Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Постот шири лажни информации оти вакцините содржат некаков чип. За ваквите тврдења не постојат никакви научни докази и тие се шират заедно со разноразни теории на заговор, поврзани со вакцинацијата против ковид-19. Објавеното видео, кое наводно докажува дека вакцинираните луѓе имаат чипови преку кои владите ги следат, всушност, е шега на ИТ специјалисти, па оттука и не може да се земе како веродостојно
Пост на Фејсбук шири дезинформации дека во вакцините против ковид-19 има микрочипови кои се вбризгуваат преку иглата, со цел контрола на луѓето.
НАНО ЧЕСТИЧКА – МИКРО ЧИП, КОЈ СЕ ВБРИЗГУВА ПРЕКУ ИГЛА ВО ВАШЕТО ТЕЛО, ЗА КОНТРОЛА НА ЧОВЕКОТ
( Технологијата толку многу напредна, дури не можете да замислите дека “теоријата на заговор” стана реалност, но има умни луѓе кои го докажуваат спротивното.)
▪︎Информациите кои ги пласираме, не се со цел да ве заплашат, туку да се потрудите сами да истражувате и да осознаете, дека веќе ја живеете грдата реалност, која постојано ја негирате, се вели во Фејсбук објавата.
Постот е придружен и со две видеа за кои ќе дадеме подетални објаснувања, со цел кај следбениците на социјалните мрежи да не се создаваат забуни.
На првото видео ќе видите обраќање на повозрасен човек, кој зборува за бар кодовите на вакцините и ова видео умешно е злоупотребено за понатамошната манипулација, дека во вакцините има некакви чипови.
Видеото, всушност, прилог на CBN News, датира од 30 мај 2020 година. Во прилогот се зборува за тоа како вакцината да ѝ се даде на општата популација брзо, односно да стане достапна масовно. Соговорник на новинарката е директорот на американската фирма „Апи Џект“, Џеј Волкер.
Тој зборува дека компанијата и администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп влегле во јавно-приватно партнерство, чија цел е до крајот на 2020 година да бидат подготвени барем 100 милиони дози од вакцината спремни за инјектирање.
Директорот на компанијата кажува дека секој од шприцовите имаат можност на нив да има уникатен чип со сериски број, кој е единствен за секоја аплицирана доза. Волкер дополнува дека овој чип, кој е опционален, има намена да осигура дека дозата нема истечен рок и дека вакцината не е фалсификувана.
Чипот се однесува само на дозата, нема лични податоци за пациентот. Едноставно, делува како бар код од кој што знаеме кога и каде таа доза била искористена. Исто така, им помага на здравствените работници да знаат дали доволен број луѓе во одредена област се вакцинирани. Оваа технологија е опционална и САД нема уште одлучено дали ќе ја користи, вели Волкер.
„Апи Џект“ е компанија која се занимава со полнење на медицински шприцеви однапред со веќе произведени вакцини. Причината поради којашто некои побогати земји можат да си дозволат услуга некоја фирма претходно да им ги наполни шприцевите, е тоа што на таков начин полесно и побрзо може да се администрираат дозите.
Од разговорот со директорот на компанијата очигледно е и дека таа нуди опција за чип, односно баркод кој може, но и не мора да биде ставен на самиот шприц, којшто ќе може да даде информација кога и каде дозата била администрирана и кога е наполнета, без притоа тој чип да биде вбризган во телото на пациентот. Значи, не станува збор за чип којшто ќе биде инјектиран внатре, туку за баркод или чип што е на шприцот и има улога да потврди дека дозата е искористена, дека вакцината е оригинална и да даде информации колку луѓе во одредена област се веќе вакцинирани.
Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите, односно на вакцината, а не на човекот.
Видеото со Волкер е злоупотребено за да се манипулира јавноста дека во луѓето преку вакцините се вметнуваат некакви чипови за нивно следење, а за да се засили ваквата манипулација и теорија на заговор, во постот што го рецензираме е објавено уште едно видео на кое се слуша машки глас кој покажува некакви нејасни податоци на компјутер и вели дека тоа е база на податоци за луѓето во Русија кои биле вакцинирани со вакцината „Спутник-В“. Според тврдењето во видеото, на сите оние кои примиле вакцина им бил вметнат чип, па оттука владата имала податоци за луѓето кои се вакцинирале. Базата со податоци, според тврдењето на гласот на видеото, постои во „Даркнет“.
Тврдењата во ова видео, украинскиот сервис за проверка на факти, Вокс Украина, ги има дебанкирано уште во април 2021 година. Видеото не прикажува никаква база на податоци на луѓе, туку станува збор за шега на ИТ специјалисти, што може да биде неразбирливо за обичните корисници, пишува порталот.
Видеото ја прикажува конзолата (интерфејс на командната линија) – програма што му овозможува на компјутерскиот оператор да комуницира со оперативниот систем. Обично, дисплеј, тастатура и глушец се користат за контрола на програми на компјутер, но во овој случај, се користат само екранот и тастатурата. Во видеото се прикажува конзолата за оперативниот систем Линукс.
Прво, коментаторот изведува операција со тестот за аудио -test.mp4 и за ова време кажува како наводно ја нашол базата на податоци за вакцинирани во „Даркнет“.
Коментаторот потоа ја извршува командата SSH, команда на оперативниот систем Линукс што се користи за поврзување со оддалечен компјутер или сервер со помош на конзолата. Но, можете да се поврзете со локален домаќин, односно сопствен компјутер – ова е коментаторот и тој тоа го прави. 127.0.0.1 – го означува локалниот домаќин, односно истиот компјутер од кој се извршуваат командите. Затоа, коментаторот не се поврзува со вакцинираната база на податоци некаде на серверот.
Тогаш коментаторот се чини дека ги прегледува податоците на неговиот вакциниран пријател. Тука станува збор за информации за процесорот – се прикажуваат информации за процесорот. И процесорот, кој наводно бил воведен заедно со вакцината- Elbrus-e2k-e2c +. Сепак, димензиите на куќиштето на микропроцесорот се „Elbrus-2C +” – 37.5 mm × 37.5 mm.
Очигледно, таков голем „чип” не може да помине низ игла за време на вакцинацијата, заклучува Вокс Украина.
„Вистиномер“ веќе има пишувано дека вакцините против ковид-19 не содржат никакви чипови.
Првиот доказ за тоа е дозата на вакцината. Таа е помала од еден милилитар! Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Ова го потврдиле и проверувачи на факти од Австралија кои се занимавале со ова прашање.
Интерната димензија на иглата е 0.3 милимери. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.
Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал.
Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за Политифакт изјави дека идеата за една вакцина која содржи РДИФ технологија е апсурдна.
И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз, вели доктор Вилбур Чен.
„Вистиномер“ веќе ја има дебанкирано информацијата дека вакцината Спутник-В содржи графен оксид и дека со неа се вградува чип.
Составот на вакцините кои се аплицираат во Македонија е јавно достапен на страницата „ковид19вакцинација.мк“. Од приложените документи може да се види дека ниту една вакцина не содржи чипови.
Вакцината Спутник конкретно, содржи активна супстанција: рекомбинантни аденовирусни честички серотип 26, кои содржат ген протеин С на вирусот SARS-CoV-2 и помошни состојки: трис(хидроксиметил)аминометан, натриум хлорид; сахароза; полисорбат; магнезиум хлорид хексахидрат; динатриум сол дихидрат на етилендиаминтетраоцетна киселина; етанол; вода за инјекции.
Од сето ова може да заклучиме дека постот кој го анализираме шири лажни информации оти вакцините содржат некаков чип. За ваквите тврдења не постојат никакви научни докази и тие се шират заедно со разноразни теории на заговор поврзани со вакцинацијата против ковид-19. Објавеното видео, кое наводно докажува дека вакцинираните луѓе имаат чипови преку кои владите ги следат, е, всушност, шега на ИТ специјалисти, па оттука и не може да се земе како веродостојно.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар