×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Институциите „неми“ за медиумите: Тетовските новинари мака мачат да дојдат до информации

    12.04.2022 07:06 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Повеќето институции во Тетово се затворени за медиумите, а со тоа и јавноста нема никакви информации за  нивните активности. Најчесто се работи за регионалните дирекции на државните институции, судството и обвинителство, но и тетовската клиничка болница. Голем дел од институциите не ја разбираат потребата на медиумите, а со тоа и на јавноста, за навремени, точни и брзи информации

    Институциите „неми“ за медиумите: Тетовските новинари мака мачат да дојдат до информации Фото: pixabay.com

    Пишува: Зоран Димовски

     

    „Не можеме, немаме време, зафатени сме“. Ова е најчестиот одговор што новинарите од Тетово го добиваат од повеќето институции кога поставуваат прашања поврзани со одредена тема на која работат. Голем дел од новинарите се жалат дека од тетовските државни институции не можат да ја добијат потребната информација навремено, веб-страниците на дел институции не се ажурираат навремено, а со самото тоа граѓаните се оневозможени да дојдат до тековните информации.

    Сопственикот на порталот „Тетово Инфо“ и дописник за „МИА“ и „ТВ Алфа“, Александар Самарџиев вели дека со ваквиот пристап институциите создаваат слика во јавноста дека нешто кријат. Кај новинарите предизвикуваат дури и одбивност да пишуваат за одредени теми, бидејќи знаат дека ќе бидат одбиени за некоја информација што им е потребна за целосно и професионално да известат за одреден проблем.

    Како новинар честопати сум бил одбиен за одговор со изговор „не можам сега имам работа“ и тоа од преставници на институции, односно од раководители на институции кои на ваков начин испраќаат порака дека нивната работа е поважна од нашата. Раководните лица во институциите или не сфаќаат или ја злоупотребуваат функцијата и не дозволуваат информирање на јавноста, иако тоа им е обврска. Секогаш кога пишуваме дека институцијата не дава одговор, во нашиот онлајн медиум има коментари дека институцијата нешто крие или има направено некаква злоупотреба, вели за „Вистиномер“ новинарот Александар Самарџиев.

    Главниот и одговорен уредник на регионална телевизија „Коха“, Урим Хасипи, вели дека 70 отсто од институциите во Тетово се затворени за медиумите, а со тоа и јавноста нема никакви информации за нивните активности. Најчесто се работи за регионалните дирекции на државните институции, но во оваа смисла прилично се затворени и судството и обвинителство, како и тетовската клиничка болница.

    За нас како новинари голем проблем е тоа што добар дел од институциите одбиваат дадат информции и да одговорат на нашите прашања. Тоа се разбира нè ограничува во пишувањето на нашите текстови. Има и институции, претежно државни, за кои воопшто не знаеме кои им се раководители или директори, вели за „Вистиномер“ Хасипи.

    Како пример за затвореност кон медиумите, тој ги посочува Дирекцијата за храна и канцеларијата на Центарот за развој на полошкиот плански регион.

    Затоа се случува од одредени институции да пристигнуваат повеќе деманти отколку информации. Тие деманти се резултат на тоа што не даваат доволно информации, па понекогаш новинарите мора да објават макар и неофицијална информација, оти немаат официјална. Сепак, како позитивен пример морам да го споменам СВР Тетово, но такви се ретки, вели Хасипи.

    Претседателот на тетовскиот огранок на ЗНМ, Башким Сулејмани воедно и дописник за „ТВ Алсат М“, вели дека институциите од година во година се сè позатворени. За ваквиот пристап реагирале како Здружение до сите нив, добивајќи уверување дека во иднина ќе бидат отворени за соработка. Но, конструктивноста на институциите имала краток век и по неколку дена повторно не одговарале на телефонските повици и не давале изјави.

    И покрај тоа што со одредени институции сме имале неколку семинари за пристап до информации, на коишто биле присутни и обвинители и судии и сме добиле уверување дека ќе имаме постојано информирање и добра соработка, сепак тоа во пракса не се случи. Интересно е дека истите луѓе од институциите кога се пред камери и кога организираат настани, се многу демократски настроени и отворени за кое било прашање. Ама, за жал се покажа дека тоа е само декларативно искажана подготвеност за соработка. Иако, ние бараме информации од јавен карактер, а не податоци кои се заштитени и не е дозволено да се објават, раскажува Сулејмани за „Вистиномер“.

    Ако не се промени нешто во блиска иднина од тетовската канцеларија на ЗНМ најавуваат медиумски молк, како одговор на затвореноста на институциите.

    Јасмина  Миронски, експерт за односи со јавност, смета дека голем дел од институциите не ја разбираат потребата на медиумите, а со тоа и на јавноста, за навремени, точни и брзи информации. За да имаме објективно новинарство во приказната мора да се прикажат повеќе страни, вели таа.

    Сум работела за странска агенција, за „Франс Прес“, и мене некоја информација не ми требала „денес“, туку веднаш. На новинарите им требаат брзи информации, сепак голем дел од нив работаат на полето на дневно новинарство. Штета што некои институциите не го даваат веднаш одговорот, оти тоа би било во нивна полза. Не умеат да ги искористат медиумите и да соберат одредени поени.

    Но, сум била и од другата страна на приказната. Сум држела обуки и со дел од институциите и впечатокот ми е дека не секогаш ја разбираат потребата од комуникацијата со новинарите. Тие треба да знаат и да умеат кога е важно брзо да реагираат, зошто тоа е во интерес на јавноста. Ако не даваат информации, тие оставаат простор за манипулации, дезинформации, лажни вести. Новинарите на крајот од денот мора да си ја завршат работата, мора да најдат некоја информација и така можеби ќе дојдат до некои податоци кои не се точни, инсајдерски или половично точни.

    Има и ситуации кога институциите немаат доволно ресурси, немаат служба за односи со јавност, па така трпат и медиумите и јавноста, вели за „Вистиномер“ Миронски.

    Поранешниот дописник за „ТВ АЛФА“, Милена Вучевска, а сега вработена во Секторот за односи со јавност при Општина Тетово, вели дека како новинар се соочувала со големи препреки кога се обидувала да добие одговор од одредени институции. Сега кога и таа е дел од институција, во сектор којшто е своевиден сервис на медиумите, смета дека дел од проблемот лежи во несоодветната екипираност на ПР службите во институциите.

    Сметам дека институциите немале ефикасни ПР служби, не знаеле или едноставно не се обрнувало внимание на овој дел, не му се давало важност. Сепак, за да работиш во одредена ПР екипа, треба да го разбираш односот медиум – институција. Многу е важно оној што ќе работи во ПР служба, претходно да имал некаква допирна точка со медиумите или самиот да бил новинар, така најдобро ќе знае каде се грешките и како да се исправат.

    Односите медиум – институција мора да бидат транспарентни, тоа е за доброто на двете страни, особено за афирмација на самата институција. Колку е таа институција поотворена, толку граѓаните ќе имаат кон неа поголема доверба. Недавањето информација, остава простор за шпекулација и недоверба кај граѓаните, а и самиот медиум ако нема никаква информација и кај него се остава простор за шпекулација и манипулација со информациите. Веќе трет месец сум дел од ПР службата на Општина Тетово, се надевам и гледам низ призмата на новинар дека работите мора да се поправат. Што е најважно, моите колеги ги прифаќаат сугестиите и има волја работите да се подобрат, вели Вучевска.

    Наштите соговорници се согласни дека и веб-страниците на одредени институции, како на пример, на Основниот суд Тетово или, пак, на Клиничката болница Тетово, не се ажурираат доволно и едвај објавуваат по една информација во текот на месецот. И во последниот Извештај на Европската комисија се наведува дека сите институции треба редовно да ги објавуваат и ажурираат податоците на нивните веб-страници.

     

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар