×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Зголемен бројот на пациенти со кардиоваскуларни болести во охридскиот регион

    31.12.2021 12:32 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Ковид-19 е мултиорганско заболување кое ги афектира не само белите дробови, туку и целиот кардиоваскуларен систем резултирајќи со различен степен на компликации, од полесни до потешки компликации поврзани со летален исход, велат лекарите. Во втората година од пандемијата во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ – Охрид најчести дијагнози се пореметувања на срцевиот ритам, зголемен крвен притисок, тромботични проблеми и срцева слабост. Болницата има посебно болничко крило – ковид центар, во кој се лекуваат најтешките ковид пациенти со хронични кардиоваскуларни заболувања. Таму беа згрижени околу 200 пациенти од кои неколкумина беа вратени во живот од распиратор

    Зголемен бројот на пациенти со кардиоваскуларни болести во охридскиот регион Фото: Вистиномер

    Пишува: Соња Рилковска

     

    Во Југозападниот регион во земјава евидентно е зголемен бројот на новооткриени пациенти со кардиоваскуларни  болести. Во втората година од пандемијата во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ – Охрид најчести дијагнози се пореметувања на срцевиот ритам, зголемен крвен притисок, тромботични настани и срцева слабост. Дел од пациентите го прележале корона вирусот, што пројавува сомнеж дека се работи за постковид компликации, но според лекарите тоа сè уште не е научно потврдено.

     

    Д-р Елена Коваческа Башуроска
    Фото: Вистиномер

    Медицинската наука во светски рамки сè уште нема конкретни одговори на прашањата во колкава мера и на кој начин овие состојби се поврзани со ковид пандемијата. Нашите пациенти заради кардиолошките дијагнози се во групата на високоризични пациенти со поголема веројатност да развијат тешка форма на ковид. Од друга страна особено во првата година од пандемијата ја избегнуваа посетата во болничките установи и дел од нив останаа без редовните кардиолошки контроли. Ние останавме отворени за овие пациенти за целиот период, сега се соочуваме со зголемен број на прегледи и апелираме до сите наши пациенти редовно да бидат во контакт со своите кардиолози и да не ги занемаруваат евентуалните новонастанати симптоми и состојби, вели за „Вистиномер“ д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид.

    Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“, има посебно болничко крило, ковид центар во кој се лекуваа најтешките ковид пациенти со хронични кардиоваскуларни заболувања. Таму беа згрижени околу 200 пациенти од кои неколкумина беа вратени во живот од распиратор.

    Кај нас беа третирани пациенти со особено тешка клиничка слика. Тоа подразбира дека ги имаа сите од познатите компликации на ковид. Речиси сите хоспитализирани пациенти беа на кислородна подршка, а околу 10 отсто од нив имаа потреба од неинвазивна механичка вентилација. Шестимина беа интубирани и поставени на инвазивна механичка вентилација, а двајца од нив успешно го завршија лекувањето, благодарение на тимот лекари составен од  искусен анестезиолог, интернисти и кардиолози кои беа вклучени во 24 часовна грижа за ковид пациентите. Со задоволство може, да се каже дека успешно се справувавме со сите предизвици , користејки ги сите препорачани  начини на лекување и на тој начин беа спасени многу животи, вели д-р Башуроска.

     

    Интензивна нега во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања
    Фото: Вистиномер

    Вакцинацијата за пациентите со кардиоваскуларни заболувања е приоритетна. Таа го намалува ризикот од тешки компликации од ковид-19, токму затоа лекарите препорачуваат вакцинација.

    Вакцинацијата останува најефикасниот начин на заштита од инфекција со ковид и особено од развој на тешка клиничка слика. Се разбира дека на нашите пациенти им препорачуваме задолжително да се вакцинираат, а согласно препораките да примат и трета бустер доза, вели д-р Башуроска.

    Пациентите со кардиоваслуларни болести мора да бидат свесни за значењето на вакцината против ковид-19.

    Вакцините се моментално најефикасниот начин за спречување на можноста за хоспитализација, како и појавата на некои од овие компликации. Имено, според направените студии, повеќе од 80 отсто од хоспитализираните пациенти, се невакцинирани, наспроти оние 20 отсто, кои најчесто поминуваат со полесна клиничка слика и скратен болнички престој. Бенефитот од самата вакцина е далеку поголем од самиот ризик за несакани ефекти (кој е процентуално незначителен), наспроти самите постковид компликации, вели д-р Марио Јованоски од Здружението на лекари специјализанти.

     

    Болнички оддел во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид Фото: Вистиномер

    Ковид-19 е мултиорганско заболување кое ги афектира не само белите дробови, туку и целиот кардиоваскуларен систем резултирајќи со различен степен на компликации, од полесни до потешки компликации поврзани со летален исход, велат лекарите.

    Самата болест доведува до една проинфламаторна и хиперкоагулабилна состојба (зголемена склоност кон згрутчување на крвта), клинички презентирајќи се со појава на венски тромбоемболизам, како и појава на останатите кардиоваскуларни компликации. Ваквите последици многу често ги гледаме во постковид периодот кога зачестеноста на миокардитисот (воспаление на срцевиот мускул),  води до ослабнување на срцето, како кај помлади, така и кај постарите индивидуи, со што значително го намалуваат квантитетот и квалитетот на живот. Дополнително, миокардитисот во акутната фаза е асоциран со аритмии кои може да бидат животозагрозувачки, вели д-р Јованоски.

    д-р Марио Јованоски од Здружението на лекари специјализанти

    Белодробниот емболизам е трета по ред причина за смртност од страна на кардиоваскуларниот систем.

    Истиот се јавува како во акутната фаза (посебно асоциран со пролонгираната терапија и хоспитализација), така и во постковид периодот, па така и бројот на хоспитализации расте во периодот кој следи. Не ретко, во секојдневната пракса, гледаме како оваа хиперкоагулабилна состојба се презентира и со зголемена инциденца на срцеви и мозочни удари, оштетување на бубрежната функција, која претставува сериозен удар за здравствениот систем, додава д-р Јованоски.

    Болницата за кардиваскуларни заболувања во Охрид, која го покрива Југозападниот регион е втора по големина во земјава, каде се вршат околу 1.600 интервенции годишно. Месечно се прегледуваат по 1.200 пациенти и има просечно околу 150 оперативни интервенции.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар