Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Европската Унија сè погласно се зборува за потребата од задолжителна вакцинација против ковид-19. Некои земји најавија дека вакцинацијата би станала задолжителна веќе од февруари идната година
Фото: pixabay.com
Пишува: Ана Анастасовска
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на почетокот на декември за првпат ја најави можноста за воведување задолжителна вакцинација против ковид-19. Европската комисија нема овластување да наметне задолжителна вакцинација на земјите-членки, но може да ја препорача, посочи таа.
Една третина од европската популација не е вакцинирана – тоа се 150 милиони луѓе. Тоа е многу. Не може секој да се вакцинира, на пример, многу мали деца или луѓе со посебни здравствени состојби, но огромното мнозинство може, и затоа мислам дека е разбирливо и соодветно да се води оваа дебата за задолжителната вакцинација во Европската Унија, рече Фон дер Лајен.
Мерките за задолжителна вакцинација се „апсолутно последно средство и треба да се применуваат тогаш кога ќе бидат исцрпени сите други можни опции за подобрување на вакциналната кампања“, изјави на почетокот на декември Ханс Клуге, регионален директор за Европа на Светската здравствена организација на онлајн прес конференција во Копенхаген.
Во Австрија, со оглед на рапидно растечкиот број на новоинфицирани во изминатите месеци, од февруари треба да важи општа обврска за вакцинирање против коронавирусот. Според медиумски извештаи, невакцинираните ќе се соочат со казна од 600 евра на секои три месеци, а на удар ќе бидат сите над 14 години. Исклучок ќе има за помладите, за бремените жени, луѓето со лекарска потврда дека не смеат да се вакцинираат, како и оние со потврда дека во изминатите шест месеци ја прележале инфекцијата.
Германија планира од 16 март да ги направи вакцините против коронавирус задолжителни за сите вработени во болниците, домовите за стари и изнемоштени лица и другите здравствени установи, според нацрт-закон во кој имале увид некои агенции. Во нацртот се наведува дека вработените во споменатите области до 15 март ќе треба да докажат дека се вакцинирани против коронавирус, дека прележале ковид-19 или да приложат потврда дека не можат да се вакцинираат.
Германија досега се воздржуваше од воведување задолжителна вакцинација поради страв од зголемен недостиг на медицински персонал и негуватели. Но, поддршката за овој потег порасна откако земјата се соочи со пораст на случаи на инфекција во четвртиот бран на пандемијата.
Во Унгарија во октомври беше најавено дека ќе треба да се вакцинираат вработените во државните институции. Вакцинацијата е веќе задолжителна за здравствените работници.
Полска од 1 март ќе воведе задолжителна вакцинација за наставниците, медицинските работници, полицијата, армијата, пожарникарите и за лица кои работат како обезбедување. Министерот за здравство Адам Њељски изјави дека по 1 март задолжителната вакцинација ќе биде услов за извршување на работата во наведените сектори.
Во Летонија на 12 ноември на законодавците кои одбиваат вакцинација им е забрането да гласаат и им се намалуваат платите. Од 4 ноември на компаниите им е дозволено да отпуштаат работници кои не сакаат да се вакцинираат или да се префрлат на работење од дома.
Во Украина, од октомври, вакцинацијата е задолжителна за вработените во јавниот сектор, вклучително и воспитувачите. На невакцинираните лица им е забранет влез во ресторани и спортски и други јавни настани. Списокот на занимања за кои е потребен сертификат за вакцинација беше проширен на 11 ноември и оттогаш ги вклучи медицинскиот персонал и вработените во општинските служби.
Велика Британија во ноември воведе обврска за вакцинирање на работниците во домовите за стари и изнемоштени лица во Англија. Здравствените работници во Англија ќе мора да се вакцинираат до 1 април.
Во Франција сите здравствени работници, работници во домови за стари и изнемоштени лица, медицински техничари за домашна нега и итна помош, мораа да се вакцинираат до 15 септември со најмалку првата доза. Поради неисполнување на овој услов, суспендирани се околу 3.000 здравствени работници
Во Грција вакцинацијата е задолжителна за работниците во домовите за стари и изнемоштени лица од јуни, за здравствените работници од септември, а он ноемврри и за лицата постари од 60 години
Здравствените власти во Македонија имаа обид да воведат задолжителна вакцинација за вработените во здравствениот сектор, а планираа и да се воведе задолжителен вакцинален сертификат, негативен ПЦР тест или доказ за прележаност за вработените во јавниот сектор. Ваквите обиди пропаднаа по мноштвото реакции на синдикатите. Владата се откажа од овие две мерки, а причината е во тоа што се наишло на проблем како ќе се казнува ако некој не се тестира и како ќе се спроведе оваа мерка, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Здравствените власти сега со друга мерка ќе се обидуваат да го зголемат вакциналниот опфат. Секој матичен лекар што ќе постигне 70 проценти од неговите пациенти да се вакцинирани против ковид, ќе добие 30 денари бонус по пациент. Парите на матичните лекари ќе им бидат исплатени до почетокот на летото.
Според министерот Филипче, за Северна Македонија е рано да се воведе задолжителна вакцинација.
Професорот епидемиолог д-р Никола Пановски смета дека вакцинацијата против ковид-19 не треба да биде задолжителна.
Јас сум вакциниран со трета доза против ковид-19, а примив вакцина и против грип, но сум против задолжителна вакцинација за ковид. Мислам дека требаше да се стави акцентот на вакцинација на луѓето над 50 години и ризичните групи, не гледам логика зошто таа се форсира кај деца. Вакцината е доброволна и додека е доброволна, треба да остане таква. Ако се донесе задолжителна, сите реперкусии треба да ги преземе тој што ја донел одлуката во државата – рече Пановски за „Утрински брифинг“.
Според него, не може да се оправда вакцина на деца и млади здрави луѓе за да се заштитат постарите.
Веќе и вакцинираните ја пренесуваат заразата, а самите деца лесно ја поминуваат болеста, видовме и училиштата се отворија, видовме што се случува, не може со сила да правиме дека болеста е многу опасна кај децата. Да се каже нешто задолжително без закон е силеџиство – изјави Пановски.
Доктор Адхурим Фазлиу смета дека одлуката за задолжителна вакцинација треба да ја донесат здравствените власти по препорака на експертите епидемиолози и на Комисијата за здравствена заштита.
Ако тие дадат препорака за задолжителна вакцинација, јас би ја поддржал. Тоа ќе биде и мој став. Јас ја поддржувам вакцинацијата како бенефит и како единствена алатка во справувањето со пандемијата, но дали треба да стане задолжителна, треба експертите да се изјаснат, бидејќи во тој случај зборуваме за вакцинација на целата популација, почнувајќи од бебињата и децата – вели за „Вистиномер“, д-р Фазлуи.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар