×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во тетовските училишта има малку деца заболени од ковид-19

    17.12.2021 08:09 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Состојбата во тетовските училишта е стабилна, од Центарот за јавно здравје велат дека нема многу деца позитивни на ковид-19. Протоколите создаваат одредени тешкотии во наставата, но подобро на училиште со физичко присуство, отколку онлајн настава, велат просветарите

    Во тетовските училишта има малку деца заболени од ковид-19

    Пишува: Зоран Димовски

     

    Во сите основни и средни училишта во Тетово има само двајца позитивни ученици, а од почетокот на оваа учебна година евидентирани се вкупно 73 деца заразени со ковид-19. Според бројките може да се каже дека состојбата со вирусот во училиштата е стабилна, благодарение на протоколите за одвивање на наставата, велат за „Вистиномер“ од Центарот за јавно здравје Тетово.

    Во оваа учебна година голем дел од случаите беа поединечни, а на почетокот од минатиот месец имавме трансмисија на болеста, па моравме да затвораме класови во две тетовски училишта. Ние со позитивните ученици правиме анкета и правиме проценка на ризик, дали има потреба да оди класот цел во изолација, или пак, само неколку деца, кои биле во близина на позитивниот. Но, на пример ако детето било дома десетина дена, тогаш и нема потреба никој од училиштето да оди во изолација, помината е значи инкубацијата.

    Сега имаме двајца позитивни ученици, со едното дете имаме направено анкета, тоа  е заразено дома од самите родители. Истото дете и претходно седум дена било дома, што значи нема потреба да се става цел клас во изолација. Сега треба да направиме анкета и со другото дете, вели Зорица Апостолоска, епидемиолог во Центар за јавно здравје Тетово.

    На 5 ноември годинава ученици од  гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ и од економското училиште „8 Септември“ во Тетово,  ја бојкотираа наставата и одржаа предупредувачки протест, барајќи училиштата и Општината, како и институциите, доследно да ги почитуваат и спроведуваат мерките за заштита од ковид- 19. Побараа превоз на учениците според протоколите, како и повеќе дезинфекциски средства во школите.

    Од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово за „Вистиномер“, велат дека во училиштата има доволно седства за дезинфекција. Оттаму потврдија дека превозниците кои ги возат учениците, не толку внимаваат на протоколите. Исто така,  додаваат дека има премногу гужви, особено во комби превозот и притоа напоменуваат дека инспекциите треба да бидат повеќе на терен и да си ја вршат работата.

    Сите знаеме дека кога беше големиот бран на ковид-19 наставата се одвиваше онлајн, немаше физичко присуство на учениците. Кога одлучи Владата дека може наставата да се одвива со физичко присуство, оттогаш општината ги презеде сите заштитни мерки за да може да се одвива овој процес. Кај сите училишта се почитуваат тие мерки, има дистанца, носење на заштитни маски и други потребни материјали, стретсва за дезинфекција и нема пречка да се прекине наставата, таа се одвива нормално. Ако се појави некој случај на заразен ученик, се преземаат мерки, соодветно протоколите. Точно е дека кај комби превозниците и не толку се почитуваат протоколите, има премногу гужви, но тоа треба да го контролираат тие органи кои имаат ингеренции, да ги следат работите за да не дојде во јавен транспорт да се заразиме, ни рече Назми Даути раководител на Сектор за јавни дејсноти при Општина Тетово.

    Назми Даути раководител на Сектор за јавни дејсноти при Општина Тетово Фото: Вистиномер

    Од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово велат дека на почетоците им создавало проблеми самото назначување на човек за мерење на температура на децата пред влезот на училиштата, со оглед на немање на доволно кадар, но и контролата на илјадници деца кои ги има во одредени училишта,.

    Мислам дека овие протоколи се потребни дека се работи за здравјето на учениците и сум за тоа стриктно да ги почитуваме мерките. Сакам да кажам дека пандемијата влијае врз успехот на учениците, не е иста состојбата кога сме во пандемија, се губи концетрацијата кај децата. Сите треба да ги почитуваме мерките, за себе и за околината. Мора да внимаваме, младите се движат секаде,  патуваат со комбиња, затоа мора да се почитуваат сите мерки, вели Даути.

    Небојша Арсиќ, директор на подрачното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово, вели дека во моментот преминот од онлајн настава која лани се спроведуваше поради високите бројки на заразени, во настава со физичко присуство, малку е проблематичен, но според него, од второ полугодие децата ќе се навикнат. Вели дека се забележуваат одредени потешкотии со протоколите, особено со носење на маски, поради што и децата губат коцентрација, па не можат со целосен капацитет да ја следат настават. Ама, сето тоа не влијае на целокупниот успех на ученикот и на неговото совладување на материјалот.

    Кога беше онлајн наставата имаше некои потешкотии кои негативно влијаеа на успехот. Немаше доволно дисциплина, немаше редовност и сега после една година ги враќаш на настава со физичко присуство и со одредени протоколи со маски и сето тоа влијае на децата. Кога беше онлајн наставата не учеа со полна пареа и сега додека фатат ритам, пак ќе им треба време. Но, со онлајн наставата имаше поголеми проблеми, пред сè од технички аспект. Учениците се жалеа нема интернет, камерата не ми се вклучува, па некое дете нема лап топ, па не можат да се вклучам и слично.

    Сега,  на децата највеќе им смета носењето на маска, затоа што мора маската цел час да биде на детето. Тоа ги мачи, немаат доволно кислород, мислат на маската ја вадат, па ја ставаат,  а со тоа се губи од концетрацијата.

    Додека другите протоколи не се проблематични. На пример, не смееш да се мешаш со други класови, не смееш надвор да излегуваш на голем одмор, тоа не преставува проблем, вели директорот Арсиќ.

    Небојша Арсиќ, директор на подрачното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово Фото: Вистиномер

    Пандемијата го зеде данокот во образовниот просец, согласни се соговорниците на „Вистиномер“, но донесе и некои позитивни работи, особено кај децата. По изминати голем број месеци со полициски часови и изолации, децата сега го ценат секој поминат миг со другарчињата и наставниците,  а повеќе внимаваат и на личната хигиена – заштита, што е особено важно за превенција од ковид-19, но и од други заразни болести.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар