пренесување на ковид-19 во заедницата и во услови каде што не може да се постигне физичко растојание, се препорачуваат следниве критериуми за употреба на маски во училиштата:
1.Децата на возраст од 5 години и помали не треба да се обврзуваат да носат маски.
2. За деца меѓу 6 и 11 години, треба да се примени пристап заснован на ризик при одлуката за употреба на маска, имајќи предвид:
- интензитетот на пренесување во областа каде што е детето и докази за ризикот од инфекција и пренос во оваа возрасна група, верувања, обичаи и однесувања.
- способноста на детето да се придржува до правилната употреба на маските и достапноста на надзор од возрасен.
- потенцијалното влијание на носењето маски врз учењето и развојот.
- дополнителни размислувања како што се спортски активности или за деца со попреченост или основни болести.
3.Децата и адолесцентите 12 години или постари треба да ги следат националните упатства за маски за возрасни.
4.Од наставникот и помошниот персонал може да се бара да носат маски кога не можат да гарантираат растојание од најмалку 1 метар од другите или има широко распространет пренос во областа.
Во однос на тоа какви видови маски треба да се носат од СЗО велат:
Се препорачуваат маски од ткаенина за да се спречи понатамошен пренос на вирусот кај општата популација на јавни површини, особено каде што не е можно да се одржува дистанца, и во областите на заедницата каде има трансмисија. Ова може да ги вклучи училишните терени во некои ситуации. Маските може да помогнат да се заштитат другите, бидејќи оние кои носат маски може да бидат заразни пред да се појават симптомите на болеста. Политиката за носење маска или покривање на лицето треба да биде во согласност со националните или локалните упатства. Онаму каде што се користат, маските треба да се носат, негуваат и правилно да се отстрануваат.
Употребата на маски од страна на деца и адолесценти во училиштата треба да се смета само како еден дел од стратегијата за ограничување на ширењето на ковид-19.
Регионалната канцеларија на СЗО за Европа има објавено документ во врска со тоа како треба да се одвива наставата за време на ковид-19 и истиот содржи препораки од Европската техничка советодавна група за школување. Во документот, во делот на употребата на маски кај децата, се наведува:
Носењето маски е сложено прашање и треба да се смета како еден дел од пакетот мерки за заштита и спречување на преносот на ковид-19. Привременото упатство објавено од СЗО препорачува дека децата до 5-годишна возраст не треба да носат маски. За деца на возраст од 6-11 години, треба да се преземе пристап заснован на ризик, земајќи ги предвид нивоата на пренос во заедницата, способноста да се одржува физичко растојание и вентилацијата. На возраст над 12 години години, треба да се применуваат истите како оние што се имплементирани за возрасните во кој било затворен простор каде што луѓето се заедно долги временски периоди во контекст на тековниот пренос на вирусот во заедницата. Упатството на СЗО за миење раце сугерира како училиштата можат најдобро да ја имплементираат оваа едноставна, но многу ефикасна мерка. Мерки кои се во моментов усвоени во некои земји – на пример, прскање на училишната средина со средство за дезинфекција, прекумерна дезинфекција (наместо чистење) на површините и прекумерното миење раце – имаат мала или никаква вредност за контрола на инфекцијата и може да имаат негативни ефекти.
Од сето ова може да се заклучи дека СЗО има донесено препораки за употребата на маски во училиштата и тоа за секоја возраст. Не е точно дека СЗО нема препораки за тоа дали децата во училиштата треба да носат маски, како што се сугерира во објавата што ја анализираме. Таквите препораки се присутни на повеќе места од порталот на СЗО, како и во официјални публикации издадени од страна на организацијата. Поради тоа, постот ќе го означиме како невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар