×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Опасни вируси претставени како подметнати отрови од фармацевтските компании

    29.07.2021 07:21 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Коронавирусот не е отров, како што се тврди во постот. СЗО соопшти дека новиот коронавирус е идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Невистинито е и тврдењето дека автоимуните заболувања се добиваат од вакцините. Автоимуните реакции се резултат на ковид-19, а не на вакцината. Не е точно и дека шпанскиот грип, еболата, ХИВ вирусот, коронавирусот, ХПВ вирусот, свинскиот грип и птичјиот грип се циркус создаден од фармацевтските компании. Тие болести и вируси постојат. На пример, шпанскиот грип, е предизвикан од вирусот H1N1. Иако, не е утврдено од каде потекнува, се проширил глобално во 1918-1919 година

    Опасни вируси претставени како подметнати отрови од фармацевтските компании

    Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто се тврди дека зборовите „вирус“ и „зараза“ се измислени за да се создава страв кај безбожните луѓе.

    Единствено постои зборот отров. Народот е затруен од сите можни страни, се труе храната, се труе водата, се труе воздухот. Отсекогаш прво го труеле народот со полесен отров, за да му продадат појак отров во шишенце, наречен вакцина. Сите алергии, ,,автоимуни” заболувања се добиени од труење на организмот со овие таканаречени вакцини. Фармацевтските компании се најголемиот непријател на здравиот организам. Сите милијардери во светот се газди на фармацевтски компании или имаат акции. Измислените ситуации како што се: шпански грип, ебола, хив вирус, корона вирус, ХПВ вирус, свински грип, птичји грип – се циркус создаден од овие фармацевтски компании. Значи не постои никаков вирус што лебди во воздухот, не постои никаква зараза, туку тоа е отров и слабоимуните организми не можат да се справат со него, се тврди во постот.

    Начинот на маргинализирање на глобалната епидемија на ковид-19, на начин што се негира постоењето на самиот коронавирус, не е нова флоскула на теоретичарите на заговори.

    Но, коронавирусот не е отров и тој навистина е вирус. СЗО наведува дека новиот коронавирус е идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година.

    Станува збор за голема група вируси кои предизвикуваат болести кои се движат меѓу настинка и многу посериозни симптоми. Овој сој претходно не бил идентификуван кај луѓе, а новиот вирус беше именуван ковид-19 вирус, пишува на официјалната страница на СЗО.

    Во друго соопштение, пак, СЗО кажува дека кластерот иницијално бил пријавен на 31 декември 2019 година, кога регионалната канцеларија на СЗО Кина, била информирана. Кинеските власти идентификувале нов тип на коронавирус кој бил изолиран на 7 јануари. Лабораториско тестирање било спроведено врз сите сомнителни случаи низ ретроспективен пристап и пристап на нивно активно пронаоѓање. Други респираторни патогени, како инфлуенца, аденовирус биле елиминирани како причинител!

    Оттука, откако е изолиран, овој вирус е основа за да се создаде и вакцина за него од повеќе производители. Во светот на науката не постои сомневање дека станува збор за вирус. Со тврдењето во постот, пак, се дава лажна насока на размислувањето дека некој ги труе граѓаните. Тоа не е логично, со оглед на тоа што лабораториите ширум светот откриваат нови и нови соеви на коронавирусот, што не би било можно доколку не постои иницијален вирус. Така, во МАНУ до јануари детектирани беа повеќе од 20 соеви на коронавирусот.

     

    Ковид-19, автоимуни заболувања, вакцини

    Невистинито е и тврдењето дека автоимуните заболувања се добиваат од вакцини.

    Професорот Драган Даниловски, долгогодишен професор на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, веќе за „Вистиномер“  објасни на оваа тема, ама тогаш, теоретичарите на заговори тврдеа дека отровот создава автоимуни реакции, а сега тврдат дека тоа го прави вакцината. Во секој случај, автоимуните реакции се резултат на ковид-19, а не на вакцината. Професор Даниловски пред неколку месеци објасни:

    Како одговор на паушалното и тенденциозно тврдење дека „нешто ја труе крвта на заразените со ковид-19“, на читателскиот аудиториум му нудам линкови до три студии, кои објаснуваат на што се должи тоа „труење“.

    1. Во списанието „Clinical Rheumatology“, на 21 јануари 2021 година објавен е научен труд со наслов „Анти-фосфолипидни антитела и имуни комплекси кај пациенти со КОВИД-19: претпоставена улога во текот на болеста за анти-анексин-V антитела“, во која воспалителните реакции и хиперкоагулабилните состојби кај КОВИД-19 се поврзуваат со настанување на одредени автоимуни антитела. (линк до статијата)

    2. Вториот труд со наслов „Протромботични автоантитела во серумот од пациенти хоспитализирани со COVID-19“ е објавен во списанието „Science Translational Medicine“ на 18 ноември 2020 година (линк до статијата) , а осврт кон ова истражување е објавен во ЈАМА на 2 февруари оваа година. (линк до статијата)

    3. Третиот труд со наслов „Автоимуна хемолитичка анемија асоцирана со инфекција со КОВИД‐19“ објавен е во списанието „British Journal of Haematology“ на 27 мај 2020. (линк до статијата)

    Ова се само дел од бројни објавени студии последниве месеци, во кои недвосмислено се покажува дека тешките симптоми кај ковид-19, пред сѐ, се должат на автоимуни реакции.

    А не на „труење“…

    Неточно е и тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека само оние луѓе кои имаат слаб имунолошки систем не можат да се справат со коронавирусот. Болеста ковид-19, како што се покажа во досегашната медицинска пракса, најголеми последици остава кај оние со имунокомпромитиран организам, што не значи дека здравите луѓе не беа негови жртви.

     

    Шпански грип, ебола, ХИВ, свински грип…

    Не е точно дека шпанскиот грип, еболата, ХИВ вирусот, коронавирусот, ХПВ вирусот, свинскиот грип и птичјиот грип се „циркус создаден од фармацевтските компании“.

    Тие болести и вируси постојат. На пример, шпанскиот грип, е предизвикан од вирусот H1N1. Иако не е утврдено од каде потекнува, се проширил глобално во 1918-1919.  Во САД првпат бил идентификуван кај персонал од армијата во 1918 година.

    Што се однесува на еболата, пак, Центарот за контрола и превенција на болести во САД наведува дека е ретка и смртоносна болест за луѓето. Вирусите што ја предизвикуваат се наоѓаат во субсахарска Африка, а луѓето може да се заразат преку животно, како лилјак, или, пак, преку починато лице инфицирано со ебола. Има вакцина против ебола, ама таа се покажала како ефективна само против Зеир ебола вирус видовите на вирусот!

    Негирањето на вируси како ХИВ, па потоа тврдењето дека ХИВ го измислиле фармацевтските гиганти за да продаваат вакцини, е уште побесмислено, ако се земе предвид дека вакцина против ХИВ не постои никаде во светот.

    Поради горенаведените факти, постот го оценуваме како невистинит.

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар