×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Стотина вработени во штипската болница се невакцинирани

    29.11.2021 08:48 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Од близу 500 вработени во болницата во Штип, стотина се невакцинирани, но како што велат од болницата, станува збор за лица кои го прележале коронавирусот. За разлика од нивните колеги во болницата, во Здравствениот дом „д-р Панче Караѓозов“ само неколкумина се немаат вакцинирано. На вакцининалните пунктови во штипскиот Здравствен дом деновиве доаѓаат главно повозрасни пациенти – над 65 години, кои примиле вакцина од кинески „Синофарм“ и бараат бустер доза. За неполн месец, откако почна имунизацијата со трета доза вакцинирани се 3.100 пациенти од штипскиот регион

    Стотина вработени во штипската болница се невакцинирани

    Пишува: Весна Коловска

     

    Речиси една петтина од вработените во Клиничката болница во Штип, немаат примено ниту една доза на вакцина против ковид-19. Според раководството на болницата, тоа се здравствени работници кои имаат прележано ковид и досега не се вакцинирале.

    Досега беше личен избор на медицинските лица дали ќе се вакцинираат против ковид. Меѓутоа, најавената па пролонгирана мерка на Владата, според која вакцината за нив ќе стане задолжителна, ќе го покаже и нивниот однос прво кон сопственото здравје, а потоа и кон јавното здравје.

    Директорот на штипската Клиничка болница, Ален Ѓеоргијев вели дека досега вакцинацијата била индивидуален избор.

    Задолжителната вакцинација за здравствените работници засега е само мерка во најава. Од близу 500 вработени, остануваат уште стотина невакцинирани, но тоа се луѓе кои заболеа од ковид – 19, изјави Ѓеорѓијев за „Вистиномер“.

    Доктор Ален Ѓорѓијев
    Фото: Вистиномер

    За разлика од нивните колеги во болницата, во Здравствениот дом „д-р Панче Караѓозов“, само неколкумина се немаат вакцинирано.

    Невакцинираните се бројат на прсти и тоа се главно луѓе со контраиндикации, ни рече д-р Дијана Миланова, координатор за вакцинација.

    Националната координаторка за имунизација, професор Александра Грозданова неодамна упати директна порака кон здравствените работници, кои сè уште се немаат вакцинирано против ковид. Според неа еден здравствен работник воопшто не треба ни да дискутира дали да се вакцинира.

    Александра Грозданова  Фото: vlada.mk

    За нас е поразително дека здравствени работници се промотори на невакцинирањето, верувајте, и професионално и етички е неисправно, поразително е што ја немаме комплетната поддршка од здравствените работници. Ако здравствените работници се промотори на невакцинирањето, ако не веруваат во науката и медицината, тогаш не би требало да бидат дел од здравството, рече Грозданова на онлајн разговорот со новинарите (22.11.2021).

    Д-р Грозданова кажа дека медицинарите не треба да го поставуваат прашањето за вакцинација и против хепатит, морбили, грип и други болести и го посочи примерот со САД, каде не може да се влезе во здравствена институција, без вакцинален картон.

    Според претседателката на Здружението, Александра Георгиева, секој здравствен работник кој не е вакциниран придонесува во разгорување на теориите на заговор околу пандемијата со ковид-19.

     

     Денес кога лекарската фела сноси повеќе одговорност од кога било, кога светот е во војна со невидливиот непријател, а најголем дел од населението внимателно ги следи пораките кои доаѓаат од хероите на модерното време, од круцијално значење е секој здравствен работник да е вакциниран против ковид-19 (доколку не постојат медицински контраиндикации за истата). Со тоа недвосмислено ќе покажеме дека вакцините се сигурни и безбедни за употреба. Моралната одговорност ја надминува која било законска регулатива, вели Георгиева за „Вистиномер“.

    Доктор Александра Георгиева
    Фото: Вистиномер

    Од Здружението на специјализанти и млади лекари се надеваат дека сите кои работат во болниците ширум земјата нема да го чекаат стартот на имплементирањето на мерките предложени од Комисијата за заразни болести, туку што поскоро ќе се јават во најблискиот вакцинален пункт и ќе ја извршат својата  должност за заштита на сопственото здравје и здравјето на оние кои ги лекуваат.

     

    Постарите граѓаните на Штип дојдоа по бустер од „Фајзер“

    На вакцининалните пунктови во штипскиот Здравствен дом, каде се врши имунизацијата против ковид -19, деновиве доаѓаат главно повозрасни, пациенти над 65 години, кои примиле вакцина од кинески „Синофарм“ и бараат бустер доза. Тоа се луѓе кои се загрижени за сопственото здравје, кај кои неколку поминале месеци од втората доза и сакаат да го зајакнат својот имунитет пред зимата. За неполн месец, откако почна имунизацијата со трета доза вакцинирани се 3.100 пациенти. Доктор Дијана Миланова во изјава за „Вистиномер“ вели дека во оваа бројка не се само луѓе од Штип, туку и пошироко од регионот. Како што објасни таа, вакцината на „Фајзер“ се чува на минус 80 степени Целзиусови во фрижидери кои ги немаат околните здравствени центри, па поради тоа заинтересираните се препраќаат во Штип.

    Засега, по најавата на новите мерки, нема зголемување на интересот за вакцинирање. Се чини, тие што сакаа да се вакцинираат, се вакцинираа и сега доаѓаат по трета доза, рече д-р Миланова.

     

    Доктор Дијана Миланова
    Фото: Принтскрин

    Во Штип, според податоците од евиденцијата на штипскиот Здравствен дом, дневно се вакцинираат по 130 пациенти или 630 неделно. За споредба, во мај годинава, кога имаше најголем интерес, дневно се аплицирале по 1.780 вакцини против ковид. Во мај биле потрошени 15.800 вакцини на штипските вакцинални пунктови. Досега со прва и втора доза се вакцинирани 35.000 граѓани од Штип и регионот. Сепак, точната бројка на вакцинирани од Штип ја знаат само администраторите од „Мој термин“, нагласуваат од Здравствениот дом.

    Меѓу вакцинираните има и млади лица. Помал е бројот на тие на возраст 16 -17 години во однос на младите над 18 години.

     

    Вацините против грип и ковид може да се примаат во еден ден

    Во истата зграда на Здравствениот дом, на едниот крај деновиве пациентите доаѓаат за бустер доза, додека на другиот, каде е Институтот за јавно здравје, се примаат вакцините против грип. За десет дена од почетокот на имунизацијата со бесплатни вакцини против грип вакцинирани се 3.100 пациенти, главно постари лица и хронично болни. Епидемиологот д-р Јасминка Саздовска вели дека меѓу вакцинираните има и 2-3 деца од Радовиш.

    Вакцината против грип може да ја примат деца постари од девет месечна возраст. Повозрасните пациенти секоја години се имунизираат и немаат дилема дали треба да ги примат. Никој до сега не пријавил несакани реакции, изјави д-р Саздовска за „Вистиномер“.

    Прашањето дали може во исто време да се прими вакцина против грип и ковид, го разрешиле на редовните едукации за здравствените работници. Овие две вакцини можат да се примат во ист ден, меѓутоа во пракса, како што вели д-р Саздовска, пациентите се претпазливи.

    Пациентите се одлучуваат прво да примат вакцина против грип, па потоа, по две недели, кога ќе се стекне имунитет, се враќаат по бустер дозата за ковид. Само два-тројца пациенти досега во ист ден имаат примено од двете вакцини. Тоа се повозрасни лица, кои патуваат од своето место за да примат вакцина или се помалку подвижни и тешко им е излегувањето од дома, вели д-р Саздовска.

    Националната координаторка за вакцинација д-р Александра Грозданова се повикува на препораките од американскиот Центар за превенција и контрола на болести (CDC) и посочува:

    Оттаму рекоа дека нема никаков проблем да се дадат двете вакцини истовремено, во два различни екстремитети. Може истовремено, но и со временско растојание од една недела – 10 дена, со цел пациентот да се чувствува добро. Кај нас нема таква пракса на истовремено давање на вакцини кај возрасни, освен кај малите деца, додека во некои земји тоа е пракса.

    Според Министерството за здравство, заклучно со 21 ноември, на државно ниво вкупно се вакцинирани 822.751 граѓани, а ревакцинирани се 789.905.

    Трета доза примиле 63.137 граѓани. 57 отстоод граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58 отсто , а со две дози опфатени се 47 отсто од граѓаните над 18 години, стои во извештајот на здравствените власти.

    Сепак, Р. Северна Македонија е со релативно ниско ниво на имунизација против ковид. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар