×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Омикрон ја затвора Европа: Ова се мерките кои ги воведуваат земјите

    22.12.2021 08:11 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Речиси еден месец откако новата варијанта на коронавирусот омикрон беше откриена во Јужна Африка, таа почна забрзано да се шири во Европа и според предвидувањата, би можела уште во февруари да стане доминантна. Како резултат на тоа, некои европски земји веќе се одлучија за построги и поригорозни заштитни мерки

    Омикрон ја затвора Европа: Ова се мерките кои ги воведуваат земјите Фото: pixabay.com

    Пишува: Ана Анастасовска

     

    Омикрон варијантата на коронавирусот досега е регистрирана во 89 земји во светот и се шири бргу, дури и во регионите каде голем дел од населението е имунизирано, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

    Според анализите на СЗО, бројот на заразени со омикрон се дуплира на секои три дена во државата каде тој се шири локално, а не само од луѓето кои доаѓаат од странство.

    Сè уште останува непознато колку сериозна клиничка слика предизвикува омикрон.

    Податоците за клиничката сериозност на омикрон се сè уште ограничени. Потребни се повеќе информации за да се разбере ова, вклучително и колку е сигурен постоечкиот имунитет, соопшти СЗО.

    И покрај големиот број непознаници во врска со омикрон, во Европа веќе владее паника поради неговото ширење, а многу земји воведоа или најавија построги мерки.

     

    Тревога во Лондон, најавени мерки во Британија

    Градоначалникот на Лондон, Садик Кан на 18 декември објави вонредна состојба за да им помогне на болниците во градот да се справат со зголемениот број пациенти заразени со ковид-19 поради брзото ширење на варијантата омикрон.

    Кан рече дека бројот на хоспитализирани, но и недостигот на медицински персонал се зголемуваат и по консултациите одлучил да прогласи „вонредна состојба“ поради сериозноста на ситуацијата.

    Зголемувањето на бројот на заразени со омикрон во нашиот главен град е многу загрижувачки. Омикронската варијанта брзо преовлада поради брзото ширење на случаи на инфекција, а бројот на хоспитализации во нашите болници повторно расте, изјави  Кан, повикувајќи ги жителите на Лондон да се вакцинираат.

    Владата во Британија ја врати обврската за носење маски на повеќето јавни места (не во пабови и ресторани). Властите, исто така, ја охрабруваат работата од дома и воведоа здравствена пропусница за поголеми собири.

     

    Холандија во строга божиќна блокада

    Холандија од викендов е во „локдаун“ за време на божиќните празници. Несуштинските продавници, училиштата, баровите, рестораните и другите јавни места ќе бидат затворени најмалку до средината на јануари. Истовремено, бројот на гости кои можат да се примат дома се намалува од четири на двајца, освен на Божиќ, Бадник и Свети Стефан, 26 декември, а за Нова година може да има и четири.

    На отворено може да се соберат најмногу две лица, освен за погреби. Но, сообраќајните ограничувања се уште не се решени. Со недели, во земјата има полициски час за угостителските и културните места, односно по 17 часот сè беше затворено освен супермаркетите.

    Премиерот Марк Руте рече дека ограничувањата се неизбежни.

    Холандија повторно се затвора. Ова е неизбежно бидејќи ни доаѓа петти бран со омикронската варијанта која се шири побрзо отколку што мислевме. Треба да интервенираме од претпазливост, изјави Руте во саботата (18.12.) на прес-конференција.

     

    Германија воведе божиќно заклучување за невакцинираните

    Германија ги заостри мерките за невакцинираните, кои вклучуваат драстични ограничувања за контакт и пристап до малопродажба и културни и спортски натпревари и воведува општа обврска за вакцинација против коронавирус.

    Одлучено е пристап до малопродажба, со исклучок на продавниците за секојдневни потреби, да имаат само вакцинирани или прележани од коронавирус, а тоа важи и за културни и спортски настани. Строги мерки за ограничување на контактите со невакцинираните лица важат и во приватниот сектор. Доколку меѓу оние што се среќаваат има невакцинирани лица, тогаш е дозволено да се состанува едно домаќинство со најмногу два члена од друго домаќинство.

    Бројот на посетители на масовните настани треба да биде ограничен на 30 проценти од просторниот капацитет, но не треба да надминува 15.000 на отворено. Во затворен простор, бројот на посетители е ограничен на 5.000. Во провинциите со висока инциденца, се препорачува целосна забрана за културни и спортски собири. Ноќните клубови и дискотеките се затворени со повеќе од 350 инциденти.

    За дочекот на Новата година забраната за собири важи во цела држава, а во пресрет на празниците ќе биде забранета и продажбата на пиротехнички средства.

    Германија воведе и ограничувања за патување за патниците од Велика Британија. Повеќето патници од Обединетото Кралство нема да смеат да влезат во земјата, освен германските државјани и жители, но ќе мора да направат негативен тест при преминувањето на границата и да поминат две недели во карантин, без разлика дали се вакцинирани.

    Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах во неделата (19.12.) изјави дека Германија нема да влезе во карантин за Божиќ, за разлика од соседна Холандија.

    Не, нема да имаме заклучување како Холандија пред Божиќ. Но, всушност, ситуацијата е ваква: петтиот бран доаѓа кај нас. Го надминавме критичниот број на луѓе заразени со омикрон. Затоа овој бран повеќе не може целосно да се запре и мора да се спротивставиме, рече Лаутербах за АРД.

     

    Построги услови за влез во Австрија

    Австрија ги заостри мерките на границите поради омикрон, па од понеделник (20.12) во земјата слободно ќе можат да влезат само вакцинираните со три дози и оние кои го преживеале ковид-19.

    Оние кои не ја примиле третата доза од вакцината мора да покажат ПЦР тест на граница или да одат во карантин по пристигнувањето. Изолацијата ќе заврши по негативен ПЦР тест.

    Од ова правило се исклучени бремените жени и оние кои не можат да се вакцинираат од здравствени причини, што мора да биде докажано со лекарско уверение.

    За децата се усвоени посебни правила. На децата на училишна возраст им е дозволено да влезат во државата со докази за доволно тестирање, што значи три пати неделно. Овие мерки не се однесуваат на деца под 12-годишна возраст.

    Овие построги правила се голем предизвик, особено за оние кои патуваат во странство за божиќните празници. Но, тие се особено потребни во ова време кога Австрија се бори против ширењето на омикрон, рече министерот за здравство Волфганг Миекштајн.

     

    Париз ги откажа новогодишните прослави

    Париз го откажа новогодишниот огномет и други новогодишни настани на Елисејските полиња во согласност со новите мерки на владата за спречување на ширење на омикрон варијантата на коронавирусот.

    Францускиот премиер Жан Катекс објави забрана за големи јавни настани и огномет за новогодишната ноќ и им препорача на жителите, дури и ако се вакцинирани, да направат тест за ковид-19 пред новогодишните забави.

    Омикронската варијанта се шири со молскавична брзина во Европа и најверојатно ќе стане доминантна во Франција до почетокот на следната година, предупреди премиерот.

     

    Италија воведе построги мерки на границите

    Италија, исто така, ги заостри условите за влез на патниците од Европската Унија, воведувајќи задолжителен негативен тест за коронавирус за сите и петдневен карантин за невакцинираните. Досега, граѓаните на ЕУ можеа да влезат во Италија со сертификат за целосна вакцинација, со сертификат за прележаност на ковид-19 или со негативен тест.

    За оние кои доаѓаат надвор од ЕУ карантинот е веќе задолжителен.

     

    Забрана за алкохол во Норвешка

    Норвешка го забрани служењето алкохол во баровите и рестораните, воведе построги правила во училиштата и ја забрзува програмата за вакцинација. Се забраниува точење алкохол во барови и ресторани.

    За многумина, ова ќе изгледа како заклучување, ако не на самото општество, тогаш на нивните животи и средства за живот. Стапката на зараза во Норвешка драстично се зголемува, а сега добивме нови сознанија за сојот омикрон и колку брзо може да се шири. Ние сме во сериозна ситуација, рече премиерот Јонас Гар Стоере на прес-конференција.

     

    Во Данска се споменуваат нови мерки

    Речиси 10.000 нови инфекции со коронавирус беа пријавени во четвртокот во Данска, што е нов дневен рекорд од почетокот на пандемијата. Шефот на Националната агенција за заразни болести, Хенрик Улум, рече дека варијантата омикрон е пронајдена во приближно 3.000 од тие случаи. Од крајот на ноември, во Данска се откриени вкупно 9.000 случаи на инфекција со омикрон.

    Улум посочи дека ширењето на вирусот е предизвикано од ноќните излегувања на граѓаните и оти ако не се преземе ништо, инфекцијата ќе продолжи да расте.

    Претходно, премиерката Мете Фредериксен на Фејсбук најави нови мерки во борбата против коронавирусот, но не прецизираше ништо.

    Не се сомневам дека се потребни нови мерки за да се прекине синџирот на инфекција, напиша таа.

     

    Грција ги заостри мерките за влез во земјата

    Од 19 декември, Грција воведе задолжителен негативен ПЦР тест за сите странски државјани кои сакаат да влезат во земјата.

    Како што објави весникот „Катимерини“, во прв момент беше соопштено дека мерката ќе се однесува само на посетителите од Велика Британија и Данска, но министерството за здравство кажа дека ќе важи за сите земји, вклучувајќи ги и оние од Европска Унија.

    Оваа одлука е дел од напорите на владата да ја стави пандемијата под контрола додека се појавуваат грижи околу новиот сој омикрон, соопшти министерството за здравство.

     

    Каква е ситуацијата во Северна Македонија?

    И покрај тоа што сојот омикрон забрзано се шири во Европа, Северна Македонија засега нема да воведува нови мерки и рестрикции. Министерот за здравство, Венко Филипче, неодамна оцени дека  епидемиолошката ситуација во земјата е стабилна. Според него, сè уште нема доволно познати информации за новата варијанта на коронавирусот.

    Некаква рестрикција во однос на затворање на границите, карантин за патниците кои доаѓаат од одредени земји нема да даде ефект поради тоа што е очигледно дека кога ќе се појави нов сој не може да се ограничи само на една територија, изјави Филипче.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар