Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во текот на пандемијата со ковид-19 социјалните мрежи беа преплавени со понуди за разни надрилекарства, третмани и „бабини деветини” за лекување на заразата. Некогаш овие „лекарства“ се користеа за да се промовира превенција од коронавирусот, а некогаш за да им се каже на граѓаните дека самите може да се излекуваат дома со препарати кои наводно „докажано штитат“ од ковид-19. „Вистиномер“ направи преглед на најчестите дезинформации кои годинава се пласираа за „чудотворните тремани“ кои штитат од коронавирусот, лекуваат доколку се заразите, па дури помагаат и за „детоксификација од вакцина“
Пишува: Мирослава Бурнс
„Врела вода со морска сол и јаболков оцет, со 7 до 8 капки етерично масло од сладок пелин. Инхалација под пешкир.“ Овој рецепт годинава се ширеше на социјалните мрежи како лек против заразување од коронавирусот. Ниедна официјална здравствена институција во светот, ниту СЗО, ниту Центарот за контрола и превенција на болести во САД, ниту пак, Американската агенција за храна и лекови не го препорачуваат овој метод за кој нема докази дека превенира зараза од ковид-19, ниту дека ги ублажува симптомите доколку сте веќе заразени.
Доктор Симона Сапунџија, специјализант по оториноларингологија, за „Вистиномер“ појасни дека нема никакви научни докази кои промовираат инхалација на какви било материи за да се избрка короната, или да се намали репликацијата на вирусот.
Меѓутоа, она што може да се случи со инхалации на неодобрени материи, е да се предизвикаат алергиски реакции, а високата температура да предизвика изгореници во почетните делови од респираторниот систем, вели доктор Сапунџија.
Иако луѓето сметаат дека вдишувањето пареа за време на која било која респираторна болест може да помогне за да се намалат симптомите што ги имаат, како кашлица, затнат нос и тешко дишење, ова симптоматско олеснување не ја лечи вирусната инфекција.
На ваков начин, има потенцијал да си нанесете штета со предизвикување изгореници од врелата водена пареа на очите лицето и дишните патишта, вели доктор Џенсон Мекнајт, асистент на Одделот за примарна нега и здравје на населението при тексашкиот универзитет A&M, во изјава за Сервисот за проверка на факти на агенцијата „Франс Прес“.
Светската здравствена организација во превентивните мерки кои спречуваат заразување со коронавирусот не наведува инхалација, туку маска, дистанца, вакцина, хигиена. Канцеларијата на СЗО на Филипините, предупреди да не се користи инхалација на пареа зашто може да предизвика изгореници.
Американската фондација за астма и алергии, има издадено соопштение со предупредување, откако на социјалните мрежи се проширила порака како превенција против ковид-19 да се вдишува инхалација од хидроген пероксид. Оттаму велат никако да не се прави ова, дека е опасно и животозагрозувачко!
Апчето аспирин, исто така, се најде во групата неверојатни и се разбира невистинити лекарства за третирање ковид-19. За оваа цел лажните наративи вклучија и фабрикувана изјава од сингапурското министерство за здравство дека „ковид е обична бактерија, а не вирус и се лекува со аспирин”.
Министерстовото за здравство на Сингапур ја демантираше ваквата објава, истакнувајќи дека не се променети протоколите за лекување утврдени од Светската здравствена организација (СЗО). Оттаму апелираа до сите изворно да се информираат од нивната официјална интеренет страна која постојано се ажурира со податоци.
СЗО во своите протоколи за лекување објави дека антибитоците не ја лекуваат болеста ковид-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, туку може да се дава на ковид пациенти за да се спречат бактериски инфекции.Тоа го тврди и министерството за здравство на Сингапур.
Аспиринот нема директно влијание врз вирусот што предизвикува ковид-19. Ако не се чуствувате добор одете на лекар за да бидете тестирани и соодветно третирани, стои на официјалната веб страницата на сингапурското министерство за здравство.
Директорката на Светската здравствена организација за глоблана подготвеност од заразни болести, д-р Силви Брајан во видео објавено на јутјуб каналот на СЗО објаснува кога се дава антибиотик на ковид пациенти.
Употребата на антибиотик при лечење од ковид-19 нема да помогне, бидејќи станува збор за вирус, а не за бактерија. Но, она што го видовме кај одредени хоспитализирани пациенти, кои добија антибиотици, е за спречување бактериски инфекции, бидејќи некои пациетни се слаби и кревки и се плашиме дека покрај ковид-19 може да добијат бактериска инфекција, кажа д-р Брајан.
Британска студија од јуни 2021 година исто така покажа дека аспиринот не ја подобрува стапката на преживување на пациентите кои веќе имаат ковид-19. Користењето аспирин без препорака од лекар може да предизвика последици како крварење и Рејев синдром.
Годинава имаше и објави на социјалната мрежа Фејсбук во кои корисниците ги убедуваа луѓето да пијат сода бикарбона со лимон во времетраење од 7 дена, за да се спасат од зараза со ковид-19. Резонирањето зад овој „совет” е во тоа што ако пиете сода бикарбона со лимон, ќе ја намалите киселоста на организмот. Но, намалувањето на киселоста на организмот не може да спречи да се заразите или да се излекувате од коронавирусот. Научниците откриле дека вирусот има висок опсег на стабилност, од 3 до 10 на скала на рН вредноста (логаритамска скала од 0 до 14, почнувајќи од високо алкална до кисела). Со мешањето на горенаведените состојки, ќе се постигне pH вредност помеѓу 6 и 8, што не е ни блиску до нивоата што би можеле да го дестабилизираат вирусот.
Згора на сè, сода бикарбоната може да предизвика и труење ако се зема во преголеми количини. Од Канадското друштво за интестинални истражувања велат дека сода бикарбоната може да влијае и на апсорпцијата на лековите и може да предизвика широк спектар на негативни ефекти. Но, сепак, овој непроверен напиток, беше лажно промовиран како „народен лек” за превенција и лекување на ковид-19.
Кога стартуваше вакциналната кампања во земјава, почнаа и лагите дека тие што примиле вакцина, треба отпосле да се детоксифицираат од нејзините наводни отрови. Така, преку постови на Фејсбук се препорачуваше секој што се вакцинирал со мРНК вакцина, да направи чистење на телото, за што верувале или не, како „најефикасен третман” се посочи опасен четириесетдневен пост на вода.
Во 2011 година, пациентот Џонатан Кам почина после 32 дневен пост на вода. Студија на овој линк, покажува дека негативните ефекти на постот на вода се замор, проблеми со срцето и нерегуларно срцебиење, висок или низок крвен притисок, болки во стомакот и вртоглавици. Долгорочните пости на вода се поврзани со нездраво слабеење, губење мускулна маса, постојан замор и чувство дека ви е ладно, промени во расположението. Што се однесува до вакцината, не е потребно никакво детоксифицирање од неа, затоа што во случај на мРНК вакцина, телото ја распаѓа мРНК и ја чисти од телото. Во детали, на следниот линк може да погледнете како се прави тоа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар